Европа
Возот со телата од жртвите во несреќата во понеделник ќе го напушти истокот на Украина

Тројца членови на холандскиот тим за идентификација на жртвите од несреќата со малезискиот авион кој пренесувал 298 патници и членови на екипажот во понеделникот ги прегледале телата кои биле сместени во специјални вагони со комори за ладење во местото Торез на истокот од Украина и најавиле дека возот во текот на денот ќе го напушти тоа место.
Експертот за судска медицина, Петер Ван Вилет, изјавил дека возот ќе биде преместен „таму каде што ќе може тој да си ја заврши својата работа“, пренесува Reuteurs.
„Возот во текот на денот ќе тргне со посмртните останки на жртвите, но не го знаеме точното време, ниту дестинацијата на која ќе бидат однесени телата, но добивме ветување дека ќе ни биде овозможено да ги преместиме“, рекол Вилет пред новинарите кои биле собрани околу железничката станица во Торез, град кој е под контрола на проруските бунтовници.
„Јас само сакам возот да стигне онаму каде што ќе може да си ја завршиме нашата работа. Тоа е во интерес на сите страни, а особено на семејствата на жртвите“, истакнал Ван Вилет.
Холандскиот тим за идентификација на жртвите оф катастрофата пристигнал во Донецк во понеделникот и веднаш ги прегледал телата на жртвите, а тоа се всушност и првите меѓународни истражувачи кои стигнале на територијата која е под контрола на проруските сили по авионската несреќа што се случи во четвртокот на 17-ти јули, и во која загинаа 298 ллица, од кои 192 биле патници од Холандија./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Пилот се катапултирал од украински борбен авион Ф-16, не е познато што се случило

Украина утрово изгуби борбен авион Ф-16 по инцидент во лет, при што пилотот безбедно се катапултирал, соопштија украинските воздухопловни сили.
„Според прелиминарните податоци… во авионот се случила невообичаена ситуација. Пилотот го оддалечил авионот од населени места и успешно се катапултирал“, се наведува во соопштението на платформата Телеграм.
Воздухопловните сили соопштија дека пилотот се чувствува добро.
Посочија дека несреќата не е резултат на руски оган и дека е назначена комисија за да ги истражи сите околности на инцидентот.
Ова е второ соборување на авион Ф-16 откако Киев почна да добива борбени авиони од сојузниците на САД минатата година во рамките на програмата одобрена од администрацијата на поранешниот американски претседател Џо Бајден.
Кон крајот на август 2024 година, се урна еден Ф-16, а неговиот пилот загина додека одбиваше голем руски воздушен напад.
Украина не го открива бројот на авиони што ги добила од сојузниците.
Европа
Нема директни преговори меѓу Украина и Русија: трилатерални средби во Истанбул денес

Трилатерални средби најверојатно ќе се одржат во Истанбул денеска наместо мировни преговори што требаше да започнат меѓу делегациите на Русија и Украина во турскиот мегалополис, изјави синоќа извор од турското Министерство за надворешни работи.
„Трилатерални преговори меѓу САД, Украина и Турција“ од една страна и меѓу „Руската Федерација, Украина и Турција“ од друга страна се на дневен ред, рече изворот.
Затоа, се чини дека директни преговори меѓу Русија и Украина нема да се одржат.
Европа
Зеленски сака да го разоткрие Путин: ја игра неговата игра, но дали ќе успее, анализира „Скај“

Кога Володомир Зеленски денес ќе слета во Анкара на средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, тоа нема да биде уште еден протоколарен самит со ракувања и изјави за медиумите.
Она што ќе го видиме е игра на висок геополитички покер – Зеленски прифати улога во таа игра и сега се обидува да го оспори блефот на Владимир Путин пред очите на целиот свет, анализира „Скај“.
На масата ќе биде и Ердоган, кој може да игра улога на посредник и судија во оваа ситуација. Влоговите се огромни – иако изгледа неверојатно, можеби токму денеска може да почне расплетот на најкрвавата војна во Европа од 1940-тите.
Сепак, Зеленски сака да го искористи овој потег за да ги разоткрие изјавите на Путин за мир и да покаже дека тие се празни, бесмислени фрази без никаква содржина.
Доколку рускиот претседател се појави – што сега изгледа малку веројатно откако синоќа беше објавено дека доаѓа руска делегација, а не тој лично – Зеленски најави дека веднаш ќе отпатува од Анкара за Истанбул, каде што ќе се одржат директни преговори. Тоа е класична, но исто така многу промислена форма на психолошко надмудрување: Зеленски ја игра играта на Путин, но не му остава простор за маневрирање.
Актуелниот американски претседател Доналд Трамп го повика Зеленски да го прифати предлогот на Русија за директни преговори, што дојде неочекувано во неделата.
Тој предлог дојде откако Украина и нејзините сојузници повикаа на безусловно 30-дневно примирје – Кремљ се обиде да ја разблажи таа иницијатива со контрапредлог што би ги одложил конкретните потези. Зеленски сега ја прифати „понудата“ на Путин и практично го принуди да го направи следниот потег.
Секако, можно е Путин да се појави – тоа би бил знак дека го чувствува притисокот: санкциите, загубите на бојното поле, а можеби и факторот Трамп, му стануваат сè потешки.
Но, ако не се појави, ќе покаже она што многумина веќе го мислат – дека е агресор кој нема вистинска волја за мир и само одложува со испраќање пониска делегација.
Тоа би била морална победа за Украина – и можеби тоа би било доволно за Зеленски да добие поголема воена помош од администрацијата на Трамп, и покрај нивната досегашна воздржаност.
Клучното прашање е: може ли Путин да си дозволи лично да не учествува во мировните преговори во Турција? Можеби може. Но, секој ден што поминува без неговото пристигнување – особено откако предизвикот беше јавно упатен – сè појасно покажува кој навистина не сака војната да заврши.
Зеленски добро го знае ова. Па така, тој оди во Турција и седнува на масата, поканувајќи го Путин да седне спроти него. Понекогаш дипломатијата не е прашање на преговори и компромис. Понекогаш самото појавување е доволно.