Регион
Во Словенија 36 луѓе, наместо вакцина против Ковид-19, примиле физиолошки раствор

Во еден здравствен дом во Словенија е направена ненамерна грешка при вакцинацијата против Ковид-19 кога некои лица, наместо вакцината на „Фајзер“ за која аплицирале, добиле само физиолошки раствор.
Грешката се случила во петокот во здравствениот дом во градот Шенџур, каде што од 126 лица што дошле на вакцинација, 36 добиле физиолошки раствор, кој мора да се измеша со вакцината на „Фајзер“.
Веднаш по инцидентот, здравствениот персонал во домот забележал дека настанала збунетост и се извиниле за ненамерната грешка, која луѓето ја прифатиле со разбирање, па биле вакцинирани со вистинските дози од вакцината во следните два дена, пренесува „Хина“.
За сѐ е информиран Националниот институт за јавно здравје, а директорот на здравствениот дом за „Словенечко радио“ изјавил дека ненамерната грешка, најверојатно, е поради преоптовареност на персоналот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
„Блиц“: Објавена фотографија од маицата пронајдена на телото во Дунав, иста таква имал и Периш

Тело на засега непознат млад маж е пронајдено утрово во Дунав кај Ада Хуја во Белград, јави српската агенција „Танјуг“, повикувајќи се на српското МВР, а сомнежите се дека станува збор за исчезнатиот Матеј Периш (27) од Сплит.
Телото е забележано утрово околу 9 часот и 20 минути во Дунав кај Ада Хуја, пренесе „Танјуг“, а истрагата е во тек.
Како што пишува српски „Блиц“, младиот човек чие тело е пронајдено носел потполно иста маица како онаа што ја имал Матеј Периш.
На пронајденото тело, како што пишуваат, имало темна маица со слика на бел јагуар и жолт натпис кој се врти во круг, а пишува „Power Super Cleaner“.
Матеј Периш ја имал истата маица, а токму неа ја носи и на фотографијата која кружеше по сите медиуми кога беше пријавено неговото исчезнување во Белград.
Хрватски „Индекс“ пишува, пак, дека телото било пронајдено на осум километри од местото каде за последен пат бил виден Периш.
Српските медиуми резултатите од ДНК анализата ги најавуваат за утре.
Инаку, на телото бил пронајден и сребрен часовник на раката, додека во џебот од фармерките бил пронајден мобилен телефон, ексклузивно објави „Блиц“.
Младиот сплиќанец исчезна ноќта меѓу 30 и 31 декември.
Според сведоштвата, тогаш тој го напуштил клубот „Готик“ и оттогаш му се губи секоја трага.
Регион
Вучиќ: Србија ќе учествува во обновата на украинските градови

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, за време на средбата со украинскиот амбасадор Володимир Толкач рече дека Србија ќе учествува во обновата на градовите во Украина.
Вучиќ изрази искрено жалење за ситуацијата во Украина и посочи дека Србија е посветена на почитување на принципите на територијален интегритет и суверенитет на државите како еден од основните принципи на меѓународното право, пренесува Н1 Србија.
Тој рече дека во таа смисла Србија го почитува територијалниот интегритет и на Украина, соопштија од кабинетот на Вучиќ.
Вучиќ истакнал дека Србија ги обезбедила најдобрите можни услови за бегалците од Украина, како и сите права и дозволи за престој и работа. Додал дека тоа го обезбедуваат правилата на земјите од ЕУ, односно дека е дури и на повисоко ниво и европската легислатива.
Српскиот претседател најавил и дека наскоро со Толкач ќе ги посети украинските бегалци во Србија, а Србија ќе учествува во обновата на градовите во Украина.
Тој повторил дека Србија, во согласност со својата доследна политика, е посветена на мирно решавање на споровите.
Регион
Белград: Во Дунав пронајдено тело на помлад маж, има сомнежи дека се работи за исчезнатиот Матеј Периш

Морнари денеска пронашле тело на помлад маж во Дунав кај Ада Хуја, потврдиле службите за српскиот портал „Телеграф“.
Српските медиуми веќе на големо пишуваат дека според сомнежите се работи за исчезнатиот Хрват Матеј Периш (27).
Човекот на себе носел фармерки, маица со апликација и една бела патика.
Полицијата го извлекла телото, а на местото на настанот се и форензичари.
Младиот сплиќанец исчезна ноќта меѓу 30 и 31 декември.
Според сведоштвата, тогаш тој го напуштил клубот „Готик“ и оттогаш му се губи секоја трага.
Неговото исчезнување во полиција го пријавиле пријателите кои биле со него ноќта и оттогаш се води интензивна потрага.