Регион
ЕУ го предупреди Косово да не отвора амбасада во Ерусалим
ЕУ вчера го предупреди Косово да не ја отвора својата амбасада во Израел во Ерусалим, пренесува новинската агенција „Шехаб“ цитирајќи ги израелските медиуми.
„Тајмс оф Израел“ објави дека ЕУ го замолила Косово да не отвора амбасада во Ерусалим и да застане на ставот на ЕУ и Резолуцијата 478 на Советот за безбедност на ОН, според која странските амбасади во Израел треба да бидат сместени во Тел Авив.
„Позицијата на ЕУ за преместување на амбасадите во Ерусалим е јасна. Сите амбасади на земјите членки на ЕУ, како и Делегацијата на ЕУ во Израел, се наоѓаат во Тел Авив. ЕУ долго време тврди дека статусот на Ерусалим треба да се реши преку директни преговори меѓу Израел и Палестина“, изјави портпаролот на ЕУ, Питер Стано.
Тој наведе дека ЕУ е за дводржавно решение во однос на прашањето Израел – Палестина и рече дека ја прифаќаат идејата Ерусалим да биде идната престолнина на двете земји со решението што ќе се донесе.
„Затоа, жалиме за одлуката на Косово. Стратешкиот приоритет на Косово е интеграција со ЕУ и се очекува да дејствува во согласност со своите заложби“, нагласи Стано.
Тој посочи дека ако отстапи од овој договор, Косово ќе го поткопа својот пат кон интеграција во ЕУ.
„Косово ја идентификува интеграцијата во ЕУ како свој стратешки приоритет. ЕУ очекува Косово да постапи во согласност со оваа заложба за да не биде нарушена неговата европска перспектива“, рече тој.
Во понеделникот Косово и Израел одржаа виртуелен состанок за воспоставување дипломатски врски.
„Признавањето од Израел е едно од најголемите достигнувања за Косово, кое доаѓа во клучен момент за нас, благодарение на САД, нашиот заеднички и вечен сојузник“, рече косовската министерка за надворешни работи, Мелиза Харадинај-Штубла.
Лидерите на Србија и Косово, кои се сретнаа во Белата куќа во септември 2020 година, потпишаа договор за нормализација на односите во областа на економијата. Со овој договор беше одлучено Косово да започне дипломатски односи со Израел, а Србија да ја премести во Ерусалим својата амбасада во Израел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ од Давос: Светот оди во луда насока
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави во Давос, каде што се одржува Светскиот економски форум, дека претстојат тешки времиња бидејќи светот оди во „луда насока“ поради конфликтот меѓу ЕУ и САД околу Гренланд.
Вучиќ рече дека не може да зборува за некои важни прашања до утре во 15 часот, но нагласи дека српската делегација ги сослушала Урсула фон дер Лајен и кинеската делегација во Давос.
Тој рече дека го запишал она што го кажала фон дер Лајен, наведувајќи дека веќе разговарал за тоа со Бренер и дека му се чинело дека таа го дели неговото мислење за она што го кажала и за последиците од она што го кажала претседателката на Европската комисија.
Урсула, вели Вучиќ сакаше да нагласи, го повтори двапати, дека таканаречениот политички развод меѓу Америка и ЕУ е траен. Таа, исто така, рече дека санкциите на САД се грешка и дека одговорот на ЕУ на нив ќе биде пропорционален и непоколеблив, пренесуваат медиумите во соседството.
Како што објасни Вучиќ, сигурно ќе следат големи геополитички последици и тој не би ја исклучил можноста за вклучување на Норвешка во ЕУ.
„Разговарав со Георгиева, таа е од Бугарија, но живее во Вашингтон и е подготвена да ни помогне. Таа смета дека нема да се постигне договор меѓу ЕУ и Америка, а јас верувам дека нема. Исто така, очекувам силен одговор од Трамп во спротивна насока од ова“, рече Вучиќ.
Претседателот на Србија истакна дека сè уште пред Србија има период во кој треба да се разгледа како ќе се справи со Европа и како ќе се справи со Америка.
„Многу, многу проблеми. Светот оди во луда насока, но мора да го зачуваме мирот и економијата“, рече Вучиќ, нагласувајќи дека на јавноста треба да ѝ се каже во која насока се движат работите. А тие не се движат во вистинската насока, додаде тој.
Одговарајќи на новинарските прашања, тој објасни дека она што го кажа претседателката на Европската комисија значи дека работите никогаш нема да се вратат како што беа.
„Она што го гледам е дека Европа ќе оди право, но мојот заклучок е дека ЕУ не е подготвена воено да го брани Гренланд“, рече Вучиќ.
„Светот се распаѓа и никогаш повеќе нема да биде ист. Погледнете ја изјавата на Дугин, каде што ќе се негира суверенитетот на малите земји, без разлика дали ќе припаѓаат на блок или не, а ние сакаме да го зачуваме нашиот суверенитет. Важно е да разговараме со сите“, нагласи Вучиќ.
Тој, според написите, опиша дека во Давос веќе владее хаос, бидејќи има огромен сообраќаен метеж и во сите сали каде што се одржува економскиот форум.
Сепак, како што вели, утре се очекува целосен колапс поради американската делегација и претседателот Доналд Трамп.
Вучиќ истакнува дека овој пат Трамп ја носи со себе најголемата делегација што ќе ги пополни сите места во салата каде што се одржуваат говорите.
Регион
Трамп го покани хрватскиот премиер Пленковиќ во „Мировниот одбор“
Американскиот претседател Доналд Трамп го покани хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во „Мировниот одбор“, објави Индекс.хр.
Според она што е познато досега, поканата ја примиле европски лидери како што се Емануел Макрон, рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг. Покана од регионот, како што потврди вчера словенечката влада, стигна и до словенечкиот премиер Роберт Голоб.
Хрватската влада сè уште не одговорила на Белата куќа. „Ќе ја разгледаме поканата“, рекле од Владата за Индекс.хр.
Телото што Трамп го нарече „Мировен одбор“ првично беше создадено за да ја надгледува реконструкцијата на Појасот Газа.
Но, нацрт – повелбата открива иницијатива и мандат што оди многу подалеку од прашањето за палестинската територија и се однесува на придонесот кон решавањето на вооружените конфликти низ целиот свет. Затоа, се чини дека е замена за Обединетите нации.
Земјите што аплицираат за постојано место во телото ќе мора да платат „над 1 милијарда долари во готово“, според „повелбата“ што ја виде АФП, која исто така му дава на Трамп широки овластувања.
Многу странски лидери, вклучувајќи го и претходно споменатиот руски претседател Владимир Путин, добија покани да се приклучат на новото тело на Трамп, кое би го предводел претседателот на САД. Сепак, тие сè уште не кажаа дали ќе ја прифатат поканата.
фото/Depositphotos
Регион
Земјотрес во Грција
Земјотрес со магнитуда од 4,0 степени според Рихтеровата скала се случи рано утрово во грчкиот регион Лаконија, јавуваат грчките медиуми.
Земјотресот се случил во 08:38 часот по локално време, 320 км југозападно од Атина, пренесува Катимерини.
Според податоците од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, епицентарот на земјотресот се наоѓал во морското подрачје 117 км југозападно од Геролименас во Лаконија.
Досега нема извештаи за евентуални штети во овој земјотрес.

