Регион
Фон дер Лајен во Приштина: Косово да ги формира ЗСО, Србија де факто да го признае
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска ги повика Косово и Србија да работат на нормализација на односите, барајќи од Приштина да ја покрене процедурата за формирање Заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО), а од Белград да го прифати де факто признавањето на независноста на Косово, со оценка дека тоа е единствениот начин да се оди напред.
По средбата со косовската претседателка Вјоса Османи во Приштина, Фон дер Лејен изјави за новинарите дека утре ќе отпатува за Подгорица и Белград, каде што „ќе разговара за чекорите што Србија треба да ги преземе за де факто признавање“ на независноста на Косово.
Ова барање, Белград да испорача де факто признавање на независноста на Косово, а Приштина да ја покрене процедурата за формирање на ЗСО, во заедничката изјава во петокот го изнесоа лидерите на Германија, Франција и Италија, Олаф Шолц, Емануел Макрон и Џорџа Мелони пренесуваат српските медиуми.
Фон дер Лајен изјави дека ЕУ е „многу посветена на иднината“ на Западен Балкан и посочи дека Европската комисија има план да инвестира 30 милијарди евра во тој регион.
Претседателката на Европската комисија, која во Приштина дојде од Скопје, рече дека либерализацијата на визниот режим за граѓаните на Косово претставува „нов моментум“ во односите меѓу ЕУ и Приштина.
„Се сеќавам дека минатата година баравме визна либерализација, а сега можам да кажам дека успеавме. Од 1 јануари граѓаните на Косово можат да уживаат во слободното движење. Ова е фантастичен начин да се зближат луѓето“, изјави Фон дер Лајен.
Косовската претседателка Вјоса Османи изјави дека во фокусот на нејзината средба со Фон дер Лајен бил планот на ЕУ за раст на Западен Балкан, кој неодамна го презентираше претседателката на Европската комисија и додаде дека разговарале и за „најновите случувања во Косово“ и обврските на Приштина.
Османи рече дека Косово е подготвено да го направи следниот чекор „кон европската иднина, за која работи секојдневно“.
Фон дер Лајен во Приштина ќе се сретне и со премиерот Албин Курти, утре ќе ги посети Подгорица и Белград, а во среда во Сараево ќе ја заврши турнејата по Западен Балкан. Таа ја посети Албанија на 15 и 16 октомври, кога се одржа самитот на Берлинскиот процес во Тирана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Тешка сообраќајка во Грција: бебе меѓу загинатите
Тешка трагедија се случи во петокот попладне на автопатот Пиргос – Кипарисија, во близина на Месинија во Грција, кога четири лица, меѓу кои 12-месечно бебе и 13-годишно девојче, кои се наоѓале во два автомобили, загинаа во сообраќајма несреќа, пишува „Protothema“.
До несреќата дошло кога 39-годишниот камионџија, кој возел во правец на Кипарисија, од засега непозната причина изгубил контрола, излетал во спротивен правец и налетал на три возила, предизвикувајќи трагични последици.
Според написите, камионот всушност буквално ги стопил двете возила кои учествувале во несреќата. Противпожарната служба со 12 пожарникари ги извлекла настраданите.
Според информациите, во првиот патнички автомобил кој се судрил со камионот било семејство кое живее во странство и отпатувало за Нафплио за да се види со роднините и на одмор на Пелопонез. Во него се пронајдени мртви 38-годишен татко и 12-месечна ќерка, а повредени се 38-годишна мајка и нивниот шестгодишен син, кои се пренесени во болницата во Патра.
Од второто возило кое било заглавено под камионот извлечени се маж (50), девојка (13) и жена (60), кои се здобиле со тешки телесни повреди.
Повредени се и 25-годишен маж кој бил интубиран во Каламата, 39-годишен камионџија и 61-годишен маж, и двајцата се на лекување во болницата Кипарисија.
Затворен е магистралниот пат Пиргос – Кипарисија, а сообраќајот се пренасочува по заобиколен пат.
Регион
Едно лице загина во експлозија во магацин за огномет во Бугарија, ќерка му е со 85 отсто изгореници
Едно лице загина во експлозија во магацин за огномет во близина на бугарскиот град Елин Пелин, недалеку од Софија, изјави денеска бугарскиот министер за внатрешни работи, Калин Стојанов.
Мажот (49), кој почина во експлозијата, добил тешки изгореници и синоќа бил хоспитализиран, а неговата 20-годишна ќерка, која исто така е во болница со 85 отсто изгореници, сѐ уште е во критична состојба, пренесува порталот „Новините“.
Стојанов рече дека во магацинот во кој се случила експлозијата може да има уште две лица, меѓу кои и 22-годишниот син на сопственикот на магацинот.
Регион
Дете починало 7 дена по операција на крајници во Хрватска
Седумгодишно дете почина вчера, една недела по операцијата на крајници, која беше извршена во Клиничката болница „Свети дух“ во Хрватска.
Седум дена по извршената операција на Клиниката за оториноларингологија и хирургија на глава и врат и шест дена по отпуштањето од болница, детето во раните утрински часови било донесено утрово без витални знаци.
Веста за смртта на детето во рок од 24 часа ја потврди директорот на болницата, д-р Игор Алфиревиќ.
„За жал, точна е информацијата дека во четвртокот, 25 јули 2024 година, по реанимација во Обединетата итна болница на Клиничката болница „Свети дух“ почина седумгодишно дете“, рече тој.
Во тек е истрага, а телото на детето е испратено на обдукција.