Регион
Двајца пациенти, ранети во масакрите во Србија, се уште се критични: „Не покажуваат знаци на закрепнување“
Двајца од повредените во трагедиите што се случија во Белград и во Младеновац се уште се во тешка состојба, а другите се опоравуваат, изјави денеска министерката за здравство Даница Грујичиќ.
„Некои се ослободени од инцидентот што се случи во околината на Младеновац и Смедерево. Едно момче е веќе пуштено од Смедерево, друго во моментот е на физикална терапија, се подготвува за отпуштање. Еден пациент веќе е пуштен во саботата, од Ургентниот центар, три момчиња се отпуштени од училиштето во кое се случи трагедијата“, изјави Грујичиќ за Телеграф.
Таа додаде дека момчето кое било во Клиничко-болничкиот центар „Драгиша Мишовиќ“ и сега е во Ургентниот центар, се уште е критично, а девојката која имала поголеми повреди денеска е подобро.
„Сите покажуваат знаци на закрепнување, освен девојката која е во Тиршова (Универзитетска детска клиника) и момчето кое има оштетувања на бубрезите и кое од „Драгиша Мишовиќ“ се пресели во Ургентниот центар“, рече Грујиќиќ.
Единаесет од нив моментално се на болничко лекување.
Министерката посочи дека сега не може да се тврди дали момчето со повреда на цервикалниот ‘рбет и постариот пациент со повреда на лумбалниот пршлен, кој беше застрелан во масакрот кај Младеновац, повторно ќе можат да одат.
„Тие се згрижени. Постариот пациент е опериран и значително е подобар. Ги нема болките што ги имаше пред операцијата. А момчето на кое му е оштетена вратната кичма покажува добри движења во левата рака, што дава надеж дека ќе закрепне со упорен физички третман.
Дали ќе можат да одат, во овој момент никој не може да каже. Претстои напорна работа за моите колеги на интензивна терапија, кои веројатно ќе се занимаваат со нив со месеци“, вели таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

