Регион
Претседателот на Албанија го повика Ватикан да го признае Косово

Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, имаше средба со секретарот на Светата столица за односи со држави и меѓународни организации, надбискупот Пол Ричард Галагер, кој е во официјална посета на Албанија.
Истакнувајќи ги одличните односи меѓу Албанија и Ватикан, но и духовните односи на албанската католичка заедница и Светата столица, Бегај ја поздрави посетата на Галагер на Тирана и оцени дека тоа е потврда за добрите односи.
Бегај особено се осврна на исклучителната улога и придонес што Светата столица ја имал во напорите за постигнување мир и стабилност во регионот на Западен Балкан.
Во тој контекст тој го повторил барањето за признавање на Косово од страна на државата Ватикан, признание, кое, како што наведе, ќе послужи како голема поддршка за најновата држава во Европа.
Бегај ја истакнал потребата од зголемена поддршка од сите важни актери за Косово и неговите граѓани, како и за дијалогот меѓу Косово и Србија, кој е поддржан од Европската Унија и САД.
Соговорниците се осврнале и на влијанието на руската воена агресија врз Украина на Балканот и на свеста за значењето што овој регион го има за стабилноста на европскиот континент, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ за Си-Ен-Ен: Србија ги спроведе сите меѓународни обврски, Косово ниту една

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, говорејќи за американската телевизија Си-Ен-Ен, рече дека српската страна ги спроведувала сите меѓународни обврски од Бриселскиот договор, а косовската страна не ја исполнила онаа што ја имала – формирањето на Заедницата на српски општини.
Вучиќ истакна дека од доаѓањето на косовскиот премиер Албин Курти на власт имало 353 етнички мотивирани напади врз Србите, додавајќи дека ова е најголемиот број на вакви инциденти од прогласувањето на независноста на Косово.
“Само оваа година имаше пет пукања врз цивили од српска националност. Србите сакаат само безбедност и сигурност за себе и за своите семејства£, рече Вучиќ.
Тој ги негираше обвинувањата на Албин Курти дека ги уценувал Србите да не гласаат на локалните избори во северно Косово, прашувајќи ја водителката дали некогаш видела легитимни демократски избори на кои излегле нешто повеќе од 3 отсто од гласачите.
Регион
Харадинај: Курти отиде во крајност, поттикна конфликти, да ја напушти владата бидејќи е опасност за земјата

Лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај изјави дека е загрижен за ситуацијата на северот на земјата, пренесува „Економи онлајн“.
Тој по вонредната седница на претседателството оцени дека ситуацијата е сериозна, додавајќи дека за тоа е одговорен самиот премиер Албин Курти, па затоа, според него, треба да ја напушти Владата бидејќи е опасност за државата.
Харадинај рече дека единствено решение за ова, е гласање недоверба на владата на Курти, бидејќи тој отишол во крајности.
Според неговите зборови, Курти наместо да соработува со САД, поттикнал конфликт на северот на Косово, кој им одговара на Србија и Русија.
„Она што ја направи оваа ситуација многу лоша е дрскоста на Курти да му се обрати на американскиот секретар преку медиумите и во име на Косово. Курти отиде во крајности со нашата безбедносна гаранција. Благодарни сме на косовската полиција и започнавме меѓусебна комуникација со пратеничките групи“, рече тој.
Регион
Месиќ: Не гледам вистински лидери во ЕУ, земјите од Западен Балкан на непотребно долг пат до членство

Поранешниот претседател на Хрватска, Стипе Месиќ, денеска во Скопје изјави дека сите земји од Западен Балкан се на непотребно долг пат кон членство во Европската унија и посочи дека Северна Македонија одамна требало да биде членка на Унијата.
„Затоа ја повикувам претседателката на Европската комисија да направи се, за што поскоро земјите од Западен Балкан да влезат во Унијата и да покажат поголема емпатија кон граѓаните од овој дел од светот. На примерот на Украина видовме дека патот кон Европа мора да биде побрз“, рече Месиќ на 6. Македонски енергетски форум.
Според него, атрактивноста на ЕУ сè повеќе згаснува и тоа не е добро, бидејќи креаторите на Унијата биле лидери и знаеле што сакаат.
„Денес, простете ми, но јас не гледам вистински лидери, ниту во Европа, ниту во светот. Тоа се бирократи во Брисел со големи плати, но не гледам резултати. Наместо да се забрза влезот на земјите кои чекаат и да им се помогне што поскоро да влезат во ЕУ, се губи атрактивноста“, вели Месиќ.
Како што оценува, денешното раководство на ЕУ малку успорува.
„Влезот во ЕУ треба да се забрза. Европа ќе стане главен играч само ако е обединета и што е најважно, ќе биде континент на мирот. Дали тие во Брисел и надвор од Брисел се свесни за ова, е друго прашање, но од она што се прави, немам чувство дека некој размислува за тоа“, истакна Месиќ.