Регион
Австралија му ја поништи визата на Ѓоковиќ, можно е да го депортира
Австралија му ја поништи визата на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ и планира да го депортира, пренесуваат светските медиуми.
Министерот за емиграција во Австралија, Алекс Хок, го искористи своето дискреционо право да ја укине визата за рекетот број еден, а како што пишува „Гардијан“, треба да следи депортација и откажување на неговото учество на Австралија опен.
Според австралиските новинари кои внимателно го следат овој случај, визата била одбиена во интерес на здравјето и јавниот интерес.
По неколкудневни размислувања, министерот за миграција, Алекс Хок, реши да ја поништи одлуката на судот и да не дозволи најдобриот светски тенисер да настапи на Австралија опен.
„Го искористив моето овластување за Законот за имиграција за да ја поништам визата што ја имаше Новак Ѓоковиќ. Од здравствени причини и воспоставување на подобар ред кои се во јавен интерес. За време на оваа одлука внимателно ги разгледав сите информации од Министерството за внатрешни работи, австралиските гранични сили. Владата на Морисон е цврсто посветена на заштитата на границите на Австралија, особено за време на пандемија“, објасни Хок.
Адвокатите на Новак Ѓоковиќ однапред најавија дека ќе ја искористат можноста да поднесат жалба до судот доколку се донесе оваа одлука.
Новак Ѓоковиќ планирал двочасовен тренинг во четвртокот, но тој траел само половина час, пишува германскиот таблоид „Билд“, наведувајќи дека првиот тенисер во светот го напуштил теренот по пораката што му ја покажал кондициониот тренер Марко Паничи.
Одлуката за укинување на визата за најдобриот тенисер во светот Новак Ѓоковиќ со судска одлука е поништена. Но, одлуката за депортација остана можна и по тоа, пишуваат медиумите.
Ѓоковиќ слета во Австралија во средата, но не доби виза да влез во земјата, поради што беше сместен во хотел за баратели на азил, каде што го чекаше сослушувањето.
Ѓоковиќ пристигна во Австралија со медицинско ослободување од вакцинација против коронавирус, откако тоа беше потврдено од две тамошни комисии.
Според австралиската гранична полиција, Новак Ѓоковиќ не доставил соодветни докази дека ги исполнува условите за влез во Австралија, поради што му била поништена визата.
Според документите објавени на официјалната веб-страница на надлежните австралиски институции, српскиот тенисер побарал медицинско ослободување што му овозможува да влезе во Австралија без да прими две дози од вакцината, врз основа на фактот дека неодамна заболел од Ковид-19. Според документите, тој добил позитивен резултат од ПЦР-тест на 16 декември.
Во документите доставени од неговите адвокати, меѓу другото, се наведува дека Ѓоковиќ добил виза во ноември, а медицинско ослободување во декември, како и дека добил документ од Секторот за внатрешни работи дека може да влезе во земјата без да оди во карантин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.