Регион
Турција да се воздржи од провокации кон Грција, порача германскиот канцелар

Германскиот канцелар Олаф Шолц ја повика Турција да се воздржи од провокации кон Грција, бидејќи се разгореа тензиите меѓу двете земји.
„Канцеларот смета дека, со оглед на актуелната ситуација, неопходно е сите сојузници на НАТО да бидат обединети и да се воздржат од меѓусебни провокации“, изјави портпаролот на германскиот канцелар на редовната прес-конференција во Берлин, пренесува Ројтерс.
Тој изјави дека „узурпирањето на грчкиот воздушен простор и летањето над грчките острови е погрешно и дека се чини контрапродуктивно и спротивно на духот на Алијансата“.
Турција и Грција, членки на НАТО, долго дебатираа за голем број прашања, како што се поморските граници, големината на нивните континентални појаси и воздушен простор и односите во етнички поделениот Кипар.
Германија е посветена на решавање на отворените прашања меѓу Грција и Турција преку директен дијалог меѓу двете земји и врз основа на меѓународното право, се вели во соопштението на германската влада, додавајќи дека „не може да прифати да се доведе во прашање суверенитетот на земјите-членки на ЕУ“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Спречен собир на Парадата на гордоста во Истанбул, приведени десетици луѓе

Турската полиција спречи стотици луѓе да се соберат на годишната Парада на гордоста во Истанбул и уапси десетици откако локалните власти ја забранија парадата и оваа година. Илјадници луѓе некогаш учествуваа на парадите долж улицата Истиклал во Истанбул, но во последниве години владата предводена од претседателот Тајип Ердоган и неговата АК Партија од исламистички корени го заостри својот став за слободата на ЛГБТК + луѓето.
Хомосексуалноста не е кривично дело во Турција, но има сè поголема одбивност кон неа, додека полициското сузбивање на поворките станува се пожестоко секоја година. Полицијата со опрема за немири упадна на собирот, отстранувајќи стотици демонстранти со камиони. Јавниот превоз во областа исто така е суспендиран.
Локалните власти во областа Бејоглу ги забранија сите настани за време на Неделата на гордоста, помеѓу 20 и 26 јуни, со образложение дека чувствителноста на општеството може да доведе до немири.
Регион
Шмит: Додик ме покани на неговиот имот, прво ќе работиме потоа ќе пиеме ракија

Високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, чиј легитимитет го оспоруваат политичарите на Република Српска, во интервју за телевизијата БН рече дека членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, го поканил на неговиот имот.
Имотот на Додик се наоѓа во Бакинци кај Лакташи, а Шмит вели дека засега не ја прифатил поканата, пренесува Аваз. Шмит истакна дека тој и Додик се познаваат со години. На прашањето дали сè уште е оспоруван од одредени политички структури, Шмит одговара дека не треба да се обрнува толку внимание на оние кои се занимаваат со оваа тема.
„Можам само да кажам дека сум во целосна функција, дека настапував во Советот за безбедност, одам во Белград и таму сум прифатен од Александар Вучиќ и патријархот. Кога имам благослов од црквата, тогаш мора да биде тоа “, рече високиот претставник во БиХ.
Шмит додава дека дури и Руската Федерација го признала во Советот за безбедност на ОН како експерт за БиХ. Тој вели дека се чувствува задоволно, но не му се допаѓа што темите треба да се дискутираат настрана. Тој се осврна на неговиот однос со Додик.
„Милорад Додик и јас се знаеме со години, имам покана да дојдам на неговиот приватен имот. Можеби подоцна ќе разговараме за тоа. Прво ќе работиме, јас сум Германец, а потоа ќе пиеме ракија” вели Шмит.
Регион
Турција не отстапува во однос на членството на Шведска во НАТО

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, сигнализираше дека нема напредок во разговорите со Шведска за влез во НАТО, пренесува АФП.
Во телефонски разговор со шведската премиерка Магдалена Андерсон, Ердоган го повика Стокхолм да преземе конкретни активности за да се справи со загриженоста на Анкара. Ердоган истакна дека Шведска мора да преземе чекори во борбата против тероризмот и побара да се види посветеност по ова прашање.
Телефонски разговараше и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг со Ердоган, а потоа на „Твитер“ објави дека следната недела продолжуваат разговорите во Брисел и Мадрид.
Турција се противи на приемот на Шведска и Финска во НАТО, тврдејќи дека Стокхолм не го спречува финансирањето на курдските терористички групи. Анкара сака Шведска да преземе конкретни мерки против забранетата во Турција Курдска работничка партија, да го укине ембаргото за оружје и да вети дека нема да го воведува во иднина.