Свет
Колумбиската влада и FARC потпишаа нов мировен договор
Колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос и челникот на герилското движење Револуционерни вооружени сили на Колумбија (Fuerzas Armadas Revolucionarias de Colombia – FARC), Родриго Лондонo Ечевери наречен Тимоченко (или Тимошенко) потпишаа во четвртокот во престолнината Богота нов мировен договор за запирање на полувековниот вооружен конфликт, кој претходно граѓаните го отфрлија на референдум.
Станува збор за изменет договор, откако на 2-ри октомври Колумбијците изненадувачки со 51,21 отсто „против“ и 49,78 отсто „за“ со слаба излезност од 62 отсто го отфрлија првиот потпишан по четиригодишни преговори и со меѓународно посредување со кој се сакаше да се стави крај 52-годишниот вооружен конфликт во кој загинале најмалку 260.000 луѓе, над 60.000 се водат како исчезнати, а 6,9 милиони лица се раселени, и покрај тоа што пред повеќе од еден месец Колумбијците на референдумот неочекувано не го прифатија нивниот мировен договор кој по четиригодишни преговарања го потпишаа кон крајот на септември. Противниците тогаш го оценија овој договор како преблаг кон герилците.
Новиот договор во кој се модификувани 56 од 57 одредби, ќе биде испратен на усвојување во Конгресот, каде што претседателот Хуна Мануел Сантос има мнозинство, наместо повторно да биде ставен на референдум.
Колумбиската влада и FARC пред десетина денови објавија дека постигнале изменет мировен договор за запирање на најдолгиот вооружен конфликт на северната хемисфера. Тогаш Сантос, кој за овој мировен договор ја доби годинешната Нобелова награда за мир, истакна дека се работи за „подобар договор“. „Прилагодивме и изменивме 56 од 57 поглавја со коишто се занимававме…, така што можеме да градиме потраен и постабилен мир“, рече Сантос.
Со новиот договор не се допираат клучните прашања, вклучително и разоружувањето на FARC кој ќе се трансформира во политичка партија којашто низ неколку фази и години ќе се вклучува во политичкиот живот на Колумбија. Меѓутоа, со него се воведуваа неколку „новини“ во клучните одредби од оригиналниот мировниот договор, соопшти главниот владин преговарач Умберто де ла Кале. „Измените и појаснувањата не ги менуваат клучните одредби околу кои се договоривме“, истакна Де ла Кале.
Сантос изјави дека не е усвоен предлогот да им се забрани учество на изборите на бунтовничките водачи одговорни за тешки злосторства. Истакна, исто така, дека во новиот договор ќе се задржи одредбата според којашто челниците на FARC ќе избегнат судски прогон доколку ги признаат своите недела и им платата отштета на жртвите. Но, додаде дека ќе бидат специфирани „некои ограничувања за нивната слобода“.
Главниот преговарач од страна на FARC, Иван Маркез, кусо изјави дека „сето она што сега треба да се стори е да се примени новиот план“./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Резултатите на фронтот се клучни за дипломатијата
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес ги посети војниците распоредени на Купјан и рече дека резултатите на фронтот се од клучно значење за Украина да постигне резултати на дипломатско ниво.
„Така функционира: силните позиции на терен значат силни позиции во разговорите за завршување на војната. Благодарност до секој војник“, рече Зеленски на Телеграм.
По тој повод, тој им го честиташе Денот на копнените сили на Украина на припадниците на вооружените сили.
Зеленски истакна дека украинските војници постигнуваат значајни резултати на Купјан и им се заблагодари на сите единици што учествуваат во борбите.
Фото: депозитфотос
Свет
(Видео) Кралот Чарлс: Имам добри вести за мојата борба со ракот
Кралот Чарлс сподели „добри вести“ за својата борба со ракот со јавноста, откривајќи во лична порака дека неговиот третман ќе биде намален во наредната година благодарение на раната дијагноза и „ефикасната интервенција“. Веста беше објавена како дел од кампањата „Stand Up To Cancer“, објавува Би-Би-Си.
Во снимена видео порака емитувана на Канал 4, кралот рече: „Оваа пресвртница е и личен благослов и доказ за извонредниот напредок постигнат во грижата за ракот“.
Ова е најзначајната вест за здравјето на кралот откако ја објави својата дијагноза во февруари 2024 година. Иако видот на рак не е откриен, а следењето и третманот продолжуваат, Бакингемската палата соопшти дека кралот „одговорил исклучително добро на третманот“.
Според извештаите, неговото закрепнување достигнало толку позитивна фаза што лекарите сега ќе го префрлат неговиот третман „во фаза на претпазливост“. Ова значи дека фреквенцијата на третманите ќе биде значително намалена, иако 77-годишниот монарх сè уште не се смета за во ремисија или „излечен“.
„Денес можам да ја споделам со вас добрата вест дека, благодарение на раната дијагноза, ефикасната интервенција и следењето на „советот од лекар“, мојот распоред за лекување на рак може да се намали во новата година“, потврди монархот.
Видео пораката, снимена пред две недели во Кларенс Хаус, беше емитувана за време на добротворната емисија „Stand Up To Cancer“, проект за собирање средства што се спроведува со Cancer Research UK.
Кампањата ги охрабрува граѓаните да одат на редовни прегледи, а пораката на монархот ја нагласи клучната улога на раното откривање. „Раната дијагноза едноставно спасува животи“, рече тој.
„Знам од лично искуство дека дијагнозата на рак може да биде огромна. Сепак, исто така знам дека раното откривање е клучот што може да го трансформира патот на лекување, давајќи им непроценливо време на медицинските тимови“, рече кралот, додавајќи: „Вашиот живот или животот на некој што го сакате, може да зависи од тоа“.
Емисијата „Stand Up To Cancer“ упати посебен апел до околу девет милиони луѓе во Велика Британија за кои, според Cancer Research UK, заостануваат во националните програми за скрининг.
Кралот рече дека е „длабоко загрижен“ што ова претставува девет милиони пропуштени можности за рано откривање на рак и ги повика луѓето да проверат дали се подобни за тестирање.
„Статистиката зборува со целосна јасност. Да земеме само еден пример: Кога ракот на дебелото црево се открива во најраните фази, околу девет од 10 луѓе преживуваат најмалку пет години. Кога се дијагностицира доцна, тој број паѓа на само еден од 10“, објасни тој.
Кралски извори забележаа дека споменувањето на ракот на дебелото црево не треба да се смета за поврзано со неговата состојба, а ракот на простата претходно бил исклучен.
За време на неговата битка со болеста, кралот не сакал таа да го дефинира, туку продолжил да работи, одржувајќи зафатен распоред што вклучувал патувања и државни посети. Во своето обраќање, тој исто така им се заблагодари на „заедницата за грижа“ – специјалисти, медицински сестри, истражувачи и волонтери „кои работат неуморно за да спасат и подобрат животи“.
Фото: депозитфотос
Свет
Мерц за мировниот план со Киев: Американците ќе мора да придонесат
Земјите од Европската Унија се обидуваат да ги вклучат Соединетите Американски Држави во нивните преговори за мировниот план со Киев, изјави германскиот канцелар, како што објави агенцијата ДПА.
„Се обидуваме да ја вклучиме американската влада во преговорите што ги водиме едни со други, како и со украинската влада и украинскиот претседател“, рече Мерц по средбата со Манфред Вебер, претседател на парламентарната група на Европската народна партија (ЕНП) во ЕУ.
Според Мерц, сè уште се потребни значајни појаснувања во меѓународните напори за обезбедување безбедносни гаранции за Украина, пренесува Спутник.
Тој, исто така, нагласи дека најважниот елемент од овие гаранции е „долгорочното зајакнување на украинската армија“.
„Подготвени сме да придонесеме за ова. Американците исто така ќе мора да придонесат за ова“, додаде функционерот.
Порано беше објавено дека Владимир Зеленски ќе отпатува во Берлин на 15 декември на покана на германскиот канцелар, каде, меѓу другото, ќе учествува во преговори во формат на европската тројка. Засега не е познато дали ќе присуствува претставник на САД.
Фото: депозитфотос

