Регион
Вулин: Големите сили ја фалат Северна Македонија кога ќе ги послуша и ги повредува Србите, но кога шумите ќе почнат да горат, Србија е прва што ќе помогне
„Како министер за полиција, секоја година испраќав луѓе и опрема да ѝ помогнат на Северна Македонија да ги изгасне пожарите. Така е и денес, српските хеликоптери и пожарникари се борат со огнот за да ги спасат луѓето и имотот на Северна Македонија“, истакна вицепремиерот на Србија и поранешен министер за полиција, Александар Вулин, потсетувајќи дека Србија ѝ помага на Северна Македонија во гаснењето на шумските пожари и покрај фактот што Северна Македонија беше спонзор на антисрпската резолуција за Сребреница.
„Драги наши соседи, следниот пат кога ќе ве повика некој амбасадор и ќе ве замоли да гласате за нешто што длабоко ја навредува Србија, како лагата за геноцидот во Сребреница, сетете се кој беше таму кога гореше. Големите сили ве фалат кога ги слушате и ги повредувате Србите и Србија, но кога шумите ќе почнат да горат, Србија е прва на помош“, изјави Вулин, пренесуваат тамошните медиуми.
„Имате прекрасен јазик, барајте зборови во него што означуваат чест, лојалност, благодарност “, рече вицепремиерот на Србија.
Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, денеска ги испрати припадниците на хеликоптерската единица и Секторот за вонредни ситуации, кои со хеликоптерот „камов К-32“ заминаа во Северна Македонија за да помогнат во гаснењето на шумските пожари и им посака успешна работа.
Дачиќ изјави дека помошта за соседната земја е испратена врз основа на барањето на Владата на Република Северна Македонија за давање помош во гаснењето на шумскиот пожар.
„Овде сме во нашата хеликоптерска единица на Министерството за внатрешни работи за да ги испратиме нашите пилоти и членовите на Секторот за вонредни ситуации, техничкиот тим што ќе биде во Северна Македонија, на нивно барање, за да помогне во гаснењето на пожарот. Подготвени сме да помогнеме секаде каде што е потребно. Секако, имајќи ја предвид процедурата, неопходно е за тоа да има барања од тие земји. Северна Македонија се обрати до сите што може да помогнат, вклучително и Република Србија“, рече министерот Дачиќ.
„Разговарав со министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, тие имаат неколку други органи, кои се занимаваат со оваа проблематика, независно од тоа, нивниот премиер се јави кај нашиот премиер и ние ќе им излеземе во пресрет“, рече министерот Дачиќ, кој ја најави посетата на својот македонски колега во Србија.
„Се надевам дека ќе ја постигнеме добрата соработка што ни е потребна не само во борбата против организираниот криминал туку и против илегалната миграција, како и во вонредни ситуации“, рече министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Излизгани возила, застој на автопатиштата, сообраќаен колапс поради снежна бура во Србија
Попладнево во Србија падна снег кој зад себе остави колапс во сообраќајот и предизвика дефекти во електричната мрежа.
Дождот и силните налети на ветерот се претворија во снег во Белград, каде снегот паѓаше со поголем интензитет, што дополнително ја усложни состојбата во сообраќајот и предизвика тотален колапс, пренесуваат тамошните медиуми.
Поради снежни наноси застој има на автопатот од Ниш кон Белград, на делот од патот од Алексинац кон Ражње.
Сообраќајот се одвива отежнато и на автопатот Ниш-Димитровград кај тунелот Банчарево, поради снежни наноси и сообраќајна несреќа во која учествувале патник и товарно возило, стои во написите.
Јавното претпријатие „Патишта на Србија“ ја информира јавноста дека при денешните обилни врнежи од снег на речиси целата територија на Србија, во повеќе случаи товарни возила се излизгале и на тој начин биле блокирани повеќе патни правци, поради што сообраќајот бил во прекин и на автопатот и и на патиштата со низок степен, поради некористење зимски гуми и опрема од страна на неодговорни возачи на тешки моторни возила – шлепери.
ЈП „Патишта на Србија“ апелира особено до возачите на тешки моторни возила и сите други учесници во сообраќајот да не излегуваат на пат без задолжителна зимска опрема, да користат синџири, особено во ридско-планинските предели, да ги почитуваат ограничувањата на брзината, сообраќајните сигнали и да ја приспособат својата брзина на условите на патот.
На целата територија на Република Србија, механизацијата е достапна на терен 24 часа, а екипите на патиштата се во готовност и подготвени да интервенираат за да се обезбеди безбедно одвивање на сообраќајот, пишуваат српските медиуми.
Регион
Вучиќ се огласи за штрајкот со глад на Весиќ: Министерот во оставка одбива храна
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по посетата на штандовите на саемот за вино пред новинарите се изјасни за штрајкот со глад на министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура во заминување, Горан Весиќ.
Вучиќ рече дека му е жал поради тоа.
– Жал ми е поради тоа, ако можам на кој било начин да стапам во контакт со него, ќе го замолам да не го прави тоа. Тоа е се што можам да кажам – рече претседателот.
Српеските медиуми потсетуваат дека Горан Весиќ поднесе оставка од функцијата министер за градежништво, транспорт и инфраструктура во Владата на Србија пет дена по трагедијата во Нови Сад.
Откако вчера излезе веста дека министерот во оставка Весиќ е меѓу 11-те уапсени за падот на настрешницата, тој на својот Фејсбук профил
објави:
„Не бев уапсен, доброволно се одзвав на повикот на полицајците со кои дојдов во Нови Сад и се ставив на располагање на истражните органи за целосно да се истражат сите околности кои довеле до несреќата во Нови Сад.
Секогаш, како и досега, ќе бидам на располагање на надлежните органи и ќе докажам дека не сносам никаква кривична одговорност за овие трагични настани.
Адвокатската канцеларија што ме застапува во овој случај ќе комуницира со јавноста и медиумите за понатамошниот развој на настанот“, рече тој.
Регион
Падна снег, дува силен ветер: делови од Хрватска без струја, автопатот затрупан
Снег паѓа во Горски Котар и Лика и во делот на континентална Хрватска – од Загорје, Меѓумурје до Славонија. Силен ветер дува на Јадранот, во Риека ветерот урива дрвја и телефонски столбови.
Поради снегот, во Горски Котар и Лика во моментот нема слободен патен правец од внатрешноста кон Далмација, Риека и Истра и обратно за камионите со приколки и сите други возила што немаат зимска опрема.
Поради ветерот, на автопатот А7 Рупа – Крижишќе сообраќајот е забранет за автобуси, мотоцикли и возила со камп-приколки.