Регион
Ден на жалост во Албанија, продолжува потрагата по преживеани
Спасувачките служби трагаат по преживеани под урнатините по разорниот земјотрес, што вчера ја погоди Албанија. Синоќа околу 19 часот беа регистрирани уште два потреса. Првиот со јачина од 4,7 степени по Рихтер, а неколку минути подоцна, вториот со сличен интензитет. Луѓето што останаа без своите домови ноќта ја поминаа во шатори. Расте бројот на загинати. Последна информација е дека загинати се 27, а има и над 650 повредени.
Во Албанија е ден на жалост, а знамињата на сите институции се спуштени на половина копје поради жртвите од земјотресот со јачина од 6,4 степени по Рихтер.
Под урнатините досега се извлечени 45, а се трага по уште десетина исчезнати. Помош пристигна од земјите од Европа и светот, како и од регионот.
Епицентарот на потресот бил на длабочина од 12 километри во близина на Драч. Последиците од потресот се најголеми во местото Туман, 30 километри северно од Тирана, како и во Драч.
Албанскиот премиер, Еди Рама, свика вонредна седница на владата и според негова процена, државата и сите институции презеле сè што е во нивна моќ за санирање на последиците од земјотресот.
Вчерашниот потрес беше почувствуван и во Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Грција, Хрватска и во Босна и Херцеговина. Во БиХ вчера исто така имаше силен земјотрес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Продолжуваат потресите во Грција по силниот земјотрес на Лезбос
Продолжуваат афтершоковите по силниот земјотрес на островот Лезбос со јачина од 5,1 степени според Рихтеровата скала.
Според властите на островот, нема повредени. Многу жители ноќта ја минаа надвор, во автомобили и шатори, поради честите последователни потреси. Има срушени ѕидови на згради и паднати карпи на патиштата кои се затворени. Заради безбедност на пожарникарите, властите забранија спасувачка акција во ноќните часови.
Од рано утрово технички екипи ја проверуваат состојбата на јавните објекти. Училиштата ќе останат затворени додека не се потврди дека се безбедни. Според податоците на опсерваторијата во Атина, земјотресот бил на само 5 километри длабоко во морето, веднаш до островот.
Според сеизмолозите, епицентарот е познат и пред четири години е регистриран силен земјотрес.
Жителите на островот се предупредуваат да бидат крајно внимателни и да не стојат во близина на предмети кои може да паднат.
Регион
Транспаренти со крвава тупаница со среден прст во Белград
На неколку места во Белград се појавија транспаренти со натпис „Одговорот на српскиот народ на обидот за обоена револуција“, заедно со илустрација на црвена рака на која се гледа средниот прст.
Црвениот (крвав) отпечаток од раката е еден од симболите на протестите организирани во Србија по уривањето на настрешница во Нови Сад.
Но, во последните 24 часа се појави втора црвена рака – онаа со свиткани прсти.
Од Српската напредна партија на Вучиќ се уште не одговорија дали стојат зад оваа акција.
Регион
Десетици дојави за бомби во училиштата во Бугарија
Десетици пријави за подметнати експлозивни направи се пристигнати на електронската пошта на училиштата во повеќе градови во Бугарија.
Од бугарското МВР објаснуваат дека се вршат проверки.
Има извештаи за образовни институции во Стара Загора, Враца, Варна и Софија, пишува БНР.бг.
Во Софија има над 20 училишта кои добиле известувања по е-пошта за подметнати експлозивни направи. Во сите згради на воспитно-образовните институции во овој момент се вршат контроли.