Европа
Во Украина и натаму се крши примирјето
Артилериски плотуни и истрели од пешадиско оружје се слушаат и натаму на истокот од Украина, една недела по започнувањето на примирјето, а прозападните власти во Киев и рускојазичните бунтовници се обвинуваат меѓусебно, пренесуваат агенциите.
Тројца цивили загинале гранатирање во Авдовска, село коешто е под контрола на украинските владини сили, на десетина километри од центарот на рускојазичните бунтовници Донецк, изјави во саботата Вајачеслав Аброскин, началник на локалната прокиевска милиција. Еден украински војни загинал а 40 се ранети изминатото деноноќие, изјавил воениот украински портпарол, Андриј Лисенко.
Истовремено, властите на самопрогласената ткн „народна република“ Донецк објавија дека изминатава седмица почетокот на примирјето кое стапи на сила на полноќ на 15-ти февруари, биле убиени над 140 цивили. Тие прецизираа дека од 14-ти до 20-ти февруари како резултат на нападите од страна на украинската армија биле убиени 145 луѓе, и тоа едно 9-годишно дете, 133 мажи и 11 жени. Покрај тоа, иле хоспитализирани 58 луѓе со прострелни рани и повреди од шрапнели. Во извештајот се наведува дека се откриени и повеќе цивилни жртви во „ослободеното“ Дебалцево, чии тела „не се најдени само на бојното поле, туку и во нивните домови“.
Претходно во петокот заменикот главен командант на НАТО, генералот Адриан Бредшоу изјави дека стравува оти Русија би можела да заземе територии од земјите од Алијансата. „Русија би можела да помисли дека конвенционалните сили од големи размери коишто успеа да ги мобилизира за кусо време… во иднина би можела да ги искористи не само за заплашување и за принуда над некоја земја, туку и за освојување на територии на НАТО“, оцени генералот.
Рускиот претседател Владимир Путин, пак, во петокот навечер за време на одбележувањето на претстојниот Ден на бранителите на татковината, кој се слави во чест на оние кои служеле во војска, порача дека „Никој не би требало да негува какви и да се илузии дека е можно да се постигне воена надмоќ над Русија или таа да се изложи на некаков притисок. Како и секогаш, ние имаме адекватен одговор на таквите непромислени акти“.
Киев во петокот ја одбележа првата годишнина од бунтот на прозападната опозиција со кој го собори претседателот Виктор Јанукович и дотогаш владејачката Партија на регионите, која потоа беше распуштена, бунт кој го нарекува „проевропска револуција“ но која доведе до поделба на земјата, откако во еуфоријата од преземањето на власта прозападните сили прво ги сменија дотогашните избрани регионални администрации и го укинаа законот за јазиците со што рускиот го загуби статусот на државен, што беше повод регионите населени со доминантно руско и рускојазично население на југоистокот од Украина да се побунат. Така, уште во март минатата година црноморскиот полуостров Крим одржа референдум за враќање на автономијата укината во 1990-те по осамостојувањето на Украина и се присоедини на Руската Федерација, што Западот го смета за нелегално руско анектирање на украинска територија. Потоа и жителите на источните региони Донецк и Луганск, по примерот на прозападната опозиција во Киев, ги зазедоа зградите на административните згради, а откако украинската армија во април поведе акција којашто Киев ја нарекува „антитерористичка операција“, започна воениот конфликт во кој според ОН досега загинале над 5.700 луѓе.
„Оваа револуција беше (…) победничка битка за нашата независност“, рече украинскиот претседател Петро Проошенко пред масата собрана на киевскиот Плоштад на независноста (Мајдан) од каде што почна соборувањето на неговиот претходни Јанукович, обвинет дека ја свртува земјата кон Русија.
Во Москва, пак, во саботата се одржа ткн „Антимајдан“, собир на кој се собраа 35.000 илјади луѓе. „Поучени од украинскиот пример нема да дозволиме Мајдан во нашата земја“, порачаа припадниците на „Движењето против Мајдани“, алудирајќи на наводното учество на западните влади во минатогодишните настани во Киев.
Во сабота се очекува до крајот на денот да биде извршена размената на повеќе десетици заробени борци од двете страни по принципот „сите за сите“, врз основа на договорот од Минск од 12-ти февруари, според кој по воспоставувањето на прекинот на огнот и повлекувањето на тешкото оружје, што инаку не е уште докрај почитувано, треба да се разменат сите заробеници. Во Луганск се’ уште се очекува да се разменат по 40 војници од двете страни, што е првиот ваков потег последните неколку седмици. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

