Македонија
(Видео) Вучиќ до српските функционери: Бидете внимателни во изјавите кон Македонија, да не биде нешто искористено од другите

Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, жестоко и отворено реагирал поради тоа што Курти го направил во Тетово и дека тоа изненадило многумина.
Tој побара од српските функционери да бидат внимателни во изјавите кон Македонија за да не кажат нешто што би можело да биде искористено од страна на други.
„Видов кога Димитар Ковачевски многу силно му реагира на Аљбин Курти за она што го направи во Тетово. Многу силно, јавно и отворено и сакам да ги замолам нашите функционери, дури и кога немаат намера, да бидат внимателни, да не им излезе ништо што би можело да биде искористено од страна на некои за и нас да нè направат исти како Курти“, рече Вучиќ за РТС.
Тој додаде дека разговарал со него и рекол дека „Македонците се наши браќа“.
„Затоа, вчера, во разговорот со Ковачевски му реков, ако кој било во Северна Македонија се чувствува навредено поради што било кажано, јас се извинувам затоа што Македонците се наши браќа и ние немаме никаков проблем со нив“, додаде тој
Според него, хрватскиот премиер одржал смислен говор.
„Пленковиќ имаше сериозен, систематски и рационален пристап кон идните европски прашања. Наше е да го продолжиме тој пат, но да видиме што можеме да извлечеме од тоа за нашата земја“, рече Вучиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Лажни тврдења и политички инсинуации“, вели Тошковски откако опозицијата оцени дека сака да ја партизира полицијата

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски преку својот Фејсбук профил ги демантираше тврдењата на опозицијата во врска со предложените измени на Законот за полиција, оценувајќи ги како тенденциозни и правно неосновани.
„Во врска со лажните тврдења и политички инсинуации што денеска ги пласираше опозицијата околу предложените измени на Законот за полиција, сакам јавно и децидно да укажам дека станува збор за тенденциозно извртување на фактите со цел политичко профитирање, без елементарно познавање на суштината и логиката на предложените решенија“, реагира Тошковски.
Како што појаснува, Предлог-законот не само што „не ја отвора вратата за политички распоредувања и унапредувања, туку напротив по првпат воспоставува јасни, недвосмислени и објективни механизми за професионален развој и селекција на раководен кадар во МВР“.
Спротивно на тврдењата на опозицијата, вели Тошковски, законски е невозможно лице без работен стаж да стане началник на Сектор за внатрешни работи.
„Член 63 став 1 од Предлог-законот за внатрешни работи јасно пропишува дека лице без стаж може да биде распоредено само на најниското по хиерархија работно место во категоријата „извршители“, конкретно на позицијата „помлад“. Дури и во случај кога лицето има претходно работно искуство, но не во својата стручна област, според став 2 од истиот член, повторно е предвидено распоредување само на најниското работно место, што досега не беше случај и бевме сведоци на ситуации каде лица со несоодветно искуство беа директно поставувани на високи позиции во МВР.
Во новиот систем на кариера има само пет позиции во категоријата „извршители“, а преминувањето од едно на друго работно место е ограничено, односно дозволено е скокање максимум две позиции нагоре, што е построга рамка од постојниот закон каде се три позиции. Хиерархијата е прецизно поставена, без простор за произволни толкувања, а дополнително за првпат се предвидува и носење на Листа на сродни области и работи, со што се гарантира прегледност и правична мобилност во системот.
Она што е особено важно е фактот дека за првпат за да се унапреди некое лице во категоријата „раководни работници“, мора задолжително да има завршена обука и положен тест за раководење, услов пропишан во член 104 од Предлог-законот. Овој тест е со елиминаторен карактер и ќе овозможи вистинска селекција според капацитет, а не според политичка волја.
Понатаму, Актот за систематизација веќе го содржи принципот на градација кој подразбира дека за секое повисоко раководно место се бара поголемо работно искуство, согласно хиерархиската поставеност. Без исполнети услови, ниту еден вработен не може да биде унапреден на раководна позиција. Затоа повторувам, тезата дека лица без работен стаж ќе стануваат началници е целосно неточна и правно неоснована.
Во делот за избор на директор на Бирото за јавна безбедност, наместо попуштање се воведува построг критериум. За првпат, во законот јасно се пропишува дека кандидатот мора да има најмалку 12 години работно искуство исклучиво во областа на полициските работи, со што се гарантира дека на оваа клучна функција може да биде назначен само човек со длабоко професионално искуство во полицијата.
Во однос на воведувањето функција заменик-директор на Бирото за јавна безбедност, се работи за системско решение со јасна и рационална цел за обезбедување континуитет во раководењето и непречено функционирање на институцијата во ситуации кога директорот е отсутен или спречен да ја извршува својата функција. Ова не е политичко назначување, ниту дуплирање на овластувања туку воспоставување на здрав и ефикасен управувачки механизам, кој е вообичаена пракса и во други комплексни институции. Во услови на зголемени предизвици за јавната безбедност, важно е да се обезбеди институционална стабилност.
За секоја сериозна правна анализа, елементарен пристап е законот да се чита како целина, а не преку изолирано вадење на поединечни одредби. Правната норма не се чита изолирано, туку во контекст на целиот закон и неговата нормативна структура. Искрено зачудува како некој се обидува да извлече конечни правни заклучоци од еден член, без да ја согледа системската поставеност, меѓусебната поврзаност на нормите и суштинската логика на законското уредување. Таквиот пристап не само што е правно неточен, туку неминовно води кон погрешни, а често и манипулативни интерпретации“.
Апелира до опозицијата да престане како што вели, со свесно ширење на невистини и да се издигне над дневно-политичките калкулации кога станува збор за безбедносниот систем на државата.
Министерството за внатрешни работи, нагласува Тошковски, ќе продолжи да гради систем што ќе биде функционален, правичен и отпорен на партиски влијанија, токму онака како што и очекуваат граѓаните.
Од опозициската СДСМ пак денеска истакнаа дека Тошковски сака да ја партизира полицијата, и отвора врати за масовно вработување.
Македонија
Поради пожар, во прекин е сообраќајот на автопатот Скопје-Куманово во двата правци

Сообраќајот на автопатот Скопје-Куманово, Куманово-Скопје е во прекин, информираат од АМСМ.
Пожарот е причината за прекинот на сообраќајот, потврдија за „Макфакс“, од таму.
Според информациите на Стојанче Ангелов од ДЗС кој е излезен на терен, густиот чад од пожарот и сообраќајна незгода се причините за прекинот на сообраќајот.
Македонија
Едно починато лице при пожар во стан во Струмица

Денес, (17.07.2025 година), во 15.27 часот, ТППЕ Струмица со три ПП возила и седум пожарникари-спасители учествуваше во гаснење на запален стан на четврти кат од колективна станбена зграда, на улица Б.Ј.Мучето, стои во информацијата на „Пожарникари Струмица“објавена на социјалните мрежи.
„При гаснењето на пожарот, за жал во станот беше пронајдено починато лице.
Сите други станови во зградата се заштитени од пожарот и сите останати станари се безбедно евакуирани“.
Како што соопштија, причините за настанувањето на пожарот и смртта ќе бидат утврдени од надлежни институции.