Регион
Експерт открива три можни сценарија за иднината на 13-годишниот Коста кој уби десет лица во Србија

Коста К.(13) кој на 3 мај уби девет деца и обезбедувањето во основното училиште во Врачар, се уште е на Клиниката за неврологија и психијатрија во Белград.
Драган Вулевиќ, специјалист по социјално право и поранешен раководител на Секторот за надзорни работи од областа на семејно-правната заштита во Министерството за труд во Србија, во интервју за весникот Нова открива дека по набљудувањето точно ќе се знае каква дополнителна форма на заштита препорачуваат лекарите, а посочува дека постојат три можности.
Како помлад од 14 години, К.К не може да биде изведен пред суд, ниту да му биде изречена кривична санкција, па затоа прашањето за неговиот правен статус и соочувањето со размерите на кривичното дело што го направи ја преокупира јавноста. Вулевиќ во интервју за весникот наведува дека лекарите писмено ќе се изјаснат дали момчето претставува опасност за него и за околината, како и дали предлагаат затворена форма на заштита, отворена форма или враќање во семејството.
„Моментално не го знам неговото ментално здравје, карактеристиките на личноста, така што, што се однесува до принудниот притвор во здравствена установа, лекарскиот извештај мора да биде таков што тој има структурирано растројство на личноста и нарушување во однесувањето кое бара интензивна медицинска интервенција и во тој случај потребна е согласност од неговите родители“, наведува Вулевиќ.
Следствено, на родителите може делумно да им се одземе старателството, во делот на одлучување за третманот на момчето, па дури и целосно, доколку се утврди дека постојат законски основи и дека семејните околности се опасни за малолетникот. Оваа процедура не го одложува лекувањето, односно детето за тоа време ќе остане на Клиниката за детска психијатрија. Според законот, привремен старател може да биде или Центарот за социјална работа или доверлив близок роднина, вели Вулевиќ.
Друга опција би била доколку експертите заклучат дека К.К. нема никакви нарушувања на личноста, центарот ќе оцени дека тој треба да биде сместен во установа за деца со нарушувања во однесувањето, но соговорникот на Нова смета дека оваа мерка, со оглед на извршеното, се чини малку веројатна, бидејќи тие се домови со отворен тип.
„Третата опција би била К.К да се врати на семејството и во тој случај органот за старателство е должен да изготви детален план за поддршка на родителите во воспитувањето на детето. Понатаму се зависи од наодите на лекарот, односно од оние кои ќе ги применуваат и толкуваат законските норми согласно фактите кои се достапни во овој момент“, вели специјалистот по социјално право.
Адвокатката Ирина Боровиќ, бранител на таткото на момчето В.К.(48), кој го застапува и К.К., за Нова вели дека не треба да се шпекулира и случајно да се проценува бидејќи лекарите не ги завршиле дијагностичките процедури.
„Се чека на лекарите од клиниката каде што сега е К.К., да направат се’, по што ќе знаеме каков третман ќе има и во кој правец ќе се одвиваат работите. Кога некој е опасен за себе или за другите, а проценката е дека причината лежи во нешто од медицинска природа, во тој случај болницата има свои процедури што треба да ги следи. К.К е малолетник, неговите родители се свесни за се’ и не прават никакви опструкции, па верувам дека ќе се согласат со се’ што ќе проценат вештаците. Има многу различни опции и не верувам дека некоја од опциите ќе биде онаа што е спротивна на она што ни го кажува вообичаената логика и што дури и лаиците сметаа дека е логично да се случи“, заклучува адвокатот Боровиќ.
Масакрот во училиштето „Владислав Рибникар“ се случи на 3 мај, кога К.К со пиштолот на татко му уби девет лица. Десеттата жртва во понеделникот им подлегна на тешките повреди.
По масакрот во училиштето „Владислав Рибникар“, со лисици на рацете беше врзан и таткото на момчето В.К., кој е обвинет за тежок напад против јавната безбедност. По рочиштето му е одредена мерка притвор до 30 дена.
Учениците од училиштето „Владислав Рибникар“ се вратија на училиште, една недела по масакрот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Гардијан: Критичарите на српската влада се цел на „шпионски софтвер од воена класа“

Според новите наоди на безбедносните истражувачи, критичарите на српската националистичка влада кои документираа ендемска корупција во земјата беа мета на шпионски софтвер од воена класа на почетокот на оваа година, пишува британскиот весник „Гардијан“.
Обидот да се хакираат двајца српски продемократски активисти – кои побараа да не бидат именувани за да ја заштитат нивната безбедност – на крајот беше неуспешен затоа што „ајфоните“ на двете лица беа ажурирани со најновиот софтвер iOS, за кој истражувачите велат дека штити од уреди за инфилтрација, според Гардијан.
Поединците прво беа предупредени за обидот за хакирање од страна на Епл, кој испрати предупредување до двајцата дека можеби биле цел на актери поддржани од државата. Предупредувањето подоцна било потврдено по истражувањето на истражувачите од непрофитната организација Access Now, Фондацијата Share во Србија, Citizen Lab на училиштето Манк на Универзитетот во Торонто и Amnesty International, пишува британскиот весник.
Наодите доаѓаат само неколку месеци откако истражувачите открија дека руските новинари кои го критикуваат Владимир Путин, кои живеат во Европската унија, исто така биле мета на шпионскиот софтвер. Советот на Европа и Европскиот парламент се обидоа да ги унапредат политиките што би ја ограничиле употребата на шпионски софтвер, но појавата на нови случаи во блокот укажува на очигледната подготвеност на некои европски влади да продолжат да користат шпионски софтвер за да ги потиснат и заплашат политичките критичари, наведува Гардијан во текстот.
„Овие наоди се крајно загрижувачки за владеењето на правото и демократијата во Србија. Неконтролираната употреба на комерцијален шпионски софтвер е отров не само за човековите права, туку и за безбедноста и демократските институции во која било земја“, вели Наталија Крапива, техничко-правен советник во организацијата Access Now, која се занимава со дигитални права.
Претходно фондацијата SHARE објави дека се откриени првите обиди за шпионски напади врз мобилните уреди на претставници на граѓанското општество од Србија.
Истражувачите откриле дека српските државјани биле мета на околу една минута разлика на 16 август 2023 година. Access Now и Citizen Lab открија траги од обид за напад, кој пробал да искористи можна ранливост во апликацијата HomeKit на iPhone.
Истражувачите рекоа дека тактиката била „конзистентна“ со оние што претходно ги користела израелската група NSO, која продава едно од најсофистицираните сајбер оружја во светот, познато како „Пегазус“. Кога нападот на Пегазус е успешен, тој може да преземе мобилен телефон и да го претвори во пренослив уред за слушање. Исто така, може да пристапи до информации во шифрирани апликации и да ги прегледува фотографиите и пораките на корисниците.
Истражувачите не можеа дефинитивно да потврдат каков тип на шпионски софтвер е користен во овој случај, бидејќи достапните форензички индикатори беа ограничени.
„Во овој момент ние не ги припишуваме овие напади на одреден оператор, но забележуваме дека една деценија од истрагите на Citizen Lab открија дека Србија е редовен корисник на платенички шпионски софтвер и други технологии за комерцијален надзор“, рече Џон Скот-Рејлтон, виш истражувач во Citizen Lab.
Во изјава за Гардијан, НСО рече дека извештаите на Citizen Lab и Access Now се „неубедливи“. Компанијата постојано повторува дека „Пегазус“ се продава на владите за употреба во истраги за сериозен криминал и тероризам и дека неговата употреба „спасува животи“.
„НСО не управува со сопствената технологија и не е запознаена со собраните разузнавачки информации“, велат тие.
Гардијан пишува дека обидите за хакирање најверојатно ќе го привлечат вниманието на претходните откритија кои вклучуваат тајно собирање податоци и надзор од страна на Српската безбедносна и информативна агенција (БИА).
Британскиот весник потсетува дека до неодамна директор на БИА беше Александар Вулин, кој во јули 2023 година беше ставен на листата на санкции од американското Министерство за финансии поради поддршка на Москва и користење на „неговите политички позиции за изградба на поддршка за малигните активности на Русија“ и поттикнуваат нестабилност во Србија. Вулин поднесе оставка на 3 ноември.
Една наводна жртва на обидот за хакерство, интервјуирана од Гардијан, ја опиша нејзината работа како критична за „автократскиот режим“ на Србија и „широката корупција“ во земјата, како и за проруската надворешна политика на актуелната влада, која не е во чекор со ЕУ за прашања како што се санкциите против Москва.
Обидот за хакирање, рече лицето, најверојатно бил обид да се заплаши или дискредитира нивната работа – „да се најде нешто компромитирачко против мене“.
Двајцата кои беа цел веруваат дека обидите за хакирање може да се поврзани и со повици за истрага за одговорноста на владата за масовните пукања, пишува Гардијан.
Регион
(Видео) Озлогласениот хрватски нарко бос уапсен во Турција, префрлен во затвор во Сплит

Хрватскиот наркобос, 43-годишниот Ненад Петрак е депортиран од Турција и ставен во затвор во Сплит, соопшти денеска хрватското МВР.
Тој беше уапсен пред десет дена во Истанбул врз основа на налог издаден од Сплитското жупаниско државно обвинителство за обид за убиство, објавија хрватските медиуми.
Хрватското МВР во соопштението не го соопшти името на депортираниот, туку само дека се работи за 43-годишен маж по кого е распишана европска потерница и распишана меѓународна потерница по наредба на сплитското обвинителство.
Тој бил пренесен од Истанбул во Загреб, а потоа во раните утрински часови во придружба на припадници на антитерористичката единица и на Службата за меѓународна полициска соработка бил одведен во Сплит.
Во соопштението објавено е видео од акцијата која, како што се наведува, поминала без безбедносни инциденти.
Регион
Во Белград градски автобус се преполови буквално на половина

Во Белград автобус на градското сообраќајно претпријатие буквално се подели на половина, пишува „Блиц“.
Се работи за голем автобус, со таканаречената хармоника.
Во несреќата нема повредени.