Регион
Лидерот на црногорската опозиција негира дека ги познава лицата обвинети за организирање на пучот

Челникот на црногорската опозициска партија Демократски фронт, Андрија Мандиќ изјави во петокот дека воопшто не се познава со Русите коишто официјална Подгорица ги осомничен за подготовка на државен удар и оти не е поврзан со никаков обид за пуч и според него станува конструкција на власта и „странска тајна служба“.
Во февруари Скупштината (парламентот) на Црна Гора изгласа одземање на имунитетот на пратениците на Демократскиот фронт, Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ во врска со истрагата за наводниот обид за државен удар на денот на парламентарните избори ланскиот 16-ти октомври, кога заговорниците наводно планирале заземање на парламентот и ликвидација на поранешниот црногорски челник Мило Ѓукановиќ, и притоа го уапси возачот на Мандиќ кој е во Србија, Михајло Чаѓеновиќ.
„Последната одлука на специјалното обвинителство (за поведување истрага против него и неговиот сопартиец Милан Кнежевиќ) најдобро зборува за интелектуалното ниво на оние кои ја водат таа институција. Како што веќе многупати рековме, ние не ги познавме, не знаеме кои се тие, никогаш не сме ги виделе и не сме се слушнале со Русите коишто ги споменува истрагата… Не постои ништо друго, освен обидот на специјалното обвинителството да нанесе штета на Демократскиот фронт, и нам лично“, го цитира Мандиќ информативниот портал CDM.
Според него целта на „одделни западни разузнавачки служби“ е обидот да се подгрее ситуацијата во Црна Гора за да се попречи зближувањето меѓу Русија и САД.
Во декември црногорските власти објавија меѓународни потерници преку Интерпол по руските државјани Едуард Широков и Владимир Попов, како и српските државјани Предраг Богичевиќ, Милош Јовановиќ и Немања Ристиќ поради наводно подготвување на државниот преврат. Специјалното обвинителство особено го сомничи Русинот Широков за планирање убиство на поранешниот премиер Мило Ѓукановиќ.
Според власта во Подгорица, којашто се повикува на западни разузнавачки служби, рускиот државјанин Едуард Шишмаков бил воено аташе во руската амбасада во Полска, а за она за што го обвинуваат за задачата да ја дестабилизира Црна Гора и нејзиното членство во НАТО, го променил личниот идентитет и добил ново презиме Широков. За сличната наводна операција во Молдавија и спротиставување на нејзиното пристапување на Европски унија е осомничени Владимир Попов во летото 2014 година.
Специјалниот обвинител на Црна Гора, Миливој Катниќ, претходно изјави дека некои „руски државни органи“ наводно се вмешани во спомнуваниот обид за државен удар. Според него, таквите заклучоци биле изведени од сведоштва на обвинети и податоци од нивните разговори.
Специјалното државно обвинителство води постапка против 26 лица, а подигнувањето на обвинението го најави за 15-ти април. Исто така, најавено дека на двајцата Руси ќе им се суди во отсуство, доколку од почетокот на судењето не бидат достапни за правосудството.
Црногорското правосудство објави дека руските националисти се главните организатори за обид за терористички напади на денот на парламентарните избори на 16-ти октомври кога е уапсена група осомничени дека на подрачјето на Црна Гора во текот на денот и изборната ноќ планирале да изведат низа терористички акции да предизвикаат хаос во државата па дури и да го ликвидираат челникот Мило Ѓукановиќ.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека обвинувањата против Русија од страна на високопозиционирани личности во Црна Гора се премногу сериозни, а не се поткрепени со никакви факт и се неодговорни.
На почетокот од март од руското обвинителство објавија дека го разгледуваат барањето на Црна Гора за помош во истрагата за наводниот обид за државен удар во текот на парламентарни избори ланскиот октомври./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Санторини и Миконос се најскапи: од денес, туристите плаќаат нов данок во Грција

Од денес, патниците на крузери ќе плаќаат данок од 20 евра ако патуваат до островите Санторини и Миконос, како и пет евра ако одат на други грчки острови, објави Министерството за финансии на таа земја.
„Како што диктира регулативата, оваа такса ќе се однесува на Санторини, Миконос и други острови во помала мера“, изјави претставник на Министерството за финансии, пренесуваат медиумите во регионот.
Грција минатата година донесе закон за да се обиде да го регулира пристигнувањето на големи бродови на популарните туристички дестинации и да ја олесни инфраструктурата.
Даноците ќе се наплаќаат од 1 јуни до 20 септември, а според регулативата, крузерите ќе ги плаќаат од сопствен буџет, а подоцна ќе ги вклучат во цената на билетот за патниците.
Патувањето со крузери станува сè попопуларно во последните неколку години, а приходите во овој сектор се зголемија за 22,4 проценти во текот на изминатата година.
Регион
Милановиќ: Лицемерни и неискрени ветувања за Украина за членство во ЕУ

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денес изјави дека, за жал, Европската Унија со години убива некои земји, а за тоа недостига волја кај некои актери со одложување на нивните преговори.
„Тоа се Црна Гора, Албанија. Па во таа смисла легитимно е да се зборува за Украина во ЕУ, но можам да забележам дека тоа е земја чии територијални перспективи не се јасни. Таа е во војна, а што се однесува до општите услови за членство, не гледам дека ги исполнува. Тоа се фактите. Што ќе се случи потоа, ќе одлучи ЕУ“, рече Милановиќ.
Милановиќ им го кажа ова на новинарите откога го угости својот полски колега Петер Пелегрини одговарајќи на прашање за членството на Украина во Европската Унија.
„Искрено, мислам дека таквото ветување е лицемерно и неискрено. Ова е ставот кон Украина од првиот ден, од 2013 година. Многу зборував за тоа“, рече Милановиќ, а потоа продолжи да зборува за средствата за одбрана:
„Практично, ѝ дадовме на Украина 35 тенка подарок и ништо не добивме за возврат. Добивме трошки од Германија“.
„Способности, а не проценти, тоа е она што е важно“, рече Милаовиќ и продолжи:
„Разговарав со американскиот претседател Доналд Трамп кажувајќи му, без никаков сарказам, дека цените на оружјето треба да се намалат. Американците, Германците, Французите и Британците се како агенти за продажба на сопствените одбранбени индустрии. А ние, од друга страна, сме купувачи и купуваме неверојатно скапа стока кога ќе ја добиеме. Тоа се фактите и на оној што не му се допаѓа нека престане да живее во свет на фантазии“.
Тој исто така коментира за критиките дека словачкиот претседател Роберт Фицо е руски човек.
„Руски човек, што значи тоа? Го познавам. Тој не е руски човек, дури ни во однос на афинитетите, но во некои критични ситуации ќе се однесува како што се однесува“, рече Милановиќ.
Тој вели дека нема никаква врска со Русите, но не може да биде изненаден кога тоа доаѓа од луѓе што ги поминале своите кариери како руски пудлици.
„Дали е ова уреден начин на комуникација?“, праша претседателот на Хрватска и рече:
„Овие приказни дека сум руски човек се одвратни и доаѓаат од луѓе што треба да внимаваат што зборуваат“, објави хрватскиот портал „Дневник“.
Регион
Вучевиќ: Блокадите во Србија претставуваат тероризам, а не граѓанска непослушност

Претседателот на Српската напредна партија, Милош Вучевиќ, денес изјави дека блокадите во Србија претставуваат тероризам, а не граѓанска непослушност и истакна дека поради блокадите на раскрсниците, изборите нема да бидат распишани.
„Некој мисли дека ако блокираат 50 раскрсници, Вучиќ ќе распише избори. Изборите нема да бидат распишани поради тоа. Добро е осмислено, со овие груби, навидум ненасилни дејства, тие се мешаат во нормалното функционирање на граѓаните. Најодвратно е што уживаат во фактот што некој не може да се движи слободно, што ја малтретираат и исцрпуваат полицијата“, рече Вучевиќ за ТВ „Информер“.
Вучевиќ изјави дека главната цел на сè што прават е соборување на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а со тоа и уништување на земјата.
„Тој е нивна пречка, нивна главна цел. Нивните цели се јавните пари да завршат во приватни џебови. Потоа ние да бидеме геноцидна нација и тие да ја завршат работата за Косово, за да биде завршено. Исто така, Србија да добие марионетска влада“, рече Вучевиќ.
Вучевиќ изјави дека оние што блокираат работат на уништување на економијата и спречување на граѓаните да живеат нормално.
Вучевиќ истакна дека блокадите си играат со нервите на мнозинството во Србија бидејќи 15-20 илјади луѓе малтретираат шест и пол милиони луѓе мислејќи дека ќе ги постигнат своите политички цели.
„По ова, никој нема сомнение дека ова се обиди за шарена револуција. Ги молам сите граѓани за трпение. Државата нема да запре. Издржавме агресија на НАТО, санкции, многу полоши работи. Ќе го сториме и ова. Економијата сигурно страда, луѓето се нервозни и немирни“, рече Вучевиќ.
Вучевиќ им честита на полицијата, БИА и на другите безбедносни агенции за нивната професионална работа.
„Им симнувам капа на сите што работеа. Тие ги консолидираа своите редови. Тие разбираат и го информираат државниот врв за она што ни се подготвува. Полицијата ја врати довербата на граѓаните. Врската помеѓу судството и Обвинителството сè уште не е доволно силна. Постојат тактики, некои се отворени за револуција“, рече Вучевиќ.
Според него, ниедно собирање на оние што протестираат не е легално, исто како што не е легална ниту блокадата на раскрсниците и железниците.
„Не е легално да се тепаат новинарки, да се линчува, прогонува и таргетира некого, не може да биде легално кога ја напаѓате полицијата“, рече Вучевиќ.
Фото: ЕПА