Свет
Oткриен нов сој на коронавирусот отпорен на вакцините на „Фајзер“ и „Астра зенека“

Новиот сој на коронавирус А.30, откриен во Ангола и Шведска, е високоотпорен на антителата од вакцините на „Фајзер“ и „Астра зенека“, покажа ново научно истражување.
Тим научници од Германија го проучувале новиот вид коронавирус А.30, кој првпат беше регистриран во Танзанија, а потоа беше идентификуван кај неколку пациенти во Ангола и Шведска во текот на пролетта оваа година. Тие ги споредија мутациите на оваа варијанта со варијантите бета и ета. Бета е избрана затоа што има највисоко ниво на отпорност на антитела, објаснуваат германските научници.
Според нивната студија, видот А.30 покажал подобрена способност да навлезе во повеќето клетки домаќини, вклучувајќи ги и клетките на бубрезите, црниот дроб и на белите дробови.
Оваа мутација навлегува во одредени клеточни линии со зголемена ефикасност и избегнува неутрализација со антитела од вакцините „Астра зенека“ и „Фајзер“, покажаа резултатите од студијата.
А.30 исто така покажал отпор кон моноклоналниот лек „бамланивимаб“, кој се користи за лекување Ковид-19. Сепак, оваа варијанта покажа слабост за мешавината на „бамланивимаб“ и „етесевимаб“.
Светската здравствена организација во моментот не му придава преголема важност на новиот вид коронавирус поради неговата ниска распространетост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Видео) Шест девоjчиња загинаа во несреќа во Америка-Телата пронајдени покрај превртеното возило

Шест девојчиња загинаа, а други две лица се повредени во судир на меѓудржавниот пат во Тенеси.
До превртеното возило биле пронајдени телата на девојките на возраст од една до 18 години.
Се претпоставува дека од силината на ударот девојките биле исфрлени од автомобилот.
Жена, за која се верува дека исто така паднала од истото возило со девојчињата, била пронајдена во критична состојба.
Медиумите јавуваат дека во несреќата е повреден и маж, кој исто така е пренесен во болница.
Возачот на другиот автомобил кој учествувал во несреќата не е повреден.
Жртвите се уште не се идентификувани, а засега не е познато дали се во роднинска врска.
Истрагата траела цело утро, а причината за несреќата се уште не е позната.
Регион
Убиство во Албанија: Пред телевизијата убиен вработен на „Топ чанел“

Член од обезбедувањето на албанскиот медиум „Топ чанел“ Паљ Коља (60) е убиен синоќа, кога непознати лица пукале во правец на зградата на телевизијата, пренесува „Коха“.
На магистралниот пат во Каваја е пронајден опожарен автомобил „ренџ ровер“ за кој постои сомневање дека им припаѓа на сторителите.
Според медиумите, на возилото биле украдени регистарските таблички. Полицијата е на терен, а увидната екипа продолжува да работи на расветлување на околностите.
Поставени се и контролни пунктови и се работи за откривање и приведување на сторителите.
Свет
Драматична сцена во авион во САД: Патник сам ја отворил вратата

Патник на американската авиокомпанија „Делта ерлајнс“ е уапсен откако сам ја отворил вратата од авионот и се спуштил на тобоганот на надувување, додека леталото се подготвувало да полета од Лос Анџелес за Сиетл, соопштија официјални лица на Федералната управа за авијација на САД (FAA).
Инцидентот се случил во саботата, кога авионот бил на меѓународниот аеродром во Лос Анџелес, додаде ФАА.
Боингот 737 бил на пистата и требало да полета, кога патник ја отворил вратата, активирал тобоган на надувување и се излизгал, објави Си-Ен-Ен.
Прво бил фатен од членови на персоналот на „Делта“, по што дошла полицијата и го привела.