Регион
(Видео) Столтенберг и Вучиќ разговараа за заеднички воени вежби на Србија и НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави во Белград дека акумулацијата на силите на српската армија на границата со Косово нема да помогне да се смири ситуацијата, а насилството на северот го оцени како неприфатливо и ја поздрави намерата на Србија да ги гони одговорните за нападот во селото Бањска.
Столтенберг, кој е во посета на земјите од регионот, на заедничката прес-конференција по разговорот со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, истакна дека по конфликтот меѓу српската паравоена група и косовската полиција, НАТО распореди дополнителни 1.000 војници и тешко оружје во Косово.
Ова е најголемото зголемување на контингентот на НАТО во последната деценија и покажува дека НАТО е подготвен да го зачува мирот, рече Столтенберг и ја поздрави блиската соработка на КФОР и Армијата на Србија нагласувајќи го повикот до двете страни Косово и Србија да ги намалат тензиите и да се воздржат од какви било потези, кои може да придонесат за понатамошна ескалација на теренот.
Тој додаде дека го поддржува формирањето на заедницата на српските општини (ЗСО), на што инсистира официјален Белград во дијалогот со Приштина, и оцени дека тоа е клучот за нормализирање на односите меѓу Србија и Косово. Лидерот на НАТО ги повика Белград и Приштина да се вклучат во дијалог под покровителство на Европската Унија (ЕУ) бидејќи тоа е „единствениот начин за траен мир и стабилност“.
Столтенберг и Вучиќ разговарале и за можноста за заеднички вежби меѓу Србија и НАТО, а српскиот претседател ја истакнал важноста од соработката со таа алијанса. Вучиќ изрази надеж дека НАТО „донекаде ќе обезбеди безбедност за српскиот народ во Косово“ тврдејќи дека од 2001 година „само Србите се напаѓани“, а особено по 2008 година, и дека нападите и инцидентите на север се зачестени откако на власт е косовскиот премиер Аљбин Курти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Опозицијата се судри со обезбедувањето, пратениците запалија факели: хаос во Собранието на Албанија

Во Парламентот на Албанија повторно дојде до судир меѓу опозицијата и собраниското обезбедување, а дел од пратениците запалија и димни ракети.
На денешната седница треба да биде усвоен буџетот за 2024 година, но пратениците на Демократската партија, актуелната која ја поддржува Сали Бериша, најпрвин со своите тела го блокираа пристапот до говорницата, а кога се обидоа тоа да го направат со столчиња, имаше конфликт со собраниското обезбедување, пренесува „Албанска пошта“.
Во пресрет на седницата, шест пратеници беа исклучени од работата на тоа тело на 10 дена поради нередот што го направија на седницата одржана на 4 декември, а меѓу нив е и Бериша, пренесува Балкан веб.
Претседателката на Собранието Љиндита Никола го исклучи од седницата претставникот на Демократската партија бидејќи, како што изјави, фрлал цигари во салата, а потоа ја затвори седницата за јавноста.
Регион
Избоден маж на автобуска станица во Белград

Белградската полиција трага по маж кој во вторникот вечерта на автобуската постојка во Борча го избодел Д.Р. (39).
Според зборовите на избодениот, тој чекал автобус кога напаѓачот му пришол и по кратка дискусија извадил нож и почнал да го боде.
Д.Р. бил примен во Ургентниот центар во тешка состојба.
Констатирани му се повреди по рацете и телото.
Истрагата е во тек.
Нападот се случил на автобуската постојка на патот за Зрењанин, пишува Телеграф.
Регион
Вучиќ: Постои можност Охридскиот договор да стане услов за прием во ЕУ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека постои можност Охридскиот договор да стане дел од преговарачкото поглавје 35, а со тоа и услов за прием на Србија во Европската унија.
Сепак, Вучиќ истакна дека јасно кажал што не може да прифати.
„Прво, да видиме што ќе биде, бидејќи не можат да игнорираат нешто за кое разговарале со мене, јас по секоја нивна посета, после самиот Охрид, излегував и јасно кажував што прифаќаме, а што не, бидејќи дури и мојата вербална експлицитна изјава е став на државата и не може да се отфрли“, вели Вучиќ во интервју за НИН.