Регион
Отворена новата база на НАТО во Албанија
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, денеска, официјално ја прогласи за отворена воздушната база на НАТО во Кучово.
Според неговите зборови, оваа база „ќе му служи на Северноатлантскиот сојуз за оперативни и тактички цели“, пишува „Албанијан пост“.
Бегај оцени дека отворањето на воздухопловната база во Кучово е голема привилегија за Албанија и една од најголемите инвестиции на НАТО во таа земја.
„Базата на НАТО го симболизира мостот што ги поврзува минатото и сегашноста. Таа е и симбол на безбедноста, а Албанија не е случајно избрана. Тоа е неопходна и добредојдена инвестиција бидејќи руската агресија врз Украина и ситуацијата на Блискиот Истокот се сегашните предизвици“, рече Бегај и нагласи дека отворањето на НАТО-базата во Кучово е доказ за довербата на сојузниците, кои во Албанија гледаат достоен и посветен партнер.
Албанскиот премиер Еди Рама изрази голема благодарност до сите фактори што помогнаа да се отвори оваа база, од НАТО до локалното население, за кое, како што рече, отсега ќе има повеќе работни места.
Албанија претходно вети дека ќе инвестира во оваа база со цел да ја модернизира и да може да служи како база на албанското воздухопловство.
Покрај воената намена, оваа база ќе им даде помош на соседните земји во борбата против природните катастрофи или други несреќи, затоа, според албанските власти, базата во Кучово е важна не само за Албанија, туку и за целиот регион.
Реконструкцијата на базата во Кучово почна во јануари 2022 година, а оттогаш се работи на оградување и обезбедување, како и на заштита на околината, каде што се наоѓа овој воен објект.
Реконструкцијата на воздухопловната база е дел од билатералните договори што ги постигнаа албанскиот премиер Еди Рама и американскиот државен секретар, Ентони Бликен.
Американскиот државен секретар потврди дека оваа база ќе има помош од сите земји партнери во НАТО за да се опреми со најнова технологија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Фон дер Лајен: Србија е еден од најнапредните кандидати за членство во ЕУ
Србија е една од најнапредните земји во процесот на пристапување во Европската унија и на неа е да избере брзина на пристапување, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по состанокот со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград.
Фон дер Лајен рече дека партнерството меѓу Србија и Европската унија станува се посилно, а ЕУ е првиот трговски партнер и инвеститор на Србија.
Напредокот на Србија на европскиот пат и почетокот на имплементацијата на Планот за раст на Западен Балкан беа во фокусот на разговорот меѓу Вучиќ и Фон дер Лајен.
„Планот за раст треба да ги приближи економиите од Западен Балкан до нашата и постепено да го интегрира регионалниот пазар со единствениот европски пазар. Принципот е многу едноставен. Ги отвораме вратите на единствениот пазар на Европската унија во одредени сектори за српските компании, а за возврат треба да се спроведат одредени реформи заради фер услови на пазарот“, рече Фон дер Лајен.
Регион
Земјотрес со јачина од четири степени ја погоди Албанија
Земјотрес со јачина од четири степени според Рихтеровата скала вечерва ја погоди Албанија, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).
Земјотресот се случил на длабочина од пет километри, додава EMSC.
Епицентарот на земјотресот е регистриран на 11 километри источно од градот Фјер, каде живеат околу 60.000 луѓе.
Регион
Вучиќ со Фон дер Лајен: Сѐ додека јас сум претседател, Србија ќе остане на европскиот пат
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека сѐ додека тој е претседател на државата, Србија нема да ги промени своите главни надворешнополитички цели, а тоа се европскиот пат и определбата за членство во ЕУ.
На заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која е во дводневна посета на Србија, Вучиќ рече дека европскиот пат е од клучно значење за напредокот на земјата, дека Србија посветено работи на тој пат и се надева на резултати.
Тој истакна дека имал многу долг, крајно отворен и искрен разговор со Фон дер Лајен и дека има работи за кои Европската Унија ја критикува Србија, но дека претседателот на ЕК секогаш бил подготвен да ја сослуша нивната страна.
Како што рече, разговарале за определбите на Србија.
„Јас ѝ го кажав истото тоа што ви го кажав вчера. Колку и да размислуваат поинаку некои луѓе, јас сум претседател на Републиката со највисок легитимитет во државата, избран директно од граѓаните двапати по ред во првиот изборен круг, што никогаш не се случило во нашата историја, а додека јас сум претседател, нема промена на главните цели на нашата надворешна и внатрешна политика. Тоа значи дека нашиот европски пат е и наше застапување за европска Србија и е од клучно значење за нашиот напредок, дека Србија ќе се посвети на работа на тој пат и дека се надеваме на резултати“, изјави Вучиќ.
Тој ѝ честита на Урсула фон дер Лајен за нејзиниот реизбор на функцијата претседател на Европската комисија и ѝ се заблагодари за поддршката што ѝ ја дала на Србија во претходниот мандат и додаде дека се надева оти тоа ќе продолжи да го прави и во овој мандат, пренесува „Танјуг“.
„Има една работа што луѓето во Србија многу ја почитуваат. Кога ни доаѓаат гости, речиси сите доаѓаат во Белград кога се во прашање високи делегации, официјални посети во нашата земја и двапати отидовме далеку од Белград, далеку од урбаните средини, а тоа е нешто што нашите граѓани, нашиот народ, исклучително го почитуваат и ценат, ви благодариме за поддршката и помошта што ни ја дадовте во претходниот период“, рече Вучиќ.