Регион
(Видео) Вучиќ: Во последните неколку месеци читам дека сум малиот Путин
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ на панелот „Проширување на европските хоризонти“ што се одржува во рамки на Светскиот економски форум во Давос, рече дека е песимист за влез во ЕУ во блиска иднина и дека не мисли само на Србија, туку на земјите од регионот.
„Сите ние гледаме и не можеме да замижиме пред расположението во ЕУ. Кога станува збор за европската политичка заедница, тоа е важно за нас, бидејќи можеме да разговараме за различни прашања со европските лидери“, рече тој.
Вучиќ додава дека Србија има добра стапка на раст и дека сега прашање е како да продолжи со исто или посилно темпо.
„Што треба да правиме на многу полиња во однос на владеењето на правото. Нема големи соништа, ниту сме ентузијасти како порано. ЕУ веќе не е ентузијастичка, како што мислевме дека е. Популарноста на ЕУ во земјите од регионот паѓа поради различните притисоци врз тие земји. Кај нас поради Косово и Метохија, во Северна Македонија поради притисоците поврзани со нивниот идентитет“, рече Вучиќ.
Тој рече дека Србија постигнала напредок во реформите во правосудството, но дека знае дека нема брзо да стане членка на ЕУ.
На прашањето за ставот на Србија за војната во Украина, Вучиќ побара појаснување – на кој став точно се однесува.
„ Кажи ми кој е тој став. Последните неколку месеци читам дека сум малиот Путин, дека ќе започнам војна против моите соседи. Во светските медиуми се објавени повеќе од 1.700 статии. и ние не сме нападнале никого, а тоа нема да се случи. Јас сум малку циничен. Тоа беше брутална лага, како и многу други. Што се однесува до војната во Украина, ние го поддржуваме територијалниот интегритет на Украина, исто како што го поддржуваме територијалниот интегритет на Србија. Кога ме прашуваат дали Крим е дел од Украина, јас велам дека е дел од Украина, како и Донбас“, рече Вучиќ.
Тој посочи дека Србија нема да го менува ставот, и дека ќе биде верна на територијалниот интегритет на секоја членка на ОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Турција ќе приватизира два клучни моста во Истанбул
Турција ја ангажираше консултантската фирма Ernst & Young LLP да ја води приватизацијата на два клучни моста во Истанбул и серија автопати, според извори запознаени со планот.
Фирмата со седиште во Лондон ќе ја советува турската влада за продажбата на Мостот на мачениците 15 јули и Мостот „Фатих Султан Мехмед“, кои ги поврзуваат европската и азиската страна на Истанбул, како и најмалку девет автопати со наплата на патарина.
Изворите зборуваа под услов на анонимност бидејќи деталите од договорот не се јавни, објави Блумберг. Турција, исто така, ја назначи канадската фирма BTY Group за технички советник и планира да објави формален тендер подоцна оваа година, велат изворите.
Обидот за приватизација од 2012 година, кој вклучуваше и мостови и околу 2.000 километри автопат, привлече добитна понуда од 5,7 милијарди долари. Процесот пропадна откако Реџеп Таип Ердоган, тогашниот премиер, рече дека продажбата за помалку од 7 милијарди долари би била „предавство“. Владата сега очекува понуди што го надминуваат тој износ.
Според турскиот министер за транспорт, околу 430.000 возила секојдневно ги преминуваат двата моста, а стандардната патарина за патничко возило е 59 лири по правец, или околу 1,36 долари по тековни цени.
Ernst & Young претходно работеше како советник за проекти поврзани со мостови, автопати и болници во Турција.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.
Регион
Словенија најавува забрана за социјални мрежи за деца под 15 години
Словенечката влада усвои насоки за измени на законот со кои би се ограничило користењето на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, пренесе словенечката агенција СТА.
Вицепремиерот Матеј Арчон изјави дека иницијативата е подготвена од Министерството за образование, а пред усвојување на законските измени ќе треба да се изјасни и Министерството за дигитална трансформација. Тој појасни дека мерките имаат цел да ги спречат негативните влијанија на социјалните мрежи врз децата и адолесцентите, по примерот на други држави.
Владата најавува регулирање и ограничување на користењето на мрежи како ТикТок и Снепчет, при што насоките дополнително ќе бидат доработени од стручната јавност и ќе се подготви соодветна законска рамка.
Ограничувањата се дел од поширок европски и светски тренд, откако Австралија воведе забрана за пристап до социјални мрежи за лица под 16 години, а слични чекори најавија и Франција, Данска, Грција, Шпанија и Португалија. Европскиот парламент претходно побара воведување старосна граница од 16 години, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави можност за воведување вакви ограничувања и на ниво на ЕУ.

