Регион
Вучиќ: Потпишаното мора да се спроведе, крајната цел е Србите и Албанците да живеат заедно
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во интервју за „Еуроњуз“ изјави дека се што е потпишано во дијалогот меѓу Белград и Приштина и што е потпишано од претставниците на Европската унија, мора да се спроведе. Тој вели дека, кога станува збор за Заедницата на српските општини, под покровителство на ЕУ, потпишани се четири договори – план за имплементација, принципи, управување и Првиот договор.
„ Ова се четири договори. Веќе имаме потпишано сè и секако дека е потпишано од претставниците на Европската Унија и тоа мора да се спроведе. И тоа не е крајната цел. Крајната цел е Србите и Албанците да живеат заедно, да живеат многу подобро и да се почитуваат, без непријателство. Не планирам да зборувам за нечија вина, не е важно дали тоа ќе се случи за три месеци или три години, но ако успееме, тоа ќе биде историски успех“, изјави Вучиќ.
На прашањето дали се подготвува за нова рунда разговори со претставниците на Косово и кои се „црвените линии“, претседателот на Србија вели дека не често зборува за црвените линии, бидејќи ако многу се зборува за тоа, тогаш нема вистински преговори и „другата страна ќе инсистира само на тие црвени линии“.
Поважно е, според Вучиж, да се разговара соодветно, а тоа „значи обид да се најдат компромисни решенија“.
„ Ние сме подготвени да го направиме тоа. Се разбира, двете страни имаат свои црвени линии и не можам да го негирам тоа, но ние, верувам дека двете страни, мораме да направиме многу за нормализирање на ситуацијата меѓу нашите народи, и имајќи го предвид тоа, верувам дека во интерес на двете страни е да се обезбеди слободен проток на стоки, луѓе, капитал. Мора да работиме многу посветено на тоа, како и на спроведување на сите претходни договори“, подвлече Вучиќ.
На прашањето дали Србија е подготвена да направи некои отстапки на косовската страна кога станува збор за членството во Советот на Европа или барем да ја започне таа процедура, Вучиќ рече дека тие „веќе ја започнале таа процедура во Советот на Европа, без да ја прашаат Србија и дека Србија не им треба за тоа“. Сепак, тој додаде дека има регулативи и план предложен од Германците и Французите во однос на меѓународните организации:
„ Тие го добија мојот одговор на тоа, директно им кажав на (Емануел) Маркон и (Олаф) Шолц што мислам за приемот на Косово во Обединетите нации и некои други работи. Но, ние сме подготвени да разговараме за други прашања, секогаш сме подготвени да разговараме. Исто така, треба да разговараме за некои закони кои мора да се донесат, а за тоа ќе разговарам во Охрид со моите соговорници и со некои други луѓе. Но, ние сме подготвени да разговараме за многу прашања и тие ги знаат моите црвени линии“, рече Вучиќ.
Српскиот претседател истакна дека луѓето се заситиле од секакви притисоци со кои се соочени во однос на Косово, санкциите и се друго, поради што популарноста на Европската унија е речиси на најниско ниво.
„ Но, исто така, луѓето ја ценат и ја почитуваат поддршката од Европската унија што ја добивме, особено неодамна. Го добивме најголемиот грант досега, 610 милиони евра за брзата пруга меѓу Белград и Ниш, 165 милиони, како и сите други земји од Западен Балкан, за енергетскиот сектор во готовина за нашиот буџет.
Ние сме мала земја, но сме најголема на Западен Балкан, најголема економија. И овде треба да направиме многу реформи. Згора на тоа, верувам дека направивме многу во однос на судството, кое беше признато и од Европската Унија. Ако вака продолжи, верувам дека еден ден ќе станеме полноправна земја членка на Европската унија“, рече Вучиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Ова ќе биде клучна и една од најтешките години во светот
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека утре ќе бидат потпишани 10 договори за соработка меѓу Србија и Казахстан и истакна дека ова е создавање темел врз кој ќе се изгради голема куќа на пријателство што е од интерес за двете земји.
– Разговаравме за геополитичката ситуација. Имаме речиси 100% согласност во оценките. Можам да зборувам за моите предвидувања. Можaм да прoмашам за неколку дена, но во суштина не. Очекувам наскоро да започне голем конфликт, сите знаете на кој мислам, и очекувам конфликтот во Украина да не заврши, мислам дека ќе продолжи долго време. Би сакал да грешам, би бил повеќе од среќен да излезам и да кажам дека моите проценки беа погрешни, но се плашам дека ќе бидам во право. Полека, сите влегуваат во ќорсокак, а кога сте во ќорсокак, се движите само кон потешки решенија и поголеми проблеми. Ова ќе биде клучна година и една од најтешките години во светот. Не би ја исклучил можноста за употреба на неконвенционално оружје во текот на оваа година – изјави Вучиќ, пренесуваат медиумите во регионот.
Регион
Вучевиќ: Верувам во силата на Дачиќ да се избори, и во нашите лекари
Лидерот на СНС и советник на претседателот на Србија, Милош Вучевиќ, денес изјави дека е неблагодарно да се зборува за идната здравствена состојба на претседателот на СПС и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, и дека тој верува во неговата сила да се избори.
„Неблагодарно е да се зборува. Не можам да кажам ништо друго освен она што го кажаа лекарите, семејството, а ми се чини од разговорот со колегите од СПС, дека е за нијанса подобро од синоќа, но сепак е предизвикувачко“, рече Вучевиќ во гостувањето во емисијата „Фокус“ на Б92.
Тој додаде дека верува во силата на Дачиќ да се бори, во нивните лекари и дека се моли на Бога да му даде на Дачиќ доволно сила да се извлече од сето ова.
Вучевиќ истакна дека настинките не треба да се потценуваат и дека секој треба да слуша што велат луѓето кои се експерти за тоа.
„Ивица Дачиќ има уште едно прашање, тоа е прашањето за дијабетесот, стресот, политиката, сè што ни се случува. Невозможно е да нема последици. Имавме многу предизвици. Минатата година имавме предизвици со Дарко Глишиќ. Овој повик беше направен со голем притисок“, рече Вучевиќ.
Дачиќ беше примен на Клиниката за пулмологија вчера попладне со пневмонија.
Регион
„Следната земја-членка на ЕУ“ – Црна Гора брендираше авион со европската амбиција за членство до 2028 година
Црногорската влада, која планира до крајот на годината да ги затвори сите преговарачки поглавја со Европската унија, претстави авион на националниот превозник „Ер Монтенегро“ со слоганот „28by28 – The next EU member“. (следна земја-членка на ЕУ).
Од Министерството за европски прашања соопштија дека целта на кампањата е да се испрати порака до меѓународната јавност дека Црна Гора до 2028 година ќе стане 28-ма членка на ЕУ.
Премиерот Милојко Спајиќ при претставувањето на авионот во Подгорица изјави дека пораката претставува „стратешка изјава на државата“, додавајќи дека Црна Гора нуди стабилност и нова енергија за Европа.
Министерката за европски прашања Маида Горчевиќ оцени дека членството во ЕУ е амбициозна, но остварлива цел и повика сите институции и општествени чинители да ја пренесат пораката „28 до 2028“.
Властите претходно најавија дека имаат намера до крајот на годината да ги затворат сите преговарачки поглавја, со цел членство до 2028 година.

