Регион
Радев: Францускиот предлог е најдобар во моментот

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, денеска изјави дека „францускиот предлог за деблокирање на евроинтегративниот процес на Македонија е најдобар за Бугарија, но бугарските политичари не треба да брзаат да прогласат историска победа бидејќи предложените документи не даваат доволно гаранции за заштита на интересите на Софија.
Тој истакна дека најдоброто е тоа што Бугарија успеала да се спротивстави на два совета за проширување на ЕУ кога имала јасна позиција и јасни аргументи.
Радев смета дека „прашањето за одбрана на граѓанските права и борбата против дискриминацијата не може да биде билатерално прашање само меѓу Бугарија и Република Македонија, туку мора да се постави на ниво на ЕУ“.
Ги повика бугарските политичари да не брзаат со прогласување историска победа затоа што промената на Уставот на Македонија не е последен, туку прв чекор кон интеграцијата на земјава во ЕУ.
„Треба да биде јасно дека овој процес се заснова на два важни документа – првиот е преговарачката рамка, која е обврска и ја подготвува ЕУ. Вториот е билатералниот протокол, кој е наша заложба и е составен дел на преговарачката рамка“, рече Радев, пренесува „Бгнес“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Генчовска: Имаме џентлменски договор со Османи дека протоколите се прецизирани, нема да ги отвораме текстовите

Бугарија ќе преземе мерки против говорот на омраза што деновиве се случува Македонија, како што секогаш правиме, изјави бугарската министерката за надворешни работи во оставка, Теодора Генчовска.
Генчовска рече дека ќе биде врачена нота, пренесе „Бгнес“.
На прашањето дали се прецизирани протоколите и кога бугарското општество може да се запознае со нив, Генчовска одговори: „Имаме џентлменски договор со министерот за надворешни работи на РСМ, Бујар Османи, дека протоколите се затворени. Се надевам дека ќе се придржува до тоа, јас се придржувам до тоа. Нема да ги отвораме текстовите. Бидете сигурни дека тие целосно го гарантираат националниот интерес и целосно ги почитуваат одлуките на Народното собрание“, нагласи таа.
Генчовска изјави дека Скопје е заинтересирано работите да се случуваат многу брзгу бидејќи многу земји членки на ЕУ веќе зборуваат за одвојување на Северна Македонија од Албанија. „Топката е директно во теренот на PCM“, рече таа. На прашањето дали Бугарија е заинтересирана за одвојување на двете земји на нивниот пат кон ЕУ, шефицата на бугарската дипломатија рече дека процесот се базира на конкретни резултати.
„Ја поддржуваме Албанија и покрај изјавите што ги гледаме од албанските власти во последно време. На крајот ќе одлучат земјите членки“, рече Генчовска.
Регион
Албанија ги укинува царините за стоки од Македонија, Србија и од Косово

Албанската влада одлучи да ги укине царинските тарифи за стоки што минуваат на албанските гранични премини по потекло од Србија, Косово и од Македонија.
Одлуката дојде како последица на решителноста на земјата во процесот „Отворен Балкан“ и помошта што членовите на иницијативата мора да си ја дадат меѓусебно во кризата на високите цени.
Иако Приштина не е дел од оваа иницијатива, Министерството за финансии во Тирана одлучило за нејзино вклучување врз основа на договорот за меѓусебно отстранување на царинските бариери, јавуваат медиумите во Тирана.
Надоместоците за паркирање возила, печатирање стока и нивно мерење повеќе нема да се наплаќаат.
Медиумите во Тирана наведуваат дека Албанија во првите пет месеци од годинава на косовскиот пазар извезла стока во вредност од 132 милиона евра. 100 милиони во Србија и 62 милиона во Македонија.
Регион
Европскиот парламент со резолуција побара Србија да го признае Косово, Вучиќ одговори

Членовите на Европскиот парламент (ЕП) усвоија резолуција во Стразбур, во која се наведува дека напредокот на Србија кон ЕУ директно ќе зависи од зајакнувањето на владеењето на правото, нормализирањето на односите со Косово и усогласувањето со европската надворешна и безбедносна политика, што вклучува воведување санкции против Русија.
Резолуцијата беше усвоена на пленарната седница на ЕП со 523 гласа „за“, 78 „против“ и 34 воздржани.
Со резолуцијата Европскиот парламент првпат ги повикува Србија и Косово да постигнат договор за нормализација на односите врз основа на заемно признавање.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека нема ни да го разгледа барањето на Европскиот парламент за Косово.
Тој кажа како Србија ќе одговори:
„Убаво, пристојно и учтиво – нема. Можеме ли да направиме нешто попристојно? Не ни паѓа на памет. Можеме ли да направиме нешто уште попристојно? Нема ни да разгледуваме“, беше јасен Вучиќ.
На прашањето дали ќе се согласи да оди на дијалог со Албин Курти, Вучиќ рече дека би сакал, но дека никој не му се јавил и дека не гледа смисла во тоа.