Европа
Во земјотресот во Италија 278 мртви, во сабота ден на жалоста

Бројот на загинатите во земјотресот кој во средата 24-ти август утрото ја погоди централна Италија, се зголеми на 278, а продолжува потрагата меѓу урнатините, иако се сé помали шансите дека може да бидат пронајдени преживеани, соопшти во петокот вечерта италијанската служба за цивилна заштита, ден пред денот на жалоста.
Претставник на службата за цивилна заштита изјави на прес-конференцијата во Рим дека лекарска помош досега побарале 388 луѓе, додека без покрив над главата останале 2.500 луѓе. Од 278 загинати, 218 се од местото Аматриче.
Пожарникарите и натаму трагаат по евентуално преживеани, но не можат да потврда дека се исчезнати уште најмалку 15 лица, како што тврди градоначалникот на Аматриче. Властите сé уште не можат со сигурност да кажат колку лица се водат како исчезнати, бидејќи ова старо живописно гратче во текот на летото е полно со туристи и многу жители на Рим кои таму имаат викенд куќи, и бројот на жителите двојно или тројно се зголемува. Од четвртокот не е пронајден ниеден преживеан.
„Ќе продолжиме да трагаме и да копаме додека не бидеме сигурни дека веќе нема никој“, изјави Луиџи Д’Анџело, локален функционер на цивилната заштита. Меѓутоа, урнатините започнаа да се отстрануваат со багери, што значи дека надежите дека би можело да има уште преживеани се сé помали, забележуваат медиумите.
Во Италија саботата е прогласена за ден на жалоста. Знамињата ќе бидат спуштени на половина копје во целата земја поради погребот на жртвите од Аркваа дел Тронто, едно од трите населби на Апенините кои беа најтешко погодени од земјотресот. На погребот на триесетината жртви, вклучително и неколку деца во Асколи Пичено, во подножјето на планините, ќе присуствуваат италијанскиот претседател Серџо Матарела и премиерот Мате Ренци./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин