Регион
Вучиќ се сретна со амбасадорите на квинтата: „Се надевам дека ќе успеете да го вразумите Курти да ги повлече своите сили“
Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, се сретна со амбасадорите на земјите од квинтата – Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Франција, Италија и Германија, како и со шефот на делегацијата на Европската Унија, а единствената тема на разговор беше последната ескалација на насилствата во Косово.
Вучиќ изрази големо незадоволство и силна загриженост поради фактот што дел од меѓународната заедница продолжува да ги толерира унилатералните потези на Приштина, кои водат до насилство врз српската заедница, што резултира со намалување на бројот на опции што би можеле да доведат до постојан мир и стабилност во регионот, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот.
Тој ги запозна соговорниците со вистинската хронологија на настаните во текот на вчерашниот ден, во кои беа повредени голем број припадници на српската заедница, кои се собраа да го изразат своето незадоволство.
„Претседателот потсети дека навремено и упорно предупредуваше за ваквиот развој на ситуацијата, како и за последиците што може да доведат до неказнивост на институциите во Приштина, кои не само што не ги исполнуваат своите обврски туку редовно преземаат еднострани насилни дејства против српската заедница во Косово со многубројни и чести инциденти, кои резултираат со повреди, тепања, малтретирање и отворена дискриминација на Србите“, се наведува во соопштението.
Вучиќ рече дека е крајно време дел од меѓународната заедница, конечно, да реагира остро, јасно и недвосмислено на политиката на приштинските институции и да ги заштити Србите од сè посилните притисоци и бруталното насилство што се врши пред очите на сите механизми, чија улога, меѓу другото, е да ја заштитат заедницата.
Претседателот изрази жалење за повредените војници на КФОР, но посочи дека се повредени многу поголем број Срби, дека против нив било употребено огнено оружје и голема физичка сила.
Тој додаде дека во сегашната ситуација од клучно значење е зачувувањето на мирот, но и дека најважна е безбедноста на српската заедница на Косово, како и дека во оваа смисла ги очекува земјите од вкинтата, кои имаат најголемо влијание врз Приштина, итно да донесат и спроведат одредени мерки, кои би ја гарантирале безбедноста на Србите во Косово, што е предуслов за каква било понатамошна дискусија со претставниците на привремените институции во Приштина.
Претседателот Вучиќ истакна дека Албин Курти мора да ги повлече специјалните единици бидејќи Србите никогаш нема да ја прифатат неговата окупација.
„Се надевам дека ќе можете да го вразумите Курти да ги повлече своите сили и личните градоначалници од северот“, рече претседателот Вучиќ. Тој нагласи дека Србија ќе ја продолжи комуникацијата со претставниците на НАТО/КФОР со најдобра верба за зачувување на мирот и стабилноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Над илјада лица протестираа во Атина против нападите врз Иран
Повеќе од илјада лица маршираа во неделата низ Атина до американската и израелската амбасада во знак на протест против нападите врз Иран. Според полицијата, на протестот учествувале над 1.300 демонстранти.
Протестот бил организиран претежно од поддржувачи на Комунистичката партија на Грција, кои носеле транспаренти со пораки „Рацете подалеку од Иран“ и „Затворете ја базата Суда“. Амбасадите на САД и Израел биле обезбедени со полициски кордони.
Συγκέντρωση στο πάρκο Ελευθερίας και πορεία προς την αμερικανική πρεσβεία πραγματοποίησαν εργατικά σωματεία και φορείς κατά των επιθέσεων των ΗΠΑ και Ισραήλ στο Ιράν.
🎥orange press#ingr #news #αθηνα #iran pic.twitter.com/q5IcH44kzk
— in.gr/news (@in_gr) March 1, 2026
Ден претходно, грчките власти ги засилиле безбедносните мерки во поморската база Суда на островот Крит, која ја користат САД како стратешка точка во источниот Медитеран.
Фото: ЕПА
Регион
Оштетена амбасадата на Србија во Техеран во утринските напади
Во утринското бомбардирање на Техеран е оштетена зградата на Амбасадата на Србија во Иран, дознава српски „Телеграф“.
Според информациите на медиумот, била гаѓана блиската база на Басиж, а од силата на ударот е предизвикана материјална штета и на објектот во кој се наоѓа српската дипломатска мисија.
Во нападот нема повредени меѓу персоналот на амбасадата.
Во тек е нов бран напади на Израел и САД врз воени објекти во Иран, особено во Техеран.
Регион
Спречен шверц на 350 килограми марихуана на албанско-грчката граница
На граничниот премин „Какавија” на албанско-грчката граница, кај Ѓирокастро, спречен е шверц на 350 килограми марихуана, која требала да заврши на грчкиот нарко пазар.
„Денеска околу 6:30 часот, при скенерска проверка на празно возило на излез од царинската испостава Какавија, забележана е двојна шасија, каде што била сместена сомнителна количина на наркотична супстанца „канабис сатива“, соопшти албанската полиција.
Се додава дека царинските службеници го пуштиле возилото на физички преглед, заедно со полициските сили, при што биле откриени 166 пакети од по 2,1 килограма марихуана или вкупно 350 килограми.
Ова е прв случај откриен годинава со толкава количина марихуана на овој премин во јужниот дел на Албанија.

