Регион
Вучиќ: Се надевам дека нема да дојде до војна, туку до решение на косовското прашање
Српскиот претседател, Александар Вучиќ денеска по повод изјавата на косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, дека во случај на поделба на Косово ќе избие нова војна, изрази надеж дека во Косово нема да дојде до војна, туку до изнаоѓање некакво решение.
„Не е решение ако ни велите: ‘Сѐ е наше, признајте нѐ’. Потребен е договор. Тешко е, но не може да се одолжува. Во наш интерес е прашањето да се реши“, рече Вучиќ.
Претседателот на Србија додаде дека ќе направи сѐ за да ги зачува мирот и напредокот и да постигне решение што нема да им го извалка образот на Србите.
Вучиќ на новинарско прашање се осврна и на изјавата на претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, која вчера изјави дека Хрватите и Албанците се браќа по оружје бидејќи голем број Албанци учествувале во војната во 90-тите години, на хрватската страна. Вучиќ во однос на ова коментира дека не го интересираат такви изјави бидејќи, ако нешто е навистина важно, тоа е Србија економски да напредува. Вучиќ, меѓутоа, укажа дека изјавата говори за тешката положба во која се наоѓа неговата земја бидејќи е очигледно дека постојат такви што не сакаат таа да напредува.
„Колкумина го загубиле животот за Хрватска не нѐ интересира ни мене ни Србија. Доколку некој мисли дека тоа треба посебно да ме плаши, не стравувам ни најмалку. Ние ја работиме нашата работа, да имаме што попаметни деца што ќе се насочат кон иднината“, рече Вучиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Регион
(Видео) Уапсени Срби во Атина, поранешни членови на „Пинк Пантер“: осомничени се за украден накит вреден 315.000 евра
Двајца Срби, кои во минатото биле членови на организацијата „Пинк Пантер“, се уапсени во Атина под сомнение дека ограбиле две познати златарници во центарот на грчката престолнина, соопшти атинската полиција.
Според соопштението на грчката полиција, уапсените оперираат најмалку од минатиот декември, а се претпоставува дека имале соодветна мрежа за канализирање на украдени предмети, бидејќи оствариле добивка од над 315.000 евра.
По претресот во нивните домови, меѓу другото, пронајден е алат користен при кражбата, три рачни часовници, накит, 190 евра, лажна возачка дозвола, три мобилни телефони, лични предмети, како и дополнителен мотоцикл и автомобил што служеле за превоз.