Регион
Обелоденет тајниот план на Клинтон за решавање на босанското прашање
Во пресрет на претседателските избори во САД во 1995 година, Бил Клинтон ја повикал босанската влада предводена од муслиманите да направи територијални отстапки за да се стави крај на војната.
Тоа го откриваат документите од 1995 година, објавени од претседателската библиотека, кои зборуваат за настаните во БиХ за време на војната што траеше три години.
Декласифицираните документи од тој период и интервјуата со некои од учесниците ја одразуваат решеноста на Бил Клинтон и неговиот тим за надворешна политика да најдат решение за тригодишниот конфликт по секоја цена пред да почне неговата сериозна претседателска кампања во 1996 година – дури и ако тоа значи наградување на водачите на босанските Срби за нивната политика на етничко чистење дарувајќи им ја нивната цел – отцепување, пишува „Гардијан“.
Записниците од телефонските разговори на Клинтон со светските лидери откриваат дека тој повторил дека е разочаран што силите на босанските муслимани не успеале да ја сочуваат Сребреница. Во меѓувреме, неговиот советник за национална безбедност, Ентони Лејк, станал главен оперативец за спроведување таен план за завршување на војната во Босна.
Спроведувањето на планот на Клинтон почнал неколку недели пред падот на Сребреница и вклучувал постигнување мировен договор што ќе ја подели Босна на два приближно еднакви ентитети. Федерацијата на муслимани и Хрвати требала да добие нешто помалку од половина од државата, додека Американците размислувале да извршат притисок врз муслиманската страна да се согласи Србите во Босна да одржат референдум за отцепување од БиХ во рок од две до три години по завршувањето на војната.
Во случај да не успее, планот бил да се повлечат мировните сили на ООН, да се стави крај на ембаргото за испорака на оружје во БиХ и да се обезбеди воздушна поддршка на муслиманско-хрватските сили во борбата против Србите. Планот на Клинтон предвидувал прво разговори помеѓу американската администрација и претставниците на Сараево, со цел да ги убедат во отстапки по падот на Сребреница, што вклучувало можност за одвојување на РС од БиХ.
„Ако босанските муслимани не можат да ги убедат босанските Срби дека нивната иднина лежи во реинтеграција во БиХ, нема смисла да се блокира мирно раздвојување на заедничката држава, по чехословачкиот модел“, се вели во доверливиот документ од 1995 година објавен од претседателската библиотека на Бил Клинтон.
Во разговорите со Жак Ширак, Клинтон се пожалил и на босанската армија, која избегала наместо да се бори против Србите.
На крајот, САД и нејзините сојузници се согласиле да заземат став за последната муслиманска енклава во источна Босна, Горажде, заканувајќи се со голема одмазда доколку бидат нападнати. Хрватската офанзива врз Србите во западна Босна во август 1995 година ја прецрта мапата и ги принуди Србите на преговарачката маса, без ветување за одржување референдум.
„Гардијан“ исто така пишува дека Клинтон е реизбран за претседател на САД во 1996 година, а документите на Клинтон, сепак, служат како потсетник за тоа колку биле блиску САД да се откажат од Босна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.
Регион
Лекари во Загреб вградиле мозочен стимулатор на маж со Паркинсонова болест : „Може да вози велосипед, да плива“
Уште еден голем успех на хрватските лекари. Тим хирурзи во болницата Дубрава прв во овој дел од Европа вгради мозочен стимулатор. Пред еден месец новата технологија ја примил загрепчанец кој поради Паркинсоновата болест речиси станал неподвижен.
„Поентата на таа електрода е што стимулира дел од мозокот и на тој начин ја подобруваме клиничката слика, а батеријата освен што стимулира, купува и информации од тој дел од мозокот што го стимулираме и на тој начин можеме да ги подобриме симптомите“, изјави неврохирургот Фади Алмахарик за RTL.
Во КБ Дубрава изминативе 24 години се врши длабока мозочна стимулација, но првиот пациент беше опериран со оваа најнова технологија на крајот на март. Станува збор за 67-годишен загрепчанец со Паркинсонова болест, кој сега е пуштен на домашно закрепнување.
„Во договор со неврологот, стимулацијата се вклучува, терапијата се намалува, пациентот веднаш по вклучувањето на стимулацијата покажува знаци на моторно подобрување. Беше отпуштен дома на физикална терапија и дополнително прилагодување на стимулацијата“, изјави неврохирургот Марина Рагуж.
Веднаш штом ги отстранивме шевовите по 10 дена, почнавме со стимулација и денес пациентот може да вози велосипед, да плива, да се врати на своето секојдневие“, вели хирургот.
Регион
Додик не го признава геноцидот во Сребреница: „Ќе однесеме цвеќе, ако не навредува никого“
Во четвртокот, лидерот на Србија во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, изрази подготвеност да го посети Меморијалниот центар Поточари во Сребреница и да положи цвеќе на заедничкиот споменик подигнат во спомен на масакрот на Бошњаците за време на војната, но тој повторно негираше дека таму имало геноцид.
Во интервју за новинската агенција на Република Српска, претседателот Додик најави дека владата и целото раководство на овој ентитет ќе заседаваат во Сребреница на 2 мај 2024 година, кога ќе се одржи дискусија пред Обединетите нации и се очекува гласање за Резолуција за осуда на геноцидот во тој град во летото 1995 година.
Резолуцијата е поддржана од дваесет земји, меѓу кои САД, Обединетото Кралство и Германија и се очекува нејзино усвојување. Целта е да се интернационализираат страдањата на Бошњаците во Сребреница.
Водечките српски претставници од Белград и Бања Лука, претседателите Александар Вучиќ и Милорад Додик, тврдат дека ова е обид да се префрли вината на српскиот народ.
„Република Српска нема да ја прифати резолуцијата за Сребреница за која ќе се одлучува во Генералното собрание на ОН бидејќи се што е напишано во неа е лага. Босна и Херцеговина не може да живее врз основа на тоа дека едната нација во неа е оквалификувана како геноцидна“, рече Додик.
Сепак, тој изрази подготвеност да им оддаде почит на жртвите од масакрот во Сребреница.
„Ако ни се укаже можност, на 2 мај ќе однесеме венци во Поточари, ако тоа не навреди никого. Не се плашам дека би можел да завршам како Вучиќ, кој дојде да им оддаде почит на жртвите, изрази сочувство, а доби камен во главата и никој не одговараше за тоа“, истакна Додик.
Тој смета дека Резолуцијата за Сребреница сепак нема да го добие потребното мнозинство на седницата на Генералното собрание на ОН.