Регион
Од 1 јуни нови олеснувања за жителите на Западен Балкан: полесен пристап до германскиот пазар на труд
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/05/Screenshot-2024-05-27-164859.jpg)
Од сабота, 1 јуни, стапува на сила третата фаза од германскиот закон, чија цел е привлекување странска квалификувана работна сила, која носи бројни придобивки за граѓаните од Западен Балкан, а пред се двојна квота на работници од регионот кој ќе може полесно да се вработи во Германија.
Минатата година германската влада воведе закон за имиграција на квалификувани работници (ФЕГ), чии одредби постепено стапуваат на сила.
Всушност, станува збор за продолжување на законот од 2016 година, кој им овозможи на граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија полесен пристап до германскиот пазар на труд, до одреден степен независен од формалните квалификации.
Законот беше продолжен и изменет минатата година и стапува на сила етапно. Измените не се однесуваат на работните места чие извршување според законот е поврзано со сертификација на диплома, на пример академски професии како што се медицина или медицинска сестра, за лица со посебни потреби.
Според законот, секој кој има професионална квалификација ќе може да ја врши таа работа во Германија, а истото важи и без докажување и за лицата кои работеле во нивните земји најмалку две години на работа за која е потребна стручна диплома призната од државата.
Она што е ново е таканаречената „шанса карта“ за барање работа, која се заснова на доделување бодови според различни критериуми, како што се квалификации, познавање на германски или англиски јазик, работно искуство, врски со Германија, возраст и евентуално семејството кое го придружува странскиот работник.
Третата фаза од законот ќе им олесни на странските работници кои ќе се вработат да носат со себе не само потесни, туку и членови од поширокото семејство.
Оваа фаза е особено интересна за стручњаците од занаетчиските професии бидејќи, меѓу другото, од 1 јуни 2024 година двојно се зголемува квотата за лица од Западен Балкан од 25.000 на 50.000, соопшти централниот синдикат на германски занаетчии ЗДХ, пренесуваат регионалните медиуми.
Поточно, тоа значи дека 50.000 граѓани на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија ќе имаат полесен пристап до германскиот пазар на труд, без да докажат професионални квалификации. Дополнително, ќе има и месечни контингенти.
Германската Федерална агенција за вработување однапред ќе дава дозволи за вработување, а не како досега, како последователно одобрување, а работодавците ќе можат да ја побараат дозволата преку Интернет.
Штом Агенцијата даде одобрение, идниот работник од Западен Балкан ќе може да побара германска виза за престој и работна виза во надлежното конзуларно претставништво.
Сепак, олеснувањето нема да важи за продолжување на дозволата за престој, во кој случај вработениот ќе мора да се обрати до надлежната управа за странци.
Од ЗДХ посочуваат дека успехот на законот, кој треба да ја привлече хронично дефицитарната професионална работна сила во Германија, во голема мера зависи од брзината и ефикасноста на институциите.
За да можат малите бизниси да имаат корист од регулативата за Западен Балкан, мора да се воведат брзи и ефикасни административни процедури во „германските претставништва во странство и во германските служби задолжени за странци“, соопштуваат од здружението, пренесуваат медиумите во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Регион
(Видео) Тешка сообраќајка во Грција: бебе меѓу загинатите
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-204400.jpg)
Тешка трагедија се случи во петокот попладне на автопатот Пиргос – Кипарисија, во близина на Месинија во Грција, кога четири лица, меѓу кои 12-месечно бебе и 13-годишно девојче, кои се наоѓале во два автомобили, загинаа во сообраќајма несреќа, пишува „Protothema“.
До несреќата дошло кога 39-годишниот камионџија, кој возел во правец на Кипарисија, од засега непозната причина изгубил контрола, излетал во спротивен правец и налетал на три возила, предизвикувајќи трагични последици.
Според написите, камионот всушност буквално ги стопил двете возила кои учествувале во несреќата. Противпожарната служба со 12 пожарникари ги извлекла настраданите.
Според информациите, во првиот патнички автомобил кој се судрил со камионот било семејство кое живее во странство и отпатувало за Нафплио за да се види со роднините и на одмор на Пелопонез. Во него се пронајдени мртви 38-годишен татко и 12-месечна ќерка, а повредени се 38-годишна мајка и нивниот шестгодишен син, кои се пренесени во болницата во Патра.
Од второто возило кое било заглавено под камионот извлечени се маж (50), девојка (13) и жена (60), кои се здобиле со тешки телесни повреди.
Повредени се и 25-годишен маж кој бил интубиран во Каламата, 39-годишен камионџија и 61-годишен маж, и двајцата се на лекување во болницата Кипарисија.
Затворен е магистралниот пат Пиргос – Кипарисија, а сообраќајот се пренасочува по заобиколен пат.
Регион
Едно лице загина во експлозија во магацин за огномет во Бугарија, ќерка му е со 85 отсто изгореници
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/3-13.jpg)
Едно лице загина во експлозија во магацин за огномет во близина на бугарскиот град Елин Пелин, недалеку од Софија, изјави денеска бугарскиот министер за внатрешни работи, Калин Стојанов.
Мажот (49), кој почина во експлозијата, добил тешки изгореници и синоќа бил хоспитализиран, а неговата 20-годишна ќерка, која исто така е во болница со 85 отсто изгореници, сѐ уште е во критична состојба, пренесува порталот „Новините“.
Стојанов рече дека во магацинот во кој се случила експлозијата може да има уште две лица, меѓу кои и 22-годишниот син на сопственикот на магацинот.
Регион
Дете починало 7 дена по операција на крајници во Хрватска
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/23.jpg)
Седумгодишно дете почина вчера, една недела по операцијата на крајници, која беше извршена во Клиничката болница „Свети дух“ во Хрватска.
Седум дена по извршената операција на Клиниката за оториноларингологија и хирургија на глава и врат и шест дена по отпуштањето од болница, детето во раните утрински часови било донесено утрово без витални знаци.
Веста за смртта на детето во рок од 24 часа ја потврди директорот на болницата, д-р Игор Алфиревиќ.
„За жал, точна е информацијата дека во четвртокот, 25 јули 2024 година, по реанимација во Обединетата итна болница на Клиничката болница „Свети дух“ почина седумгодишно дете“, рече тој.
Во тек е истрага, а телото на детето е испратено на обдукција.