Регион
Вучиќ до Додик: Ти благодарам што не и го сврте грбот на Србија, некои веќе не ми се јавуваат

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека студентските протести во неговата земја се всушност резултат на заговор поттикнат од странство, додека претседателот на Република Српска, Милорад Додик му даде безрезервна поддршка, обвинувајќи ги студентите дека ја ослабуваат Србија.
Додик и Вучиќ организираа свечена академија во Бања Лука за заеднички да го прослават Денот на српската државност.
Во говорот за време на церемонијата на Бања Лука, Вучиќ тврдеше дека тој и неговата влада постојано подаваат рака за соработка, дека на ниту еден начин не ја загрозуваат Босна и Херцеговина и ги почитуваат нејзините жртви, но не добиваат ништо за возврат.
Тој, како што пренесуваат медиумите во соседството, изјави дека изминатите 100 дена му биле многу тешки, иако не се плаши од можно губење на власта, но индиректно ги обвини студентите кои протестираат дека се странски платеници.
„Не можевме да поверуваме колку пари се дадени однадвор за промена на власта во Србија“, рече Вучиќ и му се заблагодари на Додик што не ѝ го свртел грбот на Србија, за разлика од другите познаници на кои се жалел, велејќи дека откако траат протестите, тие сè помалку контактираат со него.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трагедија во Србија: работник затрупан во каменолом, извлекувањето на телото траеше осум часа

53-годишен работник починал кога врз него се срушила голема количина камења во каменолом во подножјето на планината Гоча во централна Србија, јавува Блиц.
Службите за итни случаи, кои биле на местото на несреќата, изјавиле дека можат само да ја потврдат неговата смрт.
Вчера, по речиси осум часа, екипи на специјален тим од Дирекцијата за вонредни ситуации во Крагуевац успеаја да го извлечат телото на работникот.
Во спасувачката акција во каменоломот во Краљево – Гоча, според Блиц, учествуваше и специјализиран тим за урнатини од Дирекцијата за вонредни ситуации во Крагуевац.
Каменоломот во населбата Каменица, во подножјето на Гоча, е во приватна сопственост.
Регион
(Видео) Гореше зграда во Анкара, бебе и двајца возрасни загинаа, 26 лица се повредени

Три лица, меѓу кои и тримесечно бебе, го загубија животот во страшен пожар што избувнал синоќа околу 22:00 часот во станбена зграда со 26 ката во квартот Чанкаја, во главниот град на Турција, Анкара.
Според информациите на турските власти, огнот избувнал на четвртиот кат од зградата, а пламенот брзо се проширил на повисоките катови. Екипите на противпожарната служба работеле скоро четири часа за целосно да го стават под контрола пожарот, објави државниот сервис ТРТ.
На терен биле испратени и екипи на Брза помош, кои згрижиле 26 лица со повреди, од кои 20 биле префрлени во три различни здравствени установи – Анкара Билкент, Етлик болницата и клиниката при Медицинскиот факултет на Универзитетот Гази.
Од повредените, едно лице се наоѓа во критична состојба.
Дополнително, 39 лица, вклучувајќи седум пожарникари, се пожалиле на симптоми на труење со чад и добиле медицинска помош.
Властите започнаа истрага за причините за пожарот, кој ја потресе јавноста во Турција.
Регион
Скопјанец упасен во Албанија, Австрија го бара за издржување 20 години затвор

Во рамки на акцијата „Операција 54“, албанската полиција уапси македонски државјанин кој се барал со меѓународна потерница издадена од австриските власти за сериозни кривични дела, меѓу кои трговија со дрога, закани, изнуда и телесна повреда.
Како што информира Дирекцијата на силите за специјални операции во Албанија, приведен е 41-годишниот М.А. од Скопје, кој бил лоциран и уапсен на албанска територија.
„Лицето М.А. е баран со потерница од Јавното обвинителство во Инсбрук, Виена, за кривични дела за кои со австрискиот Кривичен законик е предвидена затворска казна до 20 години“, се наведува во соопштението од албанската полиција.
При апсењето кај осомничениот била пронајдена и марихуана, која е запленета како доказ во текот на истрагата.
Постапките за екстрадиција на осомничениот се во тек, во координација меѓу Интерпол Тирана и австриските правосудни органи.
Ова е втор случај на апсење на македонски државјанин со меѓународна потерница во Албанија овој месец. На 6 јули, на граничниот премин „Ќафасан“ кај Струга, беше приведен 34-годишниот А.А. од Кичево, кој се бараше од швајцарските власти и е осуден на 20 години затвор за меѓународна трговија со дрога.