Регион
Автобус со туристи од Бугарија изгоре во Грција

Туристички автобус од Бугарија целосно изгоре во висина на мостот на влезот на Капнофитос, во Серес, објави грчката телевизија ЕРТ.
Пожарот настанал под непознати околности, а возачот веднаш го запрел возилото и ја известил противпожарната служба. Патниците со автобусот се упатиле кон пештерата Вознесение во Ахладохори, каде што се одржуваат верска прослава на празникот Вознесение Господово и безбедно се симнале од автобусот.
Петмина пожарникари со две противпожарни возила веднаш интервернирале и го изгаснале пожарот. Причините за пожарот се засега непознати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Косовската претседателка откри детали од разговорот со Вучиќ: Негодуваше и се жалеше

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, раскажа каква била нејзината вчерашна средба со српскиот претседател Александар Вучиќ во Молдавија. Таа тврди дека средбата имала информативен карактер и оти не станало збор за преговори, а била одржана на барање на францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.
На средбата, покрај Макрон и Шолц, присуствувал и Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, а Османи кажала дека од Косово се побарани нови избори на север, пренесува „Аваз“.
„Не планирав да се сретнам со Вучиќ. Се разбира, дијалогот меѓу Косово и Србија е во тек во Брисел“, рече таа.
„Средбата дојде на инсистирање на европските лидери. Како претседателка на Косово, сакав да ја покажам конструктивноста што е доблест на нашиот народ и дека можеме да разговараме со сите. Не е првпат да се сретнам со Вучиќ на ваква средба. Морам да кажам дека оваа средба, која се одржа на инсистирање на претседателот Макрон и канцеларот Шолц, не беше преговарање, туку средба на која разменивме мислења. Вучиќ се жалеше и негодуваше и секако не ја кажуваше вистината“, продолжи таа.
Како што кажа, ситуацијата на северот на Косово и понатаму е главна тема на нејзините средби со европските лидери.
„Имав трилатерална средба со претседателот Макрон и канцеларот Шолц. Борел се приклучи на состанокот и детално разговаравме за предизвиците со кои се соочуваме и кои се некои од опциите што можат да не натераат да одиме напред“, најави таа.
„Во овој момент клучно е Србија да престане да ги поддржува криминалните групи кои предизвикуваат најголем дел од проблемите на северот и поширокиот регион. Ова е предуслов за деескалација на ситуацијата. И второ, целосно спроведување на Договорот постигнат во Охрид, бидејќи Вучиќ повеќепати кажа дека нема намера. Го прекршил најмалку осум пати и затоа е клучно да има јасна порака од ЕУ“, заклучи косовската претседателка.
Регион
Косовската опозиција го обвинува Курти за влошување на односите со западните сојузници

Косовските опозициски партии денеска го обвинија премиерот на Косово, Албин Курти за влошување на односите со западните сојузници поради насилството на северот, во кое беа повредени мировниците на НАТО и побараа изгласување недоверба на владата.
Немирите се интензивираа по изборите во април, кои беа бојкотирани од Србите, а победата во четири градоначалнички области со мнозинско српско население на север ја извојуваа кандидатите од етничките Албанци.
Инсталирањето на победниците минатата недела и покрај одѕивот на гласачите од 3,5 отсто, предизвика критики од Соединетите Држави, кои ја поддржуваат независноста на Косово од 2008 година. Како резултат на тоа, Вашингтон го откажа учеството на Приштина во вежбата на НАТО.
Пратеник до Курти: Си играш со оган
Немирите го принудија НАТО да испрати дополнителни сили на Косово. Косовскиот парламент се состана во петокот за да разговара за тензиите на северот.
„Си играш со оган“, му рече на Курти во парламентот Мемли Красниќи од опозициската Демократска партија на Косово.
„Ако цената е да се загрозат односите со најголемите сојузници на Косово откако веќе започнаа санкциите, сакам да те прашам дали вреди“, рече тој.
Поранешниот премиер и лидер на Алијансата за промени, Рамуш Харадинај ги повика претставниците да и изгласаат недоверба на Владата.
„Да ставиме крај на оваа недоверба, понижување, лаги и предавство со разрешување на владата на Курти“, им порача Харадинај на пратениците.
Франција и Германија ги повикаа властите во Косово да организираат нови избори
На вчерашниот самит на европската политичка заедница во Молдавија, Франција и Германија ги повикаа косовските власти да организираат нови избори во поделениот северен регион.
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, се залагаше за формирање Заедница на српски општини, што беше гарантирано со бриселскиот договор од 2013 година, а што Курти досега одбиваше да го направи.
Курти ги отфрли критиките и ја обвини Србија за финансирање и поддршка на Србите на северот кои не ја признаваат декларацијата за независност во 2008 година и го сметаат Белград за свој главен град.
Курти: Американските санкции се загрижувачки, но фашистичките милиции на север се уште позагрижувачки
„Американските санкции се загрижувачки, но фашистичките милиции на север се уште позагрижувачки“, изјави Курти за косовската КТВ во четвртокот навечер.
Насилството избувна во понеделникот откако косовските власти, поддржани од специјалните полициски единици, поставија градоначалници етнички Албанци во канцелариите во северните општини.
Во судирите беа ранети 30 мировници на НАТО и 52 српски демонстранти.
Регион
Пукал во уште три лица за време на масакрот, на масовниот убиец од Младеновац му е продолжен притворот за нови 30 дена

На Урош Б.(21), осомничен за смртта на 8 и ранувањето на 14 лица во селата Мало Орашје и Дубони на 4 мај годинава, Вишиот суд по наредба на Вишото јавно обвинителство му го продолжи притворот за 30 дена. Според неофицијални информации, тој за време на неговиот масакр пукал во уште три лица, кои не се повредени.
Урош Б. бил префрлен во Специјалната затворска болница во Белград, а доколку психијатриското вештачење покаже дека осомничениот не бил разумен во моментот на пукањето, ќе му биде наредено задолжително психијатриско лекување.
На лицето кое е предмет на безбедносна мерка задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа му се вршат психијатриски и невролошки прегледи, му се применуваат дополнителни клинички прегледи, консултативни прегледи и интервенции од други медицински специјалности, психофармакотерапија, групна и индивидуална психотерапија. Се прават тестови и се вршат социјални анкети, медицинска рехабилитација и ресоцијализација, како и евалуација на резултатите од лекувањето.