Регион
Милановиќ: Влезот на Финска во НАТО е опасно шарлатанство

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека Финска и Шведска не може да влезат во НАТО додека не се смени изборниот закон во БиХ.
„Хрватскиот парламент не смее да ратификува ничиј пристап кон НАТО додека не се смени изборниот закон во БиХ“, нагласи тој.
Милановиќ им рече на новинарите дека може да се разговара за влезот на Финска и Шведска во НАТО, но смета дека тоа е многу опасна авантура. Финска и Шведска заеднички ќе изразат желба за влез во НАТО во мај, објавија вчера финскиот весник „Илталехти“ и шведскиот весник „Експресен“ повикувајќи се на извори блиски до ова прашање.
И покрај поблиската соработка со воената алијанса кога Русија го анектира Крим, скандинавските земји решија да останат неутрални во тоа време, но неодамнешната руска инвазија на Украина предизвика остра пресвртница кај нив. Милановиќ потсети дека не може формално да одлучува за формален влез на тие земји во НАТО, но тоа го смета за многу опасно шарлатанство.
„Што се однесува до мене, нека влезат во НАТО, нека ѝ забодат нож на бесната мечка во очи. Но, додека не се реши прашањето за изборниот закон во БиХ, додека Американците, Англичаните, Германците, ако може и ако сакаат, не ги принудат сараевчани и Бакир Изетбеговиќ да го сменат изборниот закон во следните шест месеци и да не им дадат основни права на Хрватите, парламентот не смее да ратификува ничиј прием во НАТО“, рече хрватскиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Милановиќ: Украинската криза не е единствената што заслужува внимание

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска на отворањето на собранието на Светската здравствена организација (СЗО) изјави дека со голема тага и неверување ги следи нападите врз болниците и здравствените установи во Украина, но дека ова не е единствената криза која заслужува светско внимание.
„Украинската криза можеби е најголемиот фокус, но има многу конфликти кои се појавуваат на глобално ниво и кои ја заслужуваат нашата подеднаква поддршка и внимание“, истакна хрватскиот претседател.
Регион
Мајмунските сипаници пристигнаа во Грција?

Националната здравствена служба на Грција (ЕОДИ) соопшти дека го регистрирала првиот можен случај на мајмунска сипаница, а во тек се лабораториски анализи, чиј резултат треба да го потврди тоа, објавија медиумите во регионот.
„Станува збор за англиски турист кој бил сместен во болницата Атикон“, се додава во соопштението, пренесува агенцијата Тасс.
Резултатите од анализата ќе бидат познати во понеделник, соопштила грчката здравствена служба.
Светската здравствена организација соопшти дека досега се регистрирани околу 80 потврдени случаи на мајмунска сипаница, а за околу 50 случаи се чека потврда од лабораторија.
Регион
(Видео) Тепачка меѓу навивачи на „Хајдук“ со полицијата на автопатот кај Загреб, имало и повредени

Синоќа навивачите на Хајдук се судрија со полицијата на автопатот А1 во близина на одморалиштето Дешинец, пренесуваат хрватските медиуми.
Според написите, за време на организираната парада околу 1.600 навивачи на Хајдук во автобуси, комбиња и автомобили од натпреварот во Загреб, застанале на автопатот А1 во близина на одморалиштето Дешинец и на тој начин ги блокирале сите ленти на автопатот во правец на Карловац.
Потоа, непочитувајќи ги предупредувањата и наредбите од полицијата, голем дел од нив, како што пишува во написите, со физичка сила и предмети погодни за нанесување повреди, нападнале полицајци од повеќе полициски одделенија кои ги придружувале, известила синоќа загрепската полиција.
Одбивајќи го нападот, полицијата возвратила со огнено оружје при што биле ранети двајца напаѓачи, а во нападот биле повредени десетина полицајци, пишуваат хрватските портали.
На социјалните мрежи се појави видео за кое се вели дека е направено синоќа за време на конфликтот. На него, како што пишуваат хрватските портали, се гледа како полицаец тепа навивач со палка додека тој влегува во автомобилот.
Во соопштението на полицијата се наведува дека во 21.35 часот околу 1.600 навивачи на ХНК Хајдук во автобуси, комбиња и лични автомобили од натпреварот во Загреб, самоиницијативно застанале на автопатот А1 во близина на одморалиштето Дешинец, со што ги блокирале сите ленти во правец на Карловац, а потоа, игнорирајќи ги нивните предупредувања и наредби, „неколку стотини од нив со физичка сила и предмети погодни за нанесување повреди нападнале полициски службеници од повеќе полициски одделенија кои ги следеле“, се вели во соопштението на полицијата.
„Полициските службеници употребија средства за присилба, вклучително и огнено оружје, за да го одбијат нападот врз неколку лица, по што надгледуваниот конвој повторно беше ставен под надзор. Во тек е идентификација и приведување на осомничени за кривични дела и прекршоци. Засега е утврдено дека две лица кои биле директно инволвирани во нападот врз полицајци се ранети, најверојатно од огнено оружје, а повредени се десетина полицајци. Сите повредени се надвор од животна опасност“, било наведено во соопштението.
„При контрола на настанот сообраќајот на таа делница од автопатот е затворен и пренасочен на алтернативни правци. Во тек е истрага и кривична истрага“, констатира полицијата.
N1 Загреб известува дека и утринава е затворен за сообраќај делот од автопатот Загреб-Сплит-Плоче каде се случил инцидентот.