Регион
„Фајненшл тајмс“: Србија слабо се вклопува во плановите за проширување на ЕУ
Ниту една земја не се приклучи на Европската унија од влезот на Хрватска во 2013 година. Судејќи според препораките издадени од Европската комисија минатата среда, повторно има моментум во некогаш закочениот проект за проширување на ЕУ, објави Фајненшл тајмс (ФТ) и праша каде се движи политиката во Србија.
Брисел предложи да се отворат пристапните преговори со Украина, Молдавија и Босна и Херцеговина и на Грузија да и се даде кандидатски статус – што е чекор подолу на патот кон членство.
Сите потенцијални членки, вклучително и шест земји од Балканот, но најверојатно не и Турција, беа потсетени дека мора да спроведат политички, економски и административни реформи за да бидат подготвени за прием.
„Но, целокупната порака е јасна – проширувањето на ЕУ е пожелно, дури и неопходно, поради опасностите од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година“, велат од ФТ.
Сепак, весникот додава дека кога ќе се погледнат извештаите на Европската комисија за секоја земја поединечно, сликата станува двосмислена.
Ниту една земја кандидат не ги исполнува сите услови за членство во однос на демократијата, владеењето на правото и економските стандарди.
„Еклатантен пример е Србија, најголемата земја-кандидат на Балканот по население и територија. Србија, како што ни беше кажано, прави премалку за да ги усогласи односите со Косово. Нејзината надворешна политика е недоволно координирана со ЕУ, особено поради блискоста со Русија. Србија постигна ограничен напредок во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Независноста на медиумите е слаба. Навистина, Комисијата би имала право да користи уште поостар јазик“, пишува ФТ.
Весникот додава дека спорот за Косово е главна пречка за влез на Србија во ЕУ, но дека не помалку сериозно е прашањето дали претседателот Александар Вучиќ и владејачката Српска напредна партија се искрени кога велат дека сакаат да влезат во ЕУ.
„Пореалистичкото читање на српската политика сугерира дека главната цел на владејачката елита е да остане на власт, ограничувајќи ја опозицијата и контролирајќи го судскиот и безбедносниот апарат, јавниот сектор и медиумите на начин кој им пркоси на европските вредности“, истакнува меѓународниот весник од Велика Британија.
Исто така, се вели дека друга цел на владата е да ја зачува независноста на Србија преку негување на односите со Русија и Кина.
„Каде води оваа политика?“, прашува ФТ и потсетува дека во јули САД воведоа санкции за Александар Вулин, тогашен шеф на српската служба за безбедност и сојузник на Вучиќ.
„Москва и Белград се повикуваат на правото и должноста да ги „заштитаат“ етничките Руси и Срби кои живеат надвор од нивната матична земја. Во Украина, ова служи како изговор на Путин за анексија на териториите што сака да ги припои кон „рускиот свет“. За Србија тоа имплицира не само Косово, туку и Црна Гора и Република Српска, кои се дел од политичката сфера на „Голема Србија“, пишува ФТ.
Според весникот, овие цели се целосно некомпатибилни со членството во ЕУ, но проблемот не застанува тука, пренесува N1.
„Овој месец Вучиќ го распушти парламентот и распиша предвремени избори за декември со цел да ја продолжи моќта на неговата партија (…) Брисел заслужува признание за продолжување на плановите за проширување. Но, во Србија, процесот е во застој и го губи кредибилитетот – фрлајќи сомнеж дали овие планови ќе го решат проблемот со демократското назадување и регионалната нестабилност на Балканот“, заклучува Фајненшл тајмс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Путин првпат зборуваше за НИС: Верувам дека Белград ќе ги исполни своите обврски
Рускиот претседател Владимир Путин повеќе од две децении одржува годишна прес-конференција, на која ги презентира своите политички ставови и анализи на јавноста во Русија и во странство.
За време на конференцијата, новинар од Србија го потсети рускиот претседател дека Нафтената индустрија на Србија (НИС), заедничко вложување меѓу Русија и Србија, ги трпи последиците од западните санкции. Тој го праша Путин како ја коментира оваа ситуација?
„Што се однесува до НИС, притисокот од западните санкции продолжува, а ова е показател за политичка моќ. Москва претпоставува дека Белград ќе ги исполни своите обврски, а двете земји ќе спроведат многубројни други проекти“, рече Путин не сакајќи да се продлабочува на оваа тема.
Претходно денес, рускиот претседател изјави за „Спутник“ дека знае што се случува со компанијата НИС и дека се надева оти ќе се најде заедничко решение.
„Знаеме што се случува со компанијата НИС. Имаме меѓудржавен договор и претпоставуваме дека пријателското српско раководство ќе го земе ова предвид. Имаме идеја за насоката во која сакаме да се движиме заедно. Работиме на тоа и се надевам дека ќе го најдеме потребното решение“, рече рускиот претседател.
Тој исто така рече дека без оглед на надворешната аспирација за подобрување на односите, притисокот со санкции ќе продолжи како начин за покажување сила, пренесува „Раша тудеј“.
„Москва претпоставува дека Белград ќе ги исполни своите обврски и дека Русија и Србија ќе спроведат многубројни други заеднички проекти“, рече тој.
НИС е под санкции на САД од почетокот на октомври поради мнозинската руска сопственост, што значително го комплицира работењето на една од најважните компании за функционирање на целата српска економија.
Рускиот „Газпромнефт“ е мнозински сопственик на НИС, а рускиот претседател рече дека земјата инвестирала повеќе од три милијарди долари во компанијата.
фото/депозитфотос
Регион
E-пошта со безбедносни закани во училиштата во Словенија: учениците итно евакуирани
Неколку основни и средни училишта низ Словенија денес добија е-пошта со безбедносни закани, а некои беа евакуирани како мерка на претпазливост, објави полицијата.
Главната полициска управа на Љубљана изјави дека реагирала веднаш по приемот на заканувачки пораки, собрала информации и ги спровела сите потребни мерки за да ја осигура безбедноста на учениците и персоналот, објави СТА.
Досега собраните податоци укажуваат дека станува збор за генерички закани, без конкретна оперативна опасност.
Полицијата процени дека ситуацијата носи мал ризик и дека нема потреба од дополнителен аларм.
Министерот за образование беше информиран за инцидентот, пишуваат медиумите.
Фото: депозитфотос
Регион
Германските медиуми: Без Србија, нема стабилност на Балканот; Брисел сè прави погрешно
Германските медиуми пишуваа за одлуката на српскиот претседател Александар Вучиќ дека нема да оди на самитот на ЕУ оваа година за да ги заштити интересите на својата земја.
„Берлинер Цајтунг“ истакна дека целосно ја разбира последната порака што Вучиќ ја испрати до ЕУ со тоа што не присуствува на самитот.
Сепак, како што се оценува во написот на германскиот весник, „Брисел ја игнорира клучната геополитичка реалност“.
„Западен Балкан не може да се стабилизира без Србија, а секако не против Србија. Никаков одржлив мировен поредок и никаква економска интеграција не се замисливи на Балканот без конструктивно учество на Белград. Со постојано фрустрирање на најважната земја во регионот, ЕУго прави токму спротивното од она што тврди дека го постигнува“, пишува „Берлинер Цајтунг“.
На крајот, овој германски медиум го презентира заклучокот:
„Наместо да извезува стабилност, неодлучноста на Брисел сее недоверба и создава опасен вакуум во моќта. Актери како Кина намерно ја експлоатираат оваа европска слабост. Празното столче на Србија на самитот во Брисел е повеќе од протест од една земја. Тоа е знак за неуспех на политиката што ризикува да го изгуби сопствениот двор од геополитичките ривали.“
Фото: депозитфотос

