Регион
Вучиќ: Како што гледаме, Србија сочинува повеќе од 50 отсто од економијата на Западен Балкан
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги повика граѓаните на неговата земја да му веруваат на државниот врв и порача дека ќе се потруди да го зачува мирот и дека одат кон нормализација заштитувајќи ги виталните државни и национални интереси.
„Не мора утре да гласаат за мене, само барам од нив да веруваат во посветеноста, мудроста, сериозноста и патриотизмот на нивното национално лидерство. Знам што правам, знам што правиме. Немаме други гаранции, некој мора да преговара. И никогаш нема да признам ништо тајно. Знам што не смееме да изгубиме, а знам што треба да зачуваме“, изјави Вучиќ, пишува N1.
Тој рече дека денес на Србија ѝ отпаѓа повеќе од 50 отсто од економијата на Западен Балкан.
„До пред неколку години Србија беше само 39-40 отсто од вкупната економија на Западен Балкан. Денес, Србија е Србија. Како што гледаме, повеќе од 50 отсто од економијата на Западен Балкан“, вели претседателот на Србија.
Тој праша дали некој сака „да влезе во војна со НАТО“.
„Со растот на српската економија тоа е она што можеме да го направиме за да соработуваме со сите и тоа е она во што можеме да победиме“, рече тој.
„Мораме да ја донесеме нашата мала земја, овој наш мал брод, на мирно пристаниште, притоа да го заштитиме тој брод, нашите национални интереси во метафорична смисла. Ќе има многу работи што ќе ги направиме ако Албанците прифатат да формираат заедница на српски општини, а мислам дека нема, ќе има работи што не се едноставни за нас. И нема да кријам ништо од тие работи од луѓето. Но, резултатот на крајот ќе биде добар за нашата земја“, рече Вучиќ.
Тој ги коментира шпекулациите дека ќе ја остави српската премиерка Ана Брнабиќ да потпише евентуален договор со Приштина.
„Кога ќе слушнете такво нешто од некого, слободно кажете му во лице дека е лажго“, рече Вучиќ.
„И Србија се држи до својата политика. Да, Србија е на европскиот пат, не може лесно да опстане ако не е на европскиот пат. Но, ние не се согласуваме за сè, не мора ни да се согласуваме“, рече Вучиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.