Свет
Клинтон води на предвременото гласање, но заостанува зад Трамп во Пенсилванија
Неофицијалните прогнози на порталот Slate врз основа на податоците од предвременото гласање на американските претседателски избори во вторникот ѝ даваат предност на кандидатката на Демократската партија, Хилари Клинтон, во три од клучните сојузни држави Флорида, Охајо и Невада, но во една од исто така важните држава Пенсилванија, којашто е традиционално „демократска“, републиканскиот кандидат Доналд Трамп неочекувано е пред ривалката.
Според податоците на Slate, предноста на Хилари Клинтон пред Доналд Трамп на Флорида изнесува повеќе од 100.000 гласа од околу 3,7 милиони гласачи кои ја искористиле можноста предвреме да гласаат. За Клинтон гласот го дале 48,3 отсто, а за Трамп 45,3.
Во Невада разликата во полза на Клинтон пред Трамп изнесува околу 32.000 гласови од околу 594.000 луѓе кои веќе гласале, а во Охајо таа разлика изнесува 53.000 гласови од околу 1,32 милиони гласачи. Во Охајо, според првичните резултати од предвременото изјаснување на избирачите, Клинтон добила поддршка од 47,8 отсто од гласачите, а Трамп 43,9 отсто. Во Невада 46 отсто гласачи ја поддржале демократката, а 45,4 отсто републиканецот.
Во Колардо, Клинтон освојува 46,3 отсто од гласовите, додека Трамп заостанува со 2,7 процентни поени.
Во помалку важните сојузни држава, Хилари Клинтон, исто така, е во водство пред противкандидатот. Во Висконсин во моментот на објавување на прогнозата предвремено гласале 18,3 отсто, од кои за Клинтон гласот го дале 52,6 отсто од избирачите, а за Трамп – 40,2 проценти. Во Ајова претходно гласале 35,6 отсто од избирачите и од нив 48 отсто ја поддржале Клинтон, а Трамп – 43 отсто.
Во Пенсилванија, каде што претходно беше прогнозирана сигурна победа на Клинтон, сепак, се случува изненадување. Според споменатите предвидувања, од 199.000 лица кои гласале пред време, Трамп добил поддршка од 99.000 или 49,7 отсто, додека за Клинтон гласале 85.000 луѓе или 42,7 отсто.
Пенсилванија, со своите 20 електорски гласови, е една од поважните држави кои го определуваат исходот од изборите во САД. За Трамп, доколку сака да се надева на успех, неопходно е да победи во Пенсилванија, додека Клинтон има голем број начини да стаса до конечна победа и без оваа држава. И покрај жестоката битка во сите сојузни држави, Пенсилванија од 1992 година досега секогаш гласаше за кандидатите на Демократската партија. Оваа североисточна држава, чии центри се Филаделфија и Питсбург, има 12,7 милиони жители.
На минатите претседателски избори во 2012 година мнозинството од гласачите во Пенсилванија, 51,9 отсто гласаа за актуелниот демократски претседател Барак Обама.
Релативната точност на оваа прогноза се базира на податоците од предвременото гласање со наведена партиска припадност на избирачите.
Со анализа на одѕивот на гласачите за прогнозирање на резултатите од изборите во осумте ткн „колебливи“ или „неодлучени“ држави се занимаваат експертите од компанија VoteCastr. Податоците на аналитичарите ги објавуваат онлајн весникот Slate и телевизискиот канал Vice News. Инаку ова објавување на прогнозите во САД пред затворањето на избирачките места се случува првпат по многу години.
Преќутниот договор за необјавување на прогнозите до затворањето на избирачките места дојде по претседателските избори во 1980 година. Тогаш медиумите објавија дека Роналд Реган е победник на претседателските избори уште пред завршувањето на гласањето во низа сојузни држава, и неговиот ривал Џими Картер го призна поразот, иако сите Американци во тој момент не го искористиле своето право на гласање.
Оттогаш, водечките телевизиски мрежи како CNN, ABC, Fox News и новинската агенција Associated Press го прогнозираат победникот во одделните држави до завршувањето на пребројувањето на гласовите но по затворањето на избирачките места, засновајќи се на своите статистички модели. Овие проекции не се официјални, но уживаат значителен авторитет меѓу Американците. Формално објавување на прогнозите до затворање на избирачките места во САД не е забрането со закон./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Невреме ја погоди Романија: 200.000 домаќинства без струја
Поради обилен снег и дожд што ја зафатија Романија, околу 200.000 домаќинства останале без електрична енергија, изјави министерот за енергетика Богдан Иван, пренесе Ројтерс.
Невремето предизвикало сериозни проблеми во сообраќајот, со блокирани автопати и државни патишта, како и доцнења на десетици возови. Во Букурешт, каде што снежната покривка достигнала 40 сантиметри, јавниот превоз се одвива отежнато. Поради паднати дрвја бил прекинат патниот и железничкиот сообраќај, а училиштата се затворени во повеќе градови.
Due to heavy snow last night, expect delays & cancellations at Bucharest OTP airport today, February 18. So far:
Dan Air 508 Dublin – Bucharest will land in Craiova
Qatar Airways 219 from Doha will land in Athens
TK has cancelled flights 1043/1044 IST-OTP-IST@flightradar24 pic.twitter.com/ccmAYpj7ZO— Aeronews (@AeronewsGlobal) February 18, 2026
Од погодените 200.000 домаќинства, снабдувањето со струја било обновено за околу 86.000, додека проблеми се регистрирани во 266 населени места.
Регион
Хашим Тачи тврди дека е целосно невин и бара ослободување од Хаг, и другите тројца водачи на ОВК негираа вина
Четворица поранешни лидери на ОВК – Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Сељими и Кадри Весели – на кои им се суди пред Специјализираните совети во Хаг за воени злосторства, денеска во своите завршни зборови пред судскиот совет се изјаснија за невини и тврдеа дека обвиненијата на обвинителството против нив не се основани.
„Речиси три години во оваа сала ги слушавте обвиненијата на обвинителството. Ја слушнавте и вистината. Постои само една вистина. Јас сум целосно невин“, изјави Хашим Тачи, додавајќи дека жали за сите жртви без разлика на националноста.
Според Тачи, единствениот противник на него и на ОВК бил режимот на Милошевиќ.
„Да не беа интервенциите на НАТО-силите, Косово никогаш немаше да биде слободно и независно“, рече Тачи.
Неговата одбрана наведе дека најголемиот грев на судењето е ако се ветува многу, а се исполнува малку, истакнувајќи дека обвинителството е виновно за тоа, бидејќи ветило многу, а не презентирало ништо.
Вториот обвинет, Кадри Весели, изјави дека неговото семејство и тој „постојано биле изложени на прогон од српската држава“, а дека се вратил на Косово затоа што „не можел да остане рамнодушен кон страдањето што неговиот народ го доживувал“.
Весели истакна дека неговите постапки биле хумани и дека неговата совест е чиста.
Поранешниот лидер на ОВК, Реџеп Сељими, во завршниот збор рече дека „Србија никогаш не ги криела своите намери кон Албанците“.
„ОВК не беше создадена од желба, туку од нужда. За мене е најголема чест да бидам соборец на Адем Јашари. Да, носев оружје. Оружјето за нас беше преживување. ОВК немаше друга цел освен слободата. ОВК беше ослободителна војска“, изјави Сељими.
Јакуп Красниќи изјави дека не смета оти обвиненијата против него претставуваат правда.
„Целиот свет знае дека НАТО интервенираше поради кривичните дела извршени врз косовските Албанци. Без таа меѓународна интервенција немаше да ја имаме нашата слобода, но таа немаше да биде остварена ниту без ОВК“, рече Красниќи.
Поранешните лидери на ОВК се соочуваат со обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната во Косово во периодот 1998–1999 година. Според обвинението, тие биле дел од „заеднички злосторнички потфат“.
Изнесувањето на завршните зборови во Хаг започна на 9 февруари. Главната обвинителка Ким Вест тогаш изјави дека сведочењата и доказите презентирани во текот на постапката потврдиле дека кривичните дела биле извршени и дека обвинетите се одговорни за нив. Таа побара Судот да ги прогласи обвинетите за виновни по сите 10 точки од обвинението и да им изрече единствени казни од по 45 години затвор.
Свет
Словачка прогласи вонредна состојба поради нафтата – Братислава го обвинува Киев за политички притисок
Словачкиот премиер, Роберт Фицo изјави дека транспортот на нафта преку Јадранскиот нафтовод (Јанаф) ќе биде пет пати поскап од транспортот преку нафтоводот „Дружба“, преку кој испораките не течеле повеќе од две недели.
По седница на владата, Словачка прогласи вонредна состојба во врска со снабдувањето со нафта и одлучи да ѝ даде на рафинеријата „Словнафт“ 250.000 тони нафта од државните резерви.
Фицо изјави дека транзитната такса преку Хрватска е повеќекратно повисока од онаа што се плаќа за „Дружба“ и предупреди дека ако украинскиот претседател, Володимир Зеленски, го запре протокот на нафта преку Украина, Словачка ќе плаќа повисоки цени „само затоа што Зеленски игра некои игри“.
Тој изрази сомнеж дека испораките се прекинати од политички причини и тврди дека, според словачки разузнавачки информации, оштетениот дел од нафтоводот е поправен и дека нафтата може да продолжи да тече без проблеми.
Фицо наведе дека ова го гледа и во контекст на изборите во Унгарија и оцени дека станува збор за огромен притисок врз премиерот Виктор Орбан.
Во меѓувреме, Унгарија одлучи да ги запре испораките на дизел гориво за Украина додека не се обнови транзитот преку „Дружба“. И Унгарија и Словачка се обратиле до Европската комисија за активирање механизам што би им овозможил увоз на руска сурова нафта по морски пат во случај на прекин на цевководните испораки.

