Европа
WikiLeaks: САД и економски ја шпионирале Франција
Како што беше најавено, парискиот дневен весник Liberation и истражувачкиот порталот Mediapart во понеделникот заедно со разобличувачкиот ресурс WikiLeaks објавија нови документи од американското разузнавање кои покажуваат дека тамошната Агенција за национална безбедност (NSA), покрај шпионирањето на тројцата последни француски претседатели и политичари, вршела надзор и на електронските комуникации и на други претставници на политичката и бизнис елитата.
„Во соработка со WikiLeaks, Liberation и Mediapart разобличуваат како NSA нанесувала штета на комерцијалните интереси на Франција“, се вели во материјалот објавен на интернет изданието на весникот под наслов „Економска шпионажа: Американската валкана игра“.
Во извештајот, кој се повикува на материјали коишто ги поседува WikiLeaks, се тврди дека американските разузнавачки служби преземале големо шпионирање на француските компании, на високите функционери во министерството за економија, како и на склучувањето на големите зделки и контакти на официјален Париз со меѓународни организации.
Американското разузнавање било насочено кон собирање на сите информации за француските трговски односи, врските на Париз со меѓународните финансиски институции, ставовите и односите во рамките на групите на најразвиените земји како Г7 и Г20, а исто така и кон големите надворешни договори на француските компании, особено за оние чијашто вредност надминувала 200 милион американски долари.
„Целта на NSA била поголемиот дел од стратешките сектори: информатичката технологија, електричната енергија, гасот, нафтата, атомската енергија, транспортот, биотехнологијата и други…“, се вели во статијата. Авторот истакнува дека во сферата на интересот на разузнавањето можеле така да попаднат стотици француски компании, како и дека со голем дел од информациите коишто ги собрала NSA биле запознаени највисоките американски челници.
„Никогаш претходно докази за масовна економска шпионажа во Франција, организирана од самиот врв на американската држава, не беа презентирани толку јавно“, тврди Liberation.
Според весникот, во своите активности NSA можела да ги опфати и индустриската шпионажа и кражбата на чувствителни технологии. Сепак, главното што го интересирало американското разузнавање биле податоците за тендерите на коишто учествувале американските компании, истакнува весникот. Податоците добиени преку шпионирањето, имено, им давала огромна конкурентска предност, се вели натаму во написот. Се истакнува и дека вака добиените податоци САД ги споделувале со своите најблиски сојузници, особено во разузнавањето, Велика Британија, Канада, Нов Зеланд и Австралија.
„Под маската на борбата против тероризмот, NSA станала борбена единица на САД во економската војна. Војна којашто Франција целосно ја загуби“, истакнува весникот./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Околу 500 патници заглавени во авиони поради снег во Минхен
Околу 500 патници останале заглавени во авиони на аеродромот во Минхен, откако нивните летови биле откажани поради обилни снежни врнежи. Иако дел од авионите биле подготвени за полетување, патниците не можеле да се вратат во терминалот поради недостиг на автобуси и зафатени паркинг-позиции за авионите.
Повеќе од 100 летови планирани за четврток навечер биле откажани поради снегот, а дел од патниците ја поминале целата ноќ во леталата.
Лоша логистика и ограничен капацитет
Според портпарол на авиокомпанијата Луфтханза, дури и летовите што добиле специјални дозволи за ноќно полетување не можеле да тргнат. Како причина се наведува тоа што сите паркинг-места за авиони во близина на терминалот биле веќе зафатени, а капацитетот на автобусите за превоз на патници бил ограничен.
„Во тој момент сите паркинг-места кај терминалот беа исполнети, а бројот на автобуси е ограничен“, изјавил портпаролот, додавајќи дека организацијата на автобускиот превоз е во надлежност на аеродромот.
Летови кон повеќе европски и светски дестинации
Според информациите на Луфтханза, погодени биле летови кон Сингапур, Копенхаген, Гдањск, Грац и Венеција. Дури во раните утрински часови автобуси пристигнале и ги превезле патниците до терминалот.
Од аеродромот во Минхен кратко соопштиле: „Жалиме за непријатностите што настанаа“.
Студен бран во регионот
Ледениот бран изминатите денови го зафати и Виена, додека хаос беше пријавен и во Марибор, каде што голем број жители останаа без струја, а дел и без вода.
Поради состојбата, во поширокото подрачје на вториот по големина град во Словенија беше прогласена вонредна состојба.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.

