Регион
Сопругата на грчкиот амбасадор во Бразил обвинета дека го организирала неговото убиство за 25.000 долари

Сопругата на убиениот грчки амбасадор во Бразил, Франсоас де Соуза Оливеира Амиридис наводно ја признала вмешаноста во смртта на нејзиниот сопруг, објави бразилската телевизија Globo.
Претходно во петокот полицискиот службеник од бразилскиот мегалополис Рио де Жанеиро, Сержиу Мореира го признал убиството на грчкиот амбасадор во Бразил, 59-годишниот Киријакос Амиридис, во вторникот вечерта во неговиот дом во општината Нова Игаусу, во регионот Баиксада Флуминенсе, северно од Рио.
Претходно во петокот полицијата на сослушување ги повика Мореира и Франсоас, откако откриле дамки од крв на каучот во станот на амбасадорот, и ја водеше истрагата во насока на убиство на амбасадорот.
„Сопругата го организирала неговото убиство ветувајќи му на еден од извршителите 80.000 реали, или 24.600 американски долари“, изјавил на прес-конференција иследникот од полицијата на Реи де Жанеиро, Еваристо Понтес Магаљас, кој ја водеше истрагата.
Според него, тврдењето на правосудните органи се заснована сведочењето на Едуардо Мореиро де Мело. Тој бил внук на наводниот љубовник на сопругата на дипломатот, припадникот на воената полиција на Рио де Жанеиро, Сержиу Мореиро Фиљо.
„Сведочењето на Едуарду не оставаат простор за сомневање дека сето тоа било планирано однапред. Тоа во прв ред го потврдува фактот дека Франсуас Амиридис му понудила 80.000 реали на неговиот чичко за помош да го реализира планот“, изјавил иследникот.
Додал дека Моеира Фиљо признал дека имал афера со сопругата на амбасадорот и оти е вмешан во убиството на амбасадорот. Сепак, според осомничениот, тој дејствувал во самоодбрана, бидејќи дознавајќи за прељубата Амиридис наводно го нападнал со тупаници. Таквата верзија истрагата ја смета за невистинита, бидејќи 29-годишниот полицаец физички значително бил супериорен во однос на 59-годишниот дипломат.
Што се однесува до сопругата на амбасадорот, и покрај сознанијата на една од најгледаните бразилски телевизии Globo дека го признала делото, таа подоцна целосно негирала. Таа изјавила дека за убиството на сопругот дознала дури следниот ден, кога ги забележала дамките крв на каучот во станот, но сепак решила да не го пријавува љубовникот. Покрај тоа, додала дека амбасадорот постојано ја тепал.
Судот во Рио де Жанеиро по барање на иследниците издал налог за апсење на тројца осомничени и тие ќе останат во притвор најмалку 30 дена.
Точната причина за смртта на грчкиот дипломат, сепак, не е утврдена, бидејќи неговото тело било речиси потполно уништено од оган.
Во четвртокот бразилските медиуми, повикувајќи се на службеници на амбасадата на Грција во главниот град Бразилија, објавија дека 59-годишниот дипломат исчезнал пред три дена, во текот на празничниот одмор во Рио де Жанеиро, каде престојувал со сопругата. Според телевизијата Globo, исчезнувањето го пријавила сопругата којашто во полицијата изјавила дека тој во понеделникот вечерта сам го напуштил домот, а не се вратил следниот ден.
Во четвртокот попладнето по локално време во општината Нова Игаусу, каде што е пријавено исчезнувањето, полицијата откри во бездна автомобил чиишто регистарски таблички одговарале на табличките на автомобилот кој го изнајмил амбасадорот, а во внатрешноста бил откриено изгорено тело. Останките се однесени на институтот за судска медицина при тамошниот универзитет.
Амиридис бил конзул во Рио де Жанеиро во периодот од 2001 до 2004 година. Во јануари 2016 е именуван за амбасадор на Грција во Бразил, откако претходните четири години бил амбасадор во Либија./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Санторини и Миконос се најскапи: од денес, туристите плаќаат нов данок во Грција

Од денес, патниците на крузери ќе плаќаат данок од 20 евра ако патуваат до островите Санторини и Миконос, како и пет евра ако одат на други грчки острови, објави Министерството за финансии на таа земја.
„Како што диктира регулативата, оваа такса ќе се однесува на Санторини, Миконос и други острови во помала мера“, изјави претставник на Министерството за финансии, пренесуваат медиумите во регионот.
Грција минатата година донесе закон за да се обиде да го регулира пристигнувањето на големи бродови на популарните туристички дестинации и да ја олесни инфраструктурата.
Даноците ќе се наплаќаат од 1 јуни до 20 септември, а според регулативата, крузерите ќе ги плаќаат од сопствен буџет, а подоцна ќе ги вклучат во цената на билетот за патниците.
Патувањето со крузери станува сè попопуларно во последните неколку години, а приходите во овој сектор се зголемија за 22,4 проценти во текот на изминатата година.
Регион
Милановиќ: Лицемерни и неискрени ветувања за Украина за членство во ЕУ

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денес изјави дека, за жал, Европската Унија со години убива некои земји, а за тоа недостига волја кај некои актери со одложување на нивните преговори.
„Тоа се Црна Гора, Албанија. Па во таа смисла легитимно е да се зборува за Украина во ЕУ, но можам да забележам дека тоа е земја чии територијални перспективи не се јасни. Таа е во војна, а што се однесува до општите услови за членство, не гледам дека ги исполнува. Тоа се фактите. Што ќе се случи потоа, ќе одлучи ЕУ“, рече Милановиќ.
Милановиќ им го кажа ова на новинарите откога го угости својот полски колега Петер Пелегрини одговарајќи на прашање за членството на Украина во Европската Унија.
„Искрено, мислам дека таквото ветување е лицемерно и неискрено. Ова е ставот кон Украина од првиот ден, од 2013 година. Многу зборував за тоа“, рече Милановиќ, а потоа продолжи да зборува за средствата за одбрана:
„Практично, ѝ дадовме на Украина 35 тенка подарок и ништо не добивме за возврат. Добивме трошки од Германија“.
„Способности, а не проценти, тоа е она што е важно“, рече Милаовиќ и продолжи:
„Разговарав со американскиот претседател Доналд Трамп кажувајќи му, без никаков сарказам, дека цените на оружјето треба да се намалат. Американците, Германците, Французите и Британците се како агенти за продажба на сопствените одбранбени индустрии. А ние, од друга страна, сме купувачи и купуваме неверојатно скапа стока кога ќе ја добиеме. Тоа се фактите и на оној што не му се допаѓа нека престане да живее во свет на фантазии“.
Тој исто така коментира за критиките дека словачкиот претседател Роберт Фицо е руски човек.
„Руски човек, што значи тоа? Го познавам. Тој не е руски човек, дури ни во однос на афинитетите, но во некои критични ситуации ќе се однесува како што се однесува“, рече Милановиќ.
Тој вели дека нема никаква врска со Русите, но не може да биде изненаден кога тоа доаѓа од луѓе што ги поминале своите кариери како руски пудлици.
„Дали е ова уреден начин на комуникација?“, праша претседателот на Хрватска и рече:
„Овие приказни дека сум руски човек се одвратни и доаѓаат од луѓе што треба да внимаваат што зборуваат“, објави хрватскиот портал „Дневник“.
Регион
Вучевиќ: Блокадите во Србија претставуваат тероризам, а не граѓанска непослушност

Претседателот на Српската напредна партија, Милош Вучевиќ, денес изјави дека блокадите во Србија претставуваат тероризам, а не граѓанска непослушност и истакна дека поради блокадите на раскрсниците, изборите нема да бидат распишани.
„Некој мисли дека ако блокираат 50 раскрсници, Вучиќ ќе распише избори. Изборите нема да бидат распишани поради тоа. Добро е осмислено, со овие груби, навидум ненасилни дејства, тие се мешаат во нормалното функционирање на граѓаните. Најодвратно е што уживаат во фактот што некој не може да се движи слободно, што ја малтретираат и исцрпуваат полицијата“, рече Вучевиќ за ТВ „Информер“.
Вучевиќ изјави дека главната цел на сè што прават е соборување на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а со тоа и уништување на земјата.
„Тој е нивна пречка, нивна главна цел. Нивните цели се јавните пари да завршат во приватни џебови. Потоа ние да бидеме геноцидна нација и тие да ја завршат работата за Косово, за да биде завршено. Исто така, Србија да добие марионетска влада“, рече Вучевиќ.
Вучевиќ изјави дека оние што блокираат работат на уништување на економијата и спречување на граѓаните да живеат нормално.
Вучевиќ истакна дека блокадите си играат со нервите на мнозинството во Србија бидејќи 15-20 илјади луѓе малтретираат шест и пол милиони луѓе мислејќи дека ќе ги постигнат своите политички цели.
„По ова, никој нема сомнение дека ова се обиди за шарена револуција. Ги молам сите граѓани за трпение. Државата нема да запре. Издржавме агресија на НАТО, санкции, многу полоши работи. Ќе го сториме и ова. Економијата сигурно страда, луѓето се нервозни и немирни“, рече Вучевиќ.
Вучевиќ им честита на полицијата, БИА и на другите безбедносни агенции за нивната професионална работа.
„Им симнувам капа на сите што работеа. Тие ги консолидираа своите редови. Тие разбираат и го информираат државниот врв за она што ни се подготвува. Полицијата ја врати довербата на граѓаните. Врската помеѓу судството и Обвинителството сè уште не е доволно силна. Постојат тактики, некои се отворени за револуција“, рече Вучевиќ.
Според него, ниедно собирање на оние што протестираат не е легално, исто како што не е легална ниту блокадата на раскрсниците и железниците.
„Не е легално да се тепаат новинарки, да се линчува, прогонува и таргетира некого, не може да биде легално кога ја напаѓате полицијата“, рече Вучевиќ.
Фото: ЕПА