Регион
Пожар беснее четврти ден кај резерват во Грција, загрозено село во близина

Пожарот што беснее четврти ден во близина на природниот резерват Дадија во североисточна Грција, во близина на границата со Турција, повторно му се заканува на едно село поради што властите побараа од граѓаните да ги напуштат своите домови вторпат за кратко време.
Пожарите кај Дадија и подрачната единица Илија се главните пожари во Грција, но, како што пренесува „Катимерини“, уште многу пожари се шират во земјата.
Пожарот на островот Лезбос, кој му се закануваше на одморалиштето на јужната страна на островот, се чини дека стивнал и има само изолирани џебови, според локалните власти.
Во меѓувреме, пожар избувна и на неколку други локации – на Пелопонез, Западна Македонија, централна Грција и на Крит.
Високите температури, заедно со силните ветрови, кои често го менуваат правецот, го забрзуваат ширењето на пожарот. Портпаролот на противпожарната служба Јанис Атропојос во неделата изјави дека од четвртокот се регистрирани 141 пожар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
„Кориера дела сера“: Меѓу загинатите во трагичната несреќа кај Венеција е лице од Хрватска

Како што пренесува италијанскиот „Кориере дела сера“, меѓу загинатите во автобуската несреќа кај Венеција е и едно лице од Хрватска.
Во автобусот имало двајца Хрвати. Наводно, се работи за млад брачен пар од Сплит или неговата околина.
Според сè уште непотврдени информации, почината е млада жена, а млад човек е опериран и се наоѓа во една од блиските болници.
Меѓу 21 загинат има петмина украински државјани, Германец, Французин и Италијанец.
Регион
Тринаесетгодишно девојче се пожалило на болки во стомакот, отишло во болница и се породилo во тоалет: не знаела дека е бремена

13-годишно девојче од Грција викендов се породило во тоалет на болница на островот Наксос, каде што било примено поради болки во стомакот. Не ни знаела дека е бремена, а и таа и бебето се добро.
Минатата сабота родителите ја однеле на ургентниот центар на болницата поради силни болки во стомакот, кои ги препишале на хроничен запек.
Педијатарот ѝ дал клизма за да се олесни, како што е пропишано во овие случаи. Но, кога докторот сфатил дека девојчето не излегува од тоалетот, отишол да ја провери и тогаш го видел бебето во мијалникот и папочната врвца како висат.
Потоа, девојчето било префрлено во болницата „Сирос“, каде што моментно е со бебето.
„Прототема“ пишува дека во болницата на Наксос немало ниту радиолог поради што малолетничката не била подложена на ултразвук пред да се породи.
Семејството е постојано покрај неа.
„Таа е преплашена, но ја следат детски психолози. Замислете детето да каже дека го боли стомакот, а да заврши со породување. Породувањето почна кога таа отиде во тоалет во болницата“, вели роднина на семејството.
Девојчето било кај педијатарот за време на бременоста, но никој не сфатил дека е бремена.
„Неодамна забележавме дека малку се здебелила, но не ѝ придававме никаква важност“, рекла роднината.
Како што пренесува „Мега“, малолетничката им открила на детските психолози дека таткото на нејзиното бебе е нејзин школски другар, но нејзините блиски рекле дека не знаат ништо за тоа.
Регион
Абазовиќ за конфликтот во Украина: „Ако сите го прават она што ние го правиме, војната ќе заврши за две недели“

Црна Гора издвојува 14 отсто од воениот буџет за помош на Украина, изјави премиерот на црногорската влада во технички мандат, Дритан Абазовиќ, и додаде дека доколку секоја европска земја го направи истото тоа како Црна Гора, војната ќе заврши за две до три недели.
Абазовиќ ова го рече на Форумот за безбедност во Варшава, каде што во главниот град на Полска учествува како говорник на панелот: „Глобални предизвици, глобални коалиции? Како може колективниот Запад да изгради партнерства во надворешната политика“.
Абазовиќ рече дека утре истото ова може да се случи и со Западен Балкан.
„Народот на Украина не се брани, туку го брани своето право, кое сите го имаме, да го избереме својот пат. Мислам дека ЕУ мора да го оживее процесот на проширување доколку сака да остане привлечна за новите членки во контекст на глобална коалиција бидејќи треба да размислуваме за трети страни, а ако сакаме да се чувствуваме побезбедно во контекст на Русија, Кина утре или некоја трета земја, мислам дека ЕУ треба да донесе одлука за заживување на процесот на проширување. Велика Британија замина од ЕУ, но сега е време за поголеми коалиции“, рече Абазовиќ.
На светот, рече тој, му треба повисоко ниво на соработка.