Европа
Oсновачите на „Бионтек“ ќе бидат одликувани со највисок орден во Германија

Германската држава одлучи да им додели највисок орден на основачите на фармацевтската компанија „Бионтек“, која прва разви и лансираше вакцина против коронавирус на пазарот.
Како што беше соопштено од кабинетот на претседателот на Германија, шефот на германската држава, Франк Валтер Штајнмаер, на 19 март ќе го предаде „Крстот за заслуги со ѕвезда“ на брачната двојка научници Oзлем Туречи и Угур Шахин.
Тоа ќе му биде прво лично врачување на ордени на Штајмер оваа година, а ќе се одржи во палатата Белви во Берлин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Две години од пожарот во Нотр Дам – се очекува катедралата повторно да биде отворена во 2024

Катедралата Нотр Дам во Париз, уништена во пожар пред две години, повторно ќе биде отворена во 2024 година, вети во средата француската министерка за култура, Розелин Башело, најавувајќи дека јавната акција, започната за нејзино обновување, овозможила да се соберат доволно средства.
„Собрани се 833 милиони евра досега и собраната сума ни овозможува смирено да размислиме за реконструкцијата“, изјави министерката во Сенатот.
„Можам да ви кажам дека во 2024 година катедралата Нотр Дам повторно ќе се отвори“, додаде таа.
Министерката денеска треба да го посети градилиштето заедно со претседателот Емануел Макрон, на втората годишнина од пожарот што делумно ја уништи Богородичната црква, која се смета за ремек-дело на готската уметност.
Вечерта на 15 април 2019 година избувна пожар во катедралата Нотр Дам во Париз, при што се урна кулата и голем дел од покривот беше уништен, но пожарникарите сепак успеаја да ја зачуваат грандиозната средновековна зграда.
Причината за пожарот сè уште не е утврдена, иако истражителите ја отфрлаат идејата дека тој бил предизвикан намерно. Тие се фокусирани на краток спој или дури и на отфрлен отпушок како можни причини.
Работите за реновирање допрва треба да започнат бидејќи сега се работи на обезбедување на зградата. Ова треба да заврши до лето, па вистинските реновирања да започнат на почетокот на следната година.
Целта е да се одржи првата целосна богослужба во возобновената катедрала на 15 април 2024 година, и покрај одложувањата заради пандемијата.
Европа
Ердоган за изјавите дека е диктатор: Италијанскиот премиер е дрзок и нема почитување

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го обвини италијанскиот премиер, Марио Драги, дека е арогантен и без почит откако Драги го нарече диктатор.
Да потсетиме, Драги минатата недела го обвини Ердоган дека сакал да ја понижи претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и рече дека треба да се настапува отворено со диктаторите, предизвикувајќи осуди од Турција. Ердоган ја прими Фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во Анкара, а снимките од почетокот на состанокот покажаа дека Мишел добил стол покрај Ердоган, додека Фон дер Лајен мораше да седи на каучот од страна.
Ердоган, пак, вчера изјави дека Драги ги нарушил односите меѓу Турција и Италија и дека италијанскиот премиер нема легитимитет да упатува вакви критики.
„Изјавата на италијанскиот премиер е чиста дрскост и непочитување. Додека се надевавме дека турско-италијанските односи можат да достигнат високо ниво, неговата изјава, изјавата на тој човекот по име Драги, за жал ги торпедираше тие односи“, рече Ердоган и продолжи:
„Вие сте таму затоа што некој ве именувал, а не ве избрал. За да можете да дадете такви критики за Таип Ердоган, прво мора да бидете свесни за сопствената историја. Но, видовме дека не сте“, нагласува Ердоган, притоа јасно алудирајќи на италијанскиот фашистички диктатор, Бенито Мусолини.
Драги, поранешен претседател на Европската централна банка, не дојде на власт преку избори, но беше назначен од италијанскиот претседател на чело на владата, по падот на претходната коалиција поради внатрешни превирања.
Европа
Чешка се понуди да ги купи вакцините на „Астразенека“ од кои се откажа Данска

Чешка се понуди да ги откупи од Данска останатите дози од вакцината „Астразенека“, откако тие одлучија целосно да ја прекинат употребата на оваа вакцина.
„Подготвени сме да ја купиме вакцината ‘Астразенека’ од Данска“, истакна чешкиот министер за внатрешни работи, Јан Хамачек.
Неколку земји досега ја ограничија старосната граница за употребата на оваа вакцина, но Данска е првата која се одлучи на целосен прекин, и покрај тоа што ваквиот потег може да предизвика одложување во кампањата за вакцинација.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Црна хроника2 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Економија2 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?
- Македонија2 недели
Ѓорчев: Мојот татко е во кома откако се вакцинираше во Ниш