Регион
Орбан снимен на одмор во Хрватска: „Ги чекаме Путин и Трамп“
Покрај посетата на Киев, Виктор Орбан беше и во Москва, каде што се сретна со Владимир Путин, а во Вашингтон пред шест дена разговараше со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. По напорните патувања, унгарскиот премиер реши повторно да се одмори во Хрватска.
Меѓу туристите што се враќаат на јадранскиот брег е и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој деновиве повторно беше снимен на островот Вис.
Имено, премиерот и минатата година го поминал својот одмор во Хрватска, поточно во Опатија, каде што престојувал во луксузна вила во сопственост на Унгарката Ана Унгар, пишува „Вечерњи лист“.
Овој пат Орбан го избра јужниот остров, а со него успеа да се фотографира и сопственикот на популарниот ресторан „Вила Калиопа“, Горан Печаревиќ.
„Ги чекаме Путин и Трамп. Доцнат“, се пошегува Печаревиќ со објавената фотографија што ја објави на „Фејсбук“, а на која седи со унгарскиот премиер и со насмевка ги креваат рацете во воздухот исто како поранешниот американски претседател Доналд Трамп по атентатот, во кој бил ранет во увото.
Премиерот беше во лежерно издание. Носеше светлосина кошула со куси ракави со палми, црвени бермуди и капа.
Самиот Орбан не се огласи, а се чини дека овој одмор следуваше по тешките патувања во последните недели откога Унгарија го презеде претседавањето со ЕУ, пишува медиумот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Подрумите не смеат да се користат за туристички сместувања“ – Грција ги заострува правилата за издавање
Пратениците во Грција денеска почнаа да расправаат за предложениот закон со кој ќе се заострат правилата за краткорочно изнајмување на станови на туристи, вклучително и забрана за користење на пренаменети магацини и подруми без прозорци.
Реновираните магацини, подземните простори и поранешните индустриски капацитети ќе бидат отстранети од платформите за изнајмување според предложените измени, пренесува АП.
„Подрумите повеќе нема да бидат дозволени за употреба: просторите за изнајмување мора да служат како примарни простори за живеење, со природна светлина, вентилација и климатизација“, рече министерката за туризам Олга Кефалојани.
Неколку опозициски пратеници ја обвинија централно-десничарската влада дека ги игнорира социјалните трошоци и оптоварувањето на ресурсите предизвикани од порастот на туризмот и повикаа на посеопфатни ограничувања на кириите.
„Дозволувате концентрација на краткорочни изнајмувања во области популарни кај туристите. Тоа драстично ги менува населбите и ги раселува постојаните жители“, изјави денеска во парламентот левичарската пратеничка Калиопи Вета.
Предлог-законот, кој исто така воведува подетални безбедносни и оперативни стандарди за изнајмување, се очекува да биде изгласан кон крајот на овој месец.
Пред една година Атина воведе забрана за нови регистрации за краткорочно изнајмување во популарните области како Колонаки, Кукаки и Егзархија, а прекршувањата се казнуваат со 20.000 евра.
Изнајмувањето за одмор помогна да се зајакне клучната туристичка индустрија во Грција, која сочинуваше 13 отсто од бруто домашниот производ на земјата во 2023 година, но исто така го зголеми притисокот врз трошоците за домаќинствата поради високите кирии, наведува агенцијата.
Владата во Атина рече дека промените имаат за цел да ги балансираат придобивките од туризмот со достапноста на становите и да понудат даночни олеснувања за сопствениците на имот кои се откажуваат од краткорочните изнајмувања. Грција очекува приходите од туризмот да достигнат рекордни 22 милијарди евра во 2025 година со проектирани 35 милиони туристи, според официјалните проценки.
Регион
На полноќ почнува изборниот молк пред вториот круг од претседателските избори во Хрватска
Денеска е последниот ден од кампањата во Хрватска во пресрет на вториот круг од претседателските избори в недела на 12 јануари, а на полноќ стапува во сила изборниот молк.
Во избирачкиот список се запишани нешто помалку од 3,8 милиони гласачи, а тие ќе одлучуваат меѓу актуелниот претседател Зоран Милановиќ (СДП) и Драган Приморац (ХДЗ со партнерите).
Гласачките места ќе бидат отворени в недела од 7 до 19 часот.
Регион
По Црна Гора, слаб земјотрес ја погоди и Хрватска
Земјотрес со јачина од 2 степена според Рихтеровата скала денеска ја погоди Хрватска.
Епицентарот на земјотресот бил на 33 километри од Риека, на длабочина од 34 километри.
Предходно, Црна Гора ја погоди земјотрес со јачина од 3,6 степени. Засега нема информации за повредени или материјална штета.