Регион
Абазовиќ: Сакаат да ме ликвидираат – не им требаат пари, само мртви усти не зборуваат
Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ тврди дека поранешниот полициски функционер Зоран Лазовиќ и бизнисменот Ранко Убовиќ, што претходно ги идентификува како лица поврзани со шверц на кокаин и цигари, сакаат негова ликвидација!
Абазовиќ ова го изјави вчера откога поранешен полициски функционер и сопственик на компанијата „Бемакс“ поднеле тужба против него барајќи отштета од по 21.000 евра за „повреда на личните права“. Причина за тужбата е тврдењето на премиерот на Црна Гора на 17 октомври годинава на седницата на Комисијата за безбедност и одбрана дека „шверцот со цигари го прават Убовиќ и Лазовиќ“.
„Тие шверцуваат и кокаин и ги финансираат изборите во Подгорица во последните 30 години“, изјави тогаш Абазовиќ.
„За мене, голема чест и задоволство ми е што го вперив прстот кон врвот на криминалната пирамида во Црна Гора и што удрив луѓе во стомакот. Немам проблем, се гледаме на суд. Јас никогаш не се правам жртва, но јасно е дека овие луѓе сакаат да го ликвидираат премиерот. Не сакаат 21.000 евра, не им требаат пари, само мртви усти не зборуваат. Но, тие беа премногу доцна. Предупредив: или тие први ќе дојдат кај мене или јас ќе дојдам кај нив. За нив е предоцна. Ако некогаш проработи раката на правдата, за тие луѓе е доцна“, рече Абазовиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес со јачина од 4,7 степени во Хрватска, почувствуван и во БиХ
Земјотрес со јачина од 4,7 степени според Рихтеровата скала утрово во 05:38 часот е регистриран во Хрватска, објави Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Според информациите од Европскиот медитерански сеизмолошки центар, земјотресот бил на 92 километри јужно од главниот град Загреб и на 14 километри од границата со Босна и Херцеговина, кај Тржачка Раштела.
Земјотресот бил на длабочина од 10 километри.
Земјотресот најмногу бил почувствуван во централна Хрватска и во дел од Босна и Херцеговина со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала.
Засега нема извештаи за повредени лица или за предизвикана материјална штета.
Регион
На таткото на момчето убиец од Србија му е продолжен притворот за уште 60 дена, има сомнение дека може да го повтори делото
Вишиот суд во Белград му го продолжи притворот за уште 60 дена на Владимир Кечмановиќ, таткото на момчето кое на 3 мај уби девет негови врсници и чувар во ОУ „Владислав Рибникар“.
На Владимир Кецмановиќ му е продолжен притворот поради сомнение дека доколку биде пуштен на слобода за краток временски период ќе го повтори кривичното дело, како и поради тоа што постои основано сомнение дека сторил кривично дело за кое е пропишана затворска казна над десет години, а начинот на извршување и сериозноста на последиците од кривичното дело доведоа до вознемиреност кај јавноста што може да го загрози непреченото и правично водење на кривичната постапка, соопштија од тој суд.
Во обвинението за тешко кривично дело против општата безбедност се товари Владимир К., а за сторено кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи, мајката на момчето Миљана К.
Регион
„Мислев дека регалот ќе падне врз мене“ – жена од Србија сведочи за силниот земјотрес
Земјотресот беше многу силен. Кратко, но силно, вели вознемирената Мила Петровиќ од Кладово – место кое утрово го погоди силен земјотрес.
Како што опишува преплашената жена, земјотресот ја исплашил и неа, но и останатите жители на Кладово.
„Мислев дека регалот ќе падне врз мене. Немаше време за бегство никаде. Сè се тресеше многу. За среќа, тоа беше кратко. Кога се смири, сите излегоа на улица“, раскажува таа за Телеграф.рс.
Земјотресот бил со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала, на длабочина од 11 километри.
Колку бил силен, сведочи и фактот што бил почувствуван во Заечар, Неготин, Доњи Милановац, Бор и други градови на истокот на Србија, а некои граѓани го почувствувале и во Ниш.
„Почувствував земјотрес, се тресеше мебелот во куќата“, „Бев во кревет кога почна тресењето“, напишаа граѓаните.