Регион
Трамп му пиша на Тачи: Ве очекувам со Вучиќ во Белата куќа кога ќе постигнете договор
Постигнување договор меѓу Белград и Приштина е достижно, истакнал американскиот претседател, Доналд Трамп, во писмо до косовскиот претседател, Хашим Тачи.
„Очекувам Вас и претседателот Александар Вучиќ да Ве пречекам во Белата куќа за да го прославиме историскиот договор“, навел Трамп во писмото.
Американскиот претседател побарал во писмото од политичките лидери на Косово да бидат единствени во постигнувањето сеопфатен договор со Србија. Писмото го објавил косовскиот претседател, Хашим Тачи, на својот фејсбук-профил.
Thank you President @realDonaldTrump for your powerful support of #Kosovo’s independence & our joint drive to reach comprehensive deal btwn #Kosovo & #Serbia. I too, look forward to celebrate finality of peace in @WhiteHouse, opening Kosovo’s path to @NATO, EU & UN memberships. pic.twitter.com/oevIfdMjYX
— Hashim Thaçi (@HashimThaciRKS) 18 December 2018
Во него се наведува дека тој договор е можност за Косово и дека неговото пропуштање би можело да значи назадување на подолго време. Потребно е воздржување од акции кои би го отежнале постигнувањето на договорот, оценува Трамп во писмото.
„Подготвени сме да ви помогнеме во настојувањата за постигнување договор, кој балансирано би се одразил на интересите на Косово и Србија. Таков договор е достижен“, нагласува Трамп.
Како што вели, САД вложиле многу во Косово како независна и суверена држава.
„Сакаме вашата земја да продолжи да се развива“, пишува американскиот претседател.
Наведува дека му било задоволство да разговара со Тачи во Париз и дека Косово го смета за партнер во настојувањата да гарантира мир и стабилност во Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Атина без такси 48 часа: возачите на улица против даночните мерки
Таксистите во Атина најавија 48-часовен штрајк, објави „Катимерини“. Нивното незадоволство произлегува од новите даночни политики и задолжителниот премин кон електрични возила.
Синдикатот на таксистите во Атина (SATA) наведува дека задолжителното воведување електрични автомобили го загрозува опстанокот на секторот, поради недостаток на соодветна инфраструктура за полнење, прифатливи цени на електричната енергија и реални трошоци за возилата. Таксистите оценуваат дека ваквиот потег претставува економско уништување, а не зелена транзиција.
Возачите изразија загриженост и поради недостиг од јасна регулаторна рамка која ги раздвојува такси-услугите од возилата за изнајмување со возач. Според SATA, такси-возилата обезбедуваат превоз од точка до точка, додека приватните компании за изнајмување продаваат време на патување.
Синдикатот тврди дека мултинационалните апликации за споделено возење го нарушуваат пазарот, посочувајќи дека грчките професионалци работат под строг надзор, додека странските компании функционираат без доволна контрола или локална даночна основа.
Таксистите бараат и пристап до лентите за автобуси при превоз на патници, нагласувајќи дека такси-услугите се дел од јавниот превоз и дека ограничувањата ги зголемуваат сообраќајните гужви и негативното влијание врз животната средина. Во однос на оданочувањето, SATA истакнува дека возачите се соочуваат со неправичен третман и растечки трошоци за гориво, одржување и живот, наведувајќи дека секторот повеќе не може да издржи прекумерен даночен притисок.
Фото: pexels
Регион
Вучиќ од Абу Даби: Пандорината кутија е отворена; ќе дадам сѐ за да го зачуваме мирот и нашата земја
Претседателот на Србија Александар Вучиќ им се обрати на граѓаните од Абу Даби, каде што присуствуваше на отворањето на Неделата на одржливост 2026 и се сретна со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед.
Вучиќ изјави дека државата мора сериозно да се насочи кон развојот на вештачката интелигенција, нагласувајќи дека светот влегува во нова ера на големи промени.
„Големи промени се случувале и порано – од 15 век, кога Европа воспоставила доминација благодарение на научните откритија и освојувањето територии. Денес сите гледаат дека доаѓа ново време кое го носи вештачката интелигенција. Ние сме на 39. место во светот според индексите, што е подобро отколку што очекувавме“, рече Вучиќ, пренесе „Б92“.
Тој додаде дека тоа не е доволно и предупреди дека за шест месеци неработење Србија може да падне и на 70. место, нагласувајќи дека мора постојано да се работи и учи.
„Се соочуваме со две работи – огромен напредок и стравот кај луѓето дека ќе ги загубат работните места“, изјави Вучиќ.
Тој истакна дека државата мора да создаде рамка која ќе го поттикне развојот на вештачката интелигенција, но и ќе гарантира дека граѓаните нема да останат без работа. Посочи дека три проценти од енергијата во Европа се трошат на суперкомпјутери и дека ќе биде неопходно зголемување на енергетските капацитети.
„Важно е да го подготвиме теренот за децата што доаѓаат по нас, за да можат рамноправно да се натпреваруваат со другите во светот“, додаде тој.
Вучиќ информираше дека имал кратка средба со шеикот Мохамед бин Зајед и изрази благодарност за гостопримството, додавајќи дека наскоро се надева на добри вести поврзани со НИС.
„Мораме да ги зголемиме капацитетите на ЕПС, но и да склучуваме договори со други за да ги обезбедиме нашите потреби“, изјави српскиот претседател.
Осврнувајќи се на меѓународната ситуација, Вучиќ зборуваше за Гренланд и Иран, оценувајќи дека светот влегува во период на голема неизвесност.
„Не се радувам на ништо од тоа што се случува. Се плашам од времето во кое влегуваме. Пандорината кутија е отворена и повеќе никој не може да ја контролира“, рече Вучиќ, додавајќи дека ќе вложи целосна енергија за да ги зачува мирот и државата.
Тој нагласи дека граѓаните на Србија не треба да се грижат и дека државата внимателно ја следи ситуацијата. Потврди и дека утре ќе има билатерална средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати.
„Станува збор за двајца лични пријатели. Разговараме како да ја унапредиме соработката. Не заборавајте дека дел од дроновите ги набавуваме од тука“, изјави Вучиќ.
На крајот, тој се осврна и на критиките од дел од медиумите, нагласувајќи дека Србија успеала да издржи и во најтешките моменти, дури и кога 94 дена немало испорака на нафта, без граѓаните да го почувствуваат тоа.
Регион
Снег падна и на Крит и островите во Егејот, дел од училиштата затворени
Снег падна во Грција, на полуостровот Халкидики и на островите во северниот Егеј – Лимнос, Лезбос, Хиос и Споради, како и на планините околу Атина, но и на Евија и Крит.
На Крит сообраќајот на места беше во прекин поради силен град.
Поради временските услови, работата на повеќе училишта е прекината, а наставата се одвива онлајн таму каде што е можно.
Иако температурите се над нулата, снегот и понатаму се задржува.
Фото: pexels

