Регион
Балканските лидери се договориле да се воздржат од мешање во туѓи внатрешни работи
Лидерите на балканските земји, што учествуваа на состанокот во рамките на Брдо процесот , на кој беше и германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер, не само што се скарале туку и се договориле во иднина да не се мешаат едни на други во внатрешните работи на земјите. Ова е клучниот дел во усвоените заклучоци од состанокот, покрај тој да избегнуваат употреба на националистичка и провокативна реторика.
“Ние, лидерите од Брдо процесот – Бриони потврдуваме дека клучна определба на оваа средба е да се зајакне нашата одговорност за политичката стабилност и помирување во Југоисточна Европа, која се соочува со предизвици поради забавување на процесот на проширување на ЕУ и порастот на негативните глобални трендови. За да се постигне стабилност, владеењето на правото мора да преовладува како принцип во сите аспекти и во поширокото соседство. Исто така, потребно е да зајакне отворниот дијалог и да се избегнува националистичка и провокативната реторика“, стои во заклучоците, па се додава:
„Слободата на избор на политички и безбедносни усогласувања треба да биде самостоен и независен избор на секоја земја. Ја повторуваме потребата од воздржување од било какво мешање во работите кои се однесуваат на процесот на донесување одлуки, кои се суштински во рамките на домашната јурисдикција“, стои во заклучоците од самитот.
Во останатиот дел лидерите се обврзуваат на „искрен ангажман во процесите на помирување и решавање “ на спорните прашања на мирен начин и преку политички дијалог, во согласност со меѓународното право и добрососедските односи, со цел да се постигнат праведни и фер решенија.
Последните месеци имаше многу епизоди на националистички препукувања меѓу балканските лидери, а обидот за државен удар во Црна Гора, Тиранската платформа и присуството на српскиот агент во македонскиот Парламент за време на крвавите настани излегоа далеку од тоа и преставуваа мешање во внатрешните работи на земјите.За првпат на самит на балканските лидери ваквите спорни прашања и практики излегоа на преден план место да се ставаат под тепих.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

