Регион
Блинкен: Договорот води кон признавање на Косово од страна на петте членки на ЕУ, кои не го сториле тоа
Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, изјави дека, доколку се примени договорот помеѓу Косово и Србија, тоа ќе го отвори патот за признавање на Косово од страна на петте земји членки на ЕУ што не го сториле тоа.
Како што јави „Гласот на Америка“, Ентони Блинкен одговорил на прашањето на сенаторот Жан Шахин за неговите напори да ги убеди петте земји од ЕУ што не го признаваат Косово да го сторат тоа.
„Тоа, секако, е прашање на кое сè уште работиме, но исто така мислам дека овој договор, доколку се имплементира, всушност води кон признавање од овие земји“, рече Блинкен.
Тој призна дека признавањето на Србија е друга работа и дека тоа ќе потрае некое време.
„Доколку дојде до нормализација на односите меѓу Косово и Србија, тоа би имало позитивен ефект и верувам дека на крајот ќе стигнеме до таа точка, но мислам дека тоа што Косово и Србија постигнаа договор, под претпоставка дека ќе го спроведат, ќе ги водат петте земји кон признавање“, рече Блинкен.
Тој за време на седницата рече дека напредокот постигнат меѓу Србија и Косово дава надеж на патот кон нормализација.
„Сметам дека е важно, освен што двете земји начелно се договорија да го направат тоа, овие обврски да бидат дел од плановите на двете земји за членство во Европската Унија, па се надевам дека ова ќе биде поттик да го спроведат“, рече Блинкен.
Сенаторот Сахин изјави дека се согласува и нагласи дека верува оти е важно луѓето во Косово и Србија да ги почувствуваат придобивките во приватниот живот од таквиот договор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Нови детали за малата Данка: нејзината ДНК не била пронајдена на автомобилот со кој била удрена
Како што пренесува „Нова.рс“, на ниеден од предметите што биле земени за помош во истрагата не биле пронајдени биолошки траги од двегодишната Данка Илиќ од Србија.
Српскиот портал напиша дека досега се пронајдени повеќе од 400 траги во службеното возило за кое се сомневаат дека го користеле Дејан Драгојевиќ и Срѓан Јанковиќ кога, според нивното признание, го удриле девојчето. Обвинителството пред неколку дена ги доби резултатите од новите вештачења.
„Од внатрешноста на службениот автомобил во Бор се земени повеќе од 500 траги, како и траги од надворешната страна на автомобилот. Досега вештачењата покажаа дека нема трага од ДНК на Данка Илиќ ниту во самиот автомобил ниту на надворешните делови од возилото“, пишува „Нова.рс“ повикувајќи се на Вишото јавно обвинителство.
Медиумот потсетува дека осомничените работници на фирмата „Водовод“ од Бор, Јанковиќ и Драгијевиќ, биле на работна задача на 26 март кога во Бањско Поле исчезна двегодишно девојче. Според признанието на Драгијевиќ, девојчето го удриле со службеното возило, го задавиле и го фрлиле на дива депонија, од каде што два дена подоцна Дејан со својот татко (73) и сега починатиот брат Далибор (40) наводно го преселиле телото на друга, непозната локација.
Телото на двегодишната Данка сè уште не е пронајдено.
Регион
Се урна конструкција на рингишпил, повредени 13 деца, од кои едно е во животна опасност во Куршумлија
Во Куршумлија денеска се случила несреќа кога на локалниот саем се урнала конструкцијата на рингишпилот, пренесуваат српските медиуми.
Според написите, повредени се 13 деца, од кои едно потешко.
Станува збор за девојче, чиј живот е во опасност и има сериозни повреди на главата и ‘рбетниот столб.
Таа била итно префрлена во КЦ „Ниш“ на Одделот за неврохирургија.
Седум деца се во друга болница, каде што во тек е понатамошна дијагностика, а другите деца се полесно повредени, пишуваат тамошните медиуми.
Регион
Шји Џјинпинг: Србија е првата земја од Европа со која ќе изградиме заедница со заедничка иднина
Претседателот на Народна Република Кина, Шји Џјинпинг, изјави дека во денешните разговори со претседателот Вучиќ е постигнат значаен консензус и дека Србија ќе биде првата земја од Европа со која ќе изгради заедница со заедничка иднина.
„Заеднички објавивме дека ќе изградиме заедница меѓу Кина и Србија со заедничка иднина во новата ера, што ќе отвори ново поглавје во историјата на кинеско-српските односи. Пред осум години Србија стана првиот сеопфатен стратешки партнер на Кина во Централна и Источна Европа, а денеска станува првата европска земја во која ќе изградиме заедница со заедничка иднина“, рече Шји во говорот по размената на потпишаните меѓудржавни договори меѓу Србија и Кина во Палатата „Србија“.
Тој посочи дека како вистински пријатели и добри партнери Кина и Србија уживаат политичка доверба, која е силна како карпа.