Регион
Српски доктор патентира лек против Ковид-19 и стана милионер

Тројца професори во Универзитетот за медицина во Саутемптон направија голем исчекор во лекувањето на пациентите заболени од коронавирус, па истовремено станаа и милионери преку ноќ.
Пред две децении, српскиот доктор и професор Ратко Џукановиќ, заедно со колегите Стивен Хојгејт и Дона Дејвис откриле дека протеинот интерферон бета, кој помага кај настинките, им недостига на оние кои боледуваат од астма и хронични болести на белите дробови.
На основа на тоа нивната фирма развила негова замена која им помага на пациентите со вирусни заболувања, пишува „Гардијан“.
Клиничката студија на нивниот лек СНГ001, базирана на интерферонот бета, е завршена пред неколку дена и покажала дека пациентите заразени со вирусот Ковид-19 имаат две до трипати поголеми шанси за закрепнување со оваа терапија отколку со плацебо.
На примерок од 101 заболен е утврдено дека шансите за развој на тежок облик на болест се помали за 79 отсто додека чувството на губење здив исто така е драстично намалено.
Директорот на компанијата, Ричард Марсден, е пресреќен поради резултатите.
„За нив нема ништо подобро од тоа кога ќе видат дека нивниот лек ги лекува вистинските пациенти, а притоа заработува пари“ рекол Марсден, откако акциите на неговата компанија скокнале за 540 проценти неколку часа по објавувањето на резултатите од студијата на 21 јули.
Од почетокот на годината, вредноста на овие акции пораснала за неверојатни 3.000 проценти.
Со оглед дека тројцата научиници имаат удел во компанијата, тие практично преку ноќ станаа милионери. Па така 0,56 отсто од акциите на докторот Џукановиќ сега вредат 1,6 милиони фунти ( околу 1,75 милиони евра).
Клиничката студија е проширена на пациенти со поблаги облици на болеста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Трагедија во Хрватска: маж почина од убоди на стршлени додека сечел дрва за огрев

Додека сечел дрва во шума, 54-годишен маж бил нападнат од стршлени. И покрај брзата лекарска интервенција, починал на самото место.
Во Хрватска, во шумско подрачје близу Крижевци, 54-годишен маж бил смртно нападнат од стршлени, соопшти полицијата од Копривничко-крижевечката жупанија.
Вчера, додека сечел дрва за огрев, мажот бил нападнат од стршлени, по што му се слошило, јавува Хина.
И покрај тоа што брзо му била укажана лекарска помош, мажот починал на самото место
Регион
Вучиќ: Ќе има војна

Српскиот претседател Александар Вучиќ предупреди за време на отворањето на новата брза железница што ги поврзува Белград и Суботица дека целиот свет се подготвува за војна.
„Ќе биде сè потешко во светот. Ќе биде тешко и тука, од едноставна причина што луѓето мора да знаат дека сите се подготвуваат за војна. А кога се подготвуваат за војна, тоа значи дека ќе има. И ви велам, ќе има“, рече српскиот претседател, пренесува Телеграф.
„Тие не се заинтересирани за разговори и преговори. Тие копаат ровови и чекаат почеток, а знаат дека војната дефинитивно доаѓа. Тие чекаат и се подготвуваат“, додаде тој.
„Мораме да подготвиме некои работи што не сме ги подготвиле“
Тој нагласи дека светот се движи кон војна и дека малкумина можат да ја спречат.
„Би платил сè на светот ако тоа не се случеше. За жал, се плашам дека сум во право. Ќе мора да подготвиме некои работи што не сме ги подготвиле. Нашата армија е подготвена да го одврати секој непријател, но ќе мора да подготвиме и некои други работи“, изјави тој.
„Двапати ги зголемив сите резерви на храна, и за армијата и преку нашите стокови резерви. Сега повторно ќе побарам зголемување“, објави тој.
Во врска со можните проблеми со снабдувањето со гориво поради санкциите на САД врз нафтената индустрија на Србија (НИС), Вучиќ рече дека сè ќе биде решено и дека нема да има купување гориво во кантички.
„Она што ни го оставија, денес се обидуваме да го решиме. Не сме ниту виновни ниту обврзани да се најдеме во проблем и ја плаќаме цената. Но, граѓаните не треба да се грижат. Ќе ги решиме проблемите и нема да има бензин во кантички, но нека знаат дека ако случајно имаме бензин во кантички, единствените што треба да се обвинат се тие“, заклучи тој.
Фото: принтскрин
Регион
На средбата со Путин, Додик ги нарече Германците примитивци од Западот

Поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, повторно побара поддршка од рускиот претседател Владимир Путин, а откако двајцата се сретнаа во Сочи синоќа, изјави дека ја добил и дека смета на Москва да продолжи да биде негова силна поддршка.
На снимките прикажани од јавниот сервис на РС (РТРС), можеше да се слушне како Путин го нарекува Додик претседател иако остана без мандатот на прв човек на РС уште во август, откако беше осуден на една година затвор за неспроведување на одлуките на високиот претставник.
Додик пристигна во Сочи на Валдај форумот, каде што Путин беше главен говорник.
„Знам дека ситуацијата во вашата земја и регион не е едноставна, може да се каже дека е комплицирана“, сè уште можеше да се чуе како Путин му вели на Додик пред да престане снимањето.
После тоа, Додик изјави за RTRS дека разговорот со Путин бил „многу отворен и фер“ и дека го повикал да „не го изоставува Балканот“ во разговорите со другите важни партнери, особено САД, и да не дозволи Германците да ја контролираат ситуацијата таму бидејќи, како што рече, тие не се на страната на Србите.
Додик ги нарече Германците, како и претставниците на другите влијателни земји што се занимаваат со Босна и Херцеговина, „исплашени примитивци од Западот“. Затоа, тој се потпира на Русија како можен коректив и верува дека сегашното претседателство на Русија со Советот за безбедност на ООН ќе биде корисно за неговите политички цели.
Фото: ЕПА