Регион
Бугарија протерува 70 руски дипломати

Бугарското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека побарало од Русија до 3 јули да повлече 70 членови на дипломатскиот персонал. Со образложение дека Русија треба да го намали бројот на персоналот во амбасадата за да се усогласи со бугарското претставништво во Москва.
Се наведува дека првата причина за таквото барање е реципроцитет, пренесува „Ројтерс“.
„ Втората причина се активностите на руските функционери, за кои надлежните бугарски власти утврдија дека не се во согласност со Виенската конвенција за дипломатски односи“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Курти: Од Западот зависи дали ќе продолжат тензиите на северот на Косово

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека тензиите на северот на Косово ќе продолжат доколку западните демократии и’ дозволат на Србија да продолжи со „старите соништа, кои стануваат кошмар за соседите на Србија, но и за самиот српски народ“.
Пред средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел на 18 август, Курти рече дека секое решение треба да подлежи на меѓусебно признавање.
„Мислам дека проблемот на Белград е што тој едноставно продолжува со своите стари соништа, кои стануваат кошмар за соседите на Србија, но и за самиот српски народ“, изјави Курти за „Фајненшл тајмс“, а пренесуваат приштинските медиуми.
Во тој контекст Курти зборуваше и за руското влијание врз односите Косово-Србија.
„Загрижени сме, но не се плашиме. Како ќе се развива ситуацијата зависи многу од тоа каков став ќе заземат западните демократии кон Белград“, рече тој.
Курти рече дека „она што Србија го сака се европските фондови, руското оружје, кинеските инвестиции и американската толеранција“.
„Ако западните демократии повеќе не го дозволат тоа, решението ќе биде многу полесно остварливо. Но, ако им се дозволи на Србите да ја играат оваа игра, оваа тензија ќе продолжи“, рече Курти.
Курти ги опиша српскиот национализам и руските интереси како „иста работа“, додавајќи дека колапсот на едниот ќе го ослабне другиот.
„Путин сака да докаже дека интервенцијата на НАТО на Косово беше привремен успех. Но, сведоци сме дека Косово е тука да остане“, рече косовскиот премиер.
Регион
Утре почнува судењето на Хрватот заробен во Украина, му се заканува смртна казна

Утре почнува судењето на Хрватот В.П. кој беше уапсен од руските сили на почетокот на мај во близина на Мариупол. Нему ќе му се суди пред судот на самопрогласената Народна Република Доњецк, за учество во конфликтот во улога на платеник и уривање на уставниот поредок, за што се предвидени казни доживотен затвор и смртна казна, пишува Дневник.хр.
Народна Република Доњецк не е меѓународно призната, но експертите за меѓународно право во Хрватска велат дека без разлика на тоа, и за нив важат правилата на меѓународното хуманитарно право.
„Тие мора да се однесуваат кон тој Хрват во согласност со сите правила и закони на меѓународното хуманитарно право“, забележува адвокатот Лука Мишетиќ во разговор за Нова ТВ.
„Не би очекувал смртна казна, но тоа секако ќе биде драстична казна. Тие ќе го држат тој Хрват како де факто заложник и ќе го искористат, можеби, за да разменат некои Руси кои беа заробени и судени во Украина“, смета Мишетиќ.
Истиот суд ги осуди на смртна казна Мароканецот и двајца Британци, кои исто така се бореле во украинската армија, но нивната егзекуција уште не се случила, пишува Индекс.хр.
Регион
Лончар: Едно дете е оперирано, а на еден патник му беше ампутирана ногата

Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар по посетата на повредените во несреќата во Бугарија изјави дека нема загинати.
„Ги посетивме сите деца и возрасни и разговаравме со нив. Едно дете е оперирано, како и друг родител кому му е ампутирана ногата“, изјави Лончар. На возачот на автобусот му е одреден 24 часа притвор и најверојатно ќе му биде поднесена кривична пријава.
Министерот Лончар кој со својот колега од Бугарија ги посети повредените кои се наоѓаат во болницата во Стара Загора во Бугарија, посочува дека разговарал со деца и возрасни и дека оперираното дете се чувствува добро.
„Едно дете има повреди на главата и ќе биде пренесено во Софија на понатамошен надзор, а веројатно и оперираното дете ќе биде пренесено во Софија на понатамошно лекување“, нагласи министерот.
Лончар за РТС изјави дека двете момчиња на возраст од 10 и 11 години се на интензивна нега, дека на 10-годишното момче му е извршена операција на ногата и е добро, а другото момче има повеќе повреди, а доминантна е повреда на главата.
„Останатите кои се во болница ќе бидат анализирани и со помош на болничари ќе бидат префрлени на граница каде што ќе ги чекаат наши луѓе и ќе ги донесат во болница“, посочи министерот.
Според него, група деца и родители кои се чувствуваат добро треба да заминат во Србија во текот на денот.
Тој очекува двете тешко повредени момчиња и уште двајца полнолетни да бидат префрлени во Србија во наредните денови кога ќе им дозволи состојбата.
Тој им се заблагодари на сите што се вклучија во Бугарија за децата и возрасните од Србија да бидат соодветно згрижени по несреќата.
Возачот на автобусот од Србија, кој во неделата вечерта се преврте на автопатот во Бугарија кога беа повредени неколку лица и деца, добил 24 часовен притвор и најверојатно ќе одговара, соопшти бугарското МВР, пренесува БТА.
Причината била или човечка грешка или технички проблем.
Возачот на автобусот бил негативен на алкохол и дрога.
Сообраќајната несреќа најверојатно е предизвикана од човечка грешка, соопштија на прес-конференцијата од обвинителството.
Истражителите сметаат дека возачот на автобусот поради некоја причина изгубил концентрација, поради што автобусот излетал од патот.
Според сведочењето на патничка, автобусот излетал од патот во моментот кога возачот се наведнал да го спушти совозачкото седиште, за да може родител да седне.