Регион
Американски конгресмен предлага Србија и Косово „да разменат територија“
Републиканскиот конгресмен Дејна Рорабахер, претседавач со одборот за надворешна политика во Европа, му пратил писмо на српскиот претседател Томислав Николиќ во кое предлага размена на територија на југот од Србија за северот на Косово, како решение со кое би се смириле тензиите во овој дел на Балканот, пренесуваат српските медиуми.
„Наместо негативните примери како што се возот со провокативни симболи, можеби би било подобро и во взаемен интерес да се разгледа размена на територија што би резултирало со поголем број на Срби во Србија и поголем број на Косово во Косово“, навел Рорабахер.
Во писмото до Николиќ, американскиот конгресмен навел дека „оваа опција е возможна“ и дека таа „не треба да се игнорира“. Според српскиот премиер Александар Вучиќ, пак, конгресменот Рорабахер „е близок до албанското лоби“.
„Близок е до албанското лоби, тоа се некакви обиди за друго решение. Нашиот Устав јасно говори за интегритетот“, истакнал Вучиќ, додавајќи дека според неговите информации Рорабахер веќе бил и во посета на Белград и Приштина./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Јахорина: Детето кое падна од жичарницата претрпе сериозни повреди
Детето, кое вчера падна од жичарницата на планината Јахорина, е надвор од животна опасност, соопштија утрово за „БН ТВ“ од болницата во Источно Сараево.
„Детето е згрижено, претрпе фрактура на бутната коска, што е сериозна физичка повреда, и е испратено во матичната установа во Нови Сад на понатамошно лекување“, изјавија од болницата за „БН ТВ“.
Медиумите потсетуваат дека вчера се случи непријатен настан на Јахорина, кога едно дете беше оставено да виси од жичарницата, а потоа падна на земја од висина од неколку метри.
Сето ова го забележаа скијачите кои случајно се најдоа таму.
Полициската управа Источно Сараево досега не го коментирала случајот, според медиумите во регионот.
Како што изјавија од Олимпискиот центар Јахорина, наскоро ќе биде објавено соопштение во врска со овој настан.
Регион
(Видео) Дете висеше од ски-лифт на Јахорина па падна, скијачите се обидоа да го фатат
Вчера, дете падна од жичницата на планината Јахорина во Босна и Херцеговина откако некое време висеше држејќи се за седиштето. Видеото од инцидентот покажува како другите скијачи се обиделе да помогнат, но детето на крајот паднало на земја.
Видеото го прикажува детето како виси од столчето неколку моменти пред падот. Скијачите кои случајно се нашле на падината под жичницата се обиделе да го фатат за да го ублажат падот.
Сè уште не е познато зошто детето паднало од седиштето.
Планинарската служба потврди за БН дека се случила несреќата. Повреденото дете е однесено во болницата „Србија“ во Источно Сараево, каде што е на лекување.
Лекарите сè уште не дале коментар за сериозноста на неговите повреди.
Регион
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала во Јадранското Море
Земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтеровата скала го погоди југот на Хрватска во 21:48 часот вчера вечер.
Епицентарот бил на длабочина од 15 километри во Јадранското Море јужно од Корчула, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC).
Во вторникот, земјотрес со јачина од 4,4 степени според Рихтеровата скала беше регистриран во близина на Ливно. Беше почувствуван и во Далмација.

