Регион
(Видео) Средношколка од Србија во „смарт“ скрила 9 килограми дрога, па со малолетник тргнала за Белград

Припадници на МВР по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, поради постоење основи на сомнение, ги уапсиле Ј. М. (19) и 17-годишно момче за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
Во Кумодраж полицијата го запрела автомобилот модел „смарт“, во кој се наоѓале осомничените, и по прегледот на возилото, пронашла и запленила околу 8,5 килограми марихуана.
На осомничената Ј. М. ѝ е одредена мерка притвор до 48 часа по што со кривична пријава ќе биде спроведена во надлежното обвинителство.
17-годишникот е спроведен во Одделот за малолетници на Вишото јавно обвинителство во Белград.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Албанскиот премиер ја пречека Мелони на колена

За време на посетата на Албанија, италијанската премиерка, Џорџа Мелони разговараше со домаќинот Еди Рама. Средбата меѓу Мелони и Рама ја одбележа и еден необичен детал.
Рама, како и во претходните прилики, клекна пред италијанската премиерка, што ја насмеа италијанската лидерка.
„Не, Еди“, му рече Мелони низ смеа. „Тој го прави тоа за да биде висок колку мене“, додаде таа, а потоа срдечно се прегрнаа.
Рама клекна пред Мелони и во јануари оваа година, при што и го честиташе роденденот.
Мелони и Рама разговараа за низа теми, вклучувајќи го и мигрантскиот камп кој беше изграден во Ѓадер, во регионот на Лежа. Таму привремено ќе бидат сместени мигрантите од трети земји кои се враќаат од Италија, додека не им се проверат документите.
Мелони, говорејќи од Тирана каде што учествува на состанокот на Европската политичка заедница, изјави дека работата таму брзо напредува, што според нејзините зборови покажува дека се е „на добар пат“.
На прашањето дали поминала покрај мигрантскиот центар, таа одговори: „Немав време. Работата продолжува и тоа покажува колку брзо се оди, што потврдува дека, како што ветивме, одиме во добра насока“.
Мелони се осврна и на војната во Украина, велејќи дека Европската унија мора да инсистира на безусловно примирје и сериозен мировен договор кој ќе вклучува безбедносни гаранции за Киев.
„Не смееме да бараме алтернативи. Мораме да инсистираме на сериозни мировни договори и безусловен прекин на огнот, со безбедносни гаранции за Украина. Работиме на тоа“, рече Мелони.
Регион
Во Тирана почна самитот на европската политичка заедница

Шестиот самит на европската политичка заедница под мотото „Нова Европа во нов свет“ се одржува во Тирана, на кој учествуваат лидери од повеќе од 40 европски земји, меѓу кои и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Домаќини на самитот се албанскиот премиер Еди Рама и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, а една од темите на средбата е поддршката за европската интеграција на Западен Балкан, економската соработка, енергетската безбедност и зелената транзиција.
Премиерот на Албанија ги пречека лидерите и официјалните лица кои учествуваат на самитот на плоштадот Скендербег во Тирана, а на самитот присуствуваат лидерите на земјите од регионот, претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, премиерката на Италија Џорџа Мелони, генералниот секретар на НАТО Марк Руте, високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност.
На самитот присуствува и македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, кој од вчера најавува дека ќе биде слушната убава вест за македонските граѓани.
Дискусиите ќе се одржат на неколку тематски сесии на високо ниво, со фокус на безбедноста и демократската стабилност на Европа, конкурентноста и економската безбедност, сложената динамика на миграцијата и војната меѓу Русија и Украина.
На крајот на самитот ќе се одржи прес-конференција, која заеднички ќе ја водат домаќинот на средбата Рама и премиерката на Данска, Мете Фредериксен, чија земја следната година ќе биде домаќин на Самитот на Европската политичка заедница.
Регион
(Видео) Снег во Србија и во Црна Гора

На Копаоник од утрово вее слаб снег, а според податоците на Републичкиот хидрометеоролошки завод, во 7 часот температурата на оваа планина била нула степени.
Лапавица има и во Сјеница, на Златибор утрово се измерени 2 степена, а на Црн Врв – 3.
Планинскиот превој Јабука, на надморска височина од 1.250 метри, утрово осамна под снежна покривка.
„Бевме изненадени од овој снег, а уште поизненадувачки е што сè побеле како во јануари. Паѓаат големи снегулки како среде зима“, вели жител на Јабука.
Поради ниските температури и снегот што паѓа во ова погранично село од раните утрински часови, на возачите што се наоѓаат на овој планински превој им се препорачува да бидат дополнително внимателни, особено поради можноста за појава на мраз.
На другите места во Србија температурата е под 10 степени, освен во Заечар, Неготин и Димитровград, каде што се измерени 11 степени.
Во мај снег падна и во Жабљак, има и во Мојковац, а во другите делови на Црна Гора е значително постудено со врнежи од дожд.