Регион
Грција уапсила и депортирала јордански исламист со британски пасош
Грчките власти уапсиле човек со јорданско потекло и со британски пасош, за кој се верува дека е поврзан со радикални исламски терористички организации во Сирија, пренесува „Прототема“.
За човекот се вели дека отпатувал на одмор во општината Милопотамос на островот Крит кон крајот на август и бил идентификуван од грчките власти кои добиле дојава од британските власти.
Грците веднаш го ставиле човекот под надзор и, откако се консултирале со британските безбедносни служби, го привеле осомничениот. На барање на британските власти, човекот потоа бил депортиран во Велика Британија.
И грчката национална разузнавачка служба и полицијата биле вклучени во случајот и се обидуваат да утврдат дали човекот, кој бил во Грција со своето семејство, планирал нешто или се обидел да воспостави контакт со сомнителни лица.
Весникот објави малку информации во врска со идентитетот на човекот, но се верува дека тој е поврзан со радикални исламски терористички групи кои дејствуваат во Сирија.
Грција, која продолжува да биде епицентар за пристигнувањето мигранти од Блискиот Исток, документираше голем број луѓе, кои пристигнаа од екот на мигрантската криза, кои имаа врски со групи како Исламска држава.
Во 2017 година сириски мигрант беше уапсен под обвинение за тероризам во Северна Грција, откако со сопругата допатувал во земјата. Иако првично негирал членство во терористичката група, тој подоцна бил осуден од грчки суд.
Додека заканата од доаѓање на радикални исламисти во Грција маскирани во баратели на азил и понатаму е актуелна, потенцијалот за ширење на коронавирусот стана уште поитно прашање во последните неколку недели.
Неделава, 45-годишен ирачки мигрант бил позитивен на Ковид-19 во прифатилиште за азиланти во општината Оинофита. Само неколку дена претходно, еден сомалиски мигрант бил позитивен на вирусот во преполнетиот мигрантски камп Морија на островот Лезбос, принудувајќи ги властите да спроведат широки масовни низ кампот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

