Регион
Заев му честиташе на црногорскиот премиер за членството во НАТО
Премиерот Зоран Заев му испрати честитка на премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, за приемот на Црна Гора во НАТО.
„Во име на граѓаните и на владата на Македонија им честитам на граѓаните и на владата на Република Црна Гора за огромниот исчекор кон демократскиот свет, преку интеграцијата на вашата држава како 29. полноправна членка на алијансата.
Примерот што го дава Црна Гора е порака дека, ако има политичка волја и граѓанска свест за важноста на потребните реформски процеси, тогаш нивното исполнување се реализира со потребната динамика и тоа ги отвора перспективите и за луѓето и за државата.
Овој сигнал на отворени врати на НАТО е силна мотивација за новата влада на Македонија што ја предводам да продолжи да работи според демократските вредности и владеењето на правото и вложувајќи во потребната модернизација на армијата според НАТО стандардите, во најкус можен рок да ја обезбеди атлантската иднина и на Македонија.
НАТО е пред сè сојуз на демократии и граѓаните на Македонија, како и граѓаните на Црна Гора и на целиот регион, имаат потреба да бидат дел од цивилизираниот свет што носи стабилност и безбедност како во нашите држави, така и во светот“, напиша Заев во честитката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Таткото на убиецот од „Рибникар“ осуден на 14 и пол години затвор, а мајката на две години и 11 месеци
Вишиот суд во Белград ги осуди родителите на Коста К., момчето кое уби девет ученици и еден обезбедувач во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград на 3 мај 2023 година, објави „Блиц.рс“.
Владимир Кецмановиќ е осуден на 14 години и шест месеци затвор за кривичните дела занемарување и злоупотреба на малолетно лице и тешко кривично дело против јавната безбедност, додека Миљана Кецмановиќ е осудена на две години и 11 месеци затвор за кривичното дело занемарување и злоупотреба на малолетно лице.
Ова е втора првостепена пресуда, на која обвинителството и одбраната имаат право да се жалат до Апелациониот суд во Белград.
Во својот завршен збор, главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, му предложи на судот да им изрече максимални затворски казни на родителите. Тој побара единствена затворска казна од 14 години и 11 месеци за Владимир Кецмановиќ, а тригодишна затворска казна за Миљана Кецмановиќ.
Од друга страна, одбраната побара ослободителни пресуди, тврдејќи дека наводите во обвинението не се докажани. Судењето беше повторено бидејќи Апелациониот суд во Белград ја поништи првостепената пресуда со која Кецмановиќ беше осуден на неколку години затвор и наложи повторно судење.
фото/епа
Регион
Црна Гора очекува брзо решение на отворените прашања со Хрватска
Црна Гора е оптимист дека во наредните месеци ќе успее да реши поголем дел од отворените билатерални прашања со Хрватска, изјави министерката за европски прашања Маида Горчевиќ.
Таа по усвојувањето на позитивниот извештај за напредокот на земјата во Европскиот парламент истакна дека комуникацијата меѓу Подгорица и Загреб е добра и дека целта е сите спорни прашања да бидат затворени пред влезот на Црна Гора во Европската Унија.
Црна Гора има амбиција да стане 28. членка на ЕУ во 2028 година, а до крајот на годинава планира да ги затвори сите преговарачки поглавја.
Регион
Ужас во Србија: Структура на автобуска постојка падна врз момче, детето е во критична состојба
Синоќа, дванаесетгодишно момче од Младеновац, Србија е примено во детската болница во Белград со исклучително тешки повреди, објави „Телеграф.рс“.
Според првичните информации, момчето е во критична состојба, а лекарите се борат за неговиот живот откако целата конструкција на автобуска постојка паднала врз него.
Во еден момент, момчето се држело за конструкцијата на постојката. Следната секунда, масивната конструкција целосно попуштила и се урнала директно врз детето – според очевидци кои биле на местото на настанот.
Лекарите се борат за животот на детето
Брзата помош брзо реагирала и го пренела тешко повреденото момче во итната детска клиника во Белград.
Полицијата и надлежното обвинителство се известени за случајот.
Истрагата е во тек.
