Регион
Додик: Ако САД имаат право на Гренланд, тогаш и Србија има право на Република Српска
Претседателот на Република Српска Милорад Додик вчера изјави дека се има алтернатива, вклучително и Европа, додавајќи дека ако Соединетите Американски Држави имаат право на Гренланд, тогаш и Србија има право на Република Српска.
Додик се осврна на неодамнешните најави на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека би сакал да го види Гренланд како дел од САД, иако Гренланд е самоуправна автономна територија под суверенитет на Кралството Данска, според медиумите во регионот.
„Секој од нас што споменува граници, скока: „Границите не смеат да се допираат“. Границите се како света индиска крава. Како сега можат? Како тој свет можат да го поместуваат а не можат Република Српска? На собранието на 9 јануари 1992 година, основната идеја беше независна држава, никаков ентитет. Зошто не вративте во таа глупост наречена Босна и Херцеговина, ако може Гренланд и Канада, како може Република Српска да не се приклучи на Србија, тогаш и Русија има право на Украина?
Додик истакна дека Европа нема лидер и дека многу земји кои се држат до суверенитетот природно ќе му се спротивстават на Брисел како центар „кој наметнува веќе пропаднати вредности“.
Тој праша што е со европското владеење на правото.
Сакате да ве донесам во БиХ и да ми кажувате за владеењето на правото и да прашам од каде е овој Шмит, ако владеењето на правото е во Европа“, рече Додик. Проблемот на РС, наведува тој, е што, според американските записи, повеќе од 450 луѓе ја изградиле својата кариера на лаги за Србите од времето на граѓанската војна во БиХ.
„Се знае дека е лага дека Србите убија 300.000 луѓе во БиХ, но веќе никој не спомнува дека тоа е лага. Кога во една прилика реков дека официјалниот извештај и командантот на ОН ги демантирале, Американец ми пријде и ми рече – треба да разбереш дека 450 Американци ја изградиле својата кариера на таа лага, а најголемиот лажго е Бајден“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Оштетена амбасадата на Србија во Техеран во утринските напади
Во утринското бомбардирање на Техеран е оштетена зградата на Амбасадата на Србија во Иран, дознава српски „Телеграф“.
Според информациите на медиумот, била гаѓана блиската база на Басиж, а од силата на ударот е предизвикана материјална штета и на објектот во кој се наоѓа српската дипломатска мисија.
Во нападот нема повредени меѓу персоналот на амбасадата.
Во тек е нов бран напади на Израел и САД врз воени објекти во Иран, особено во Техеран.
Регион
Спречен шверц на 350 килограми марихуана на албанско-грчката граница
На граничниот премин „Какавија” на албанско-грчката граница, кај Ѓирокастро, спречен е шверц на 350 килограми марихуана, која требала да заврши на грчкиот нарко пазар.
„Денеска околу 6:30 часот, при скенерска проверка на празно возило на излез од царинската испостава Какавија, забележана е двојна шасија, каде што била сместена сомнителна количина на наркотична супстанца „канабис сатива“, соопшти албанската полиција.
Се додава дека царинските службеници го пуштиле возилото на физички преглед, заедно со полициските сили, при што биле откриени 166 пакети од по 2,1 килограма марихуана или вкупно 350 килограми.
Ова е прв случај откриен годинава со толкава количина марихуана на овој премин во јужниот дел на Албанија.
Регион
Орбан врши притисок, ЈАНАФ возвраќа: Снабдување има, но само според санкциите на ЕУ и САД
Откако унгарскиот премиер Виктор Орбан го заостри притисокот врз Хрватска поради транспортот на руска нафта кон Унгарија, Европската комисија порача дека за спроведувањето на санкциите се одговорни земјите членки. Набргу потоа се огласи и Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ), кој ги отфрли ултиматумите и порача дека работи во согласност со правилата на Европската унија и Соединетите Американски Држави.
МОЛ вчера побара од ЈАНАФ гаранција дека ќе овозможи транспорт на руска сурова нафта што не е под санкции и која во Унгарија пристигнува по морски пат, со предупредување дека во спротивно ќе бара правна и финансиска одговорност. Европската комисија денеска соопшти дека спроведувањето на санкциите е во надлежност на земјите членки, пишува „Индекс.хр“.
ЈАНАФ: Одлуките не се носат под притисок
Реагирајќи на ултиматумот, од ЈАНАФ порачаа дека разговорите меѓу партнери и сојузници се водат „пристојно, аргументирано и врз основа на факти“.
„Во врска со ултиматумите упатени до ЈАНАФ, сметаме дека е важно да се соопшти дека разговорите меѓу партнери и сојузници се водат пристојно, аргументирано и врз основа на факти“, наведуваат тие.
Истакнуваат дека ЈАНАФ работи одговорно и целосно во согласност со важечките санкциски режими на Европската унија и Соединетите Американски Држави.
„Безбедноста на снабдувањето на Унгарија и Словачка не е загрозена. Рутата преку ЈАНАФ постои, веќе се користи и има доволни капацитети да ги покрие нивните потреби за нафта. Тоа го потврдува и самата Унгарија, која денес бара целосен транспорт преку ЈАНАФ, иако неодамна неосновано тврдеше дека таков капацитет не постои“, соопштуваат од компанијата.
Додаваат дека минатата и оваа недела за унгарскиот МОЛ веќе се транспортирани значителни количини нафта што не се опфатени со санкциски ограничувања, како и дека до почетокот на април се очекуваат уште седум танкери за истиот корисник на нафтоводниот систем на ЈАНАФ.
Снабдување можно, но со строга примена на санкциите
„Хрватската енергетска инфраструктура е подготвена, сигурна и достапна за снабдување што е усогласено со правилата на ЕУ и OFAC“, наведуваат од ЈАНАФ.
Како пример ја наведуваат снабдувањето на српската компанија НИС, каде партнерите, како што посочуваат, заеднички ги исполнуваат строгите санкциски критериуми за да обезбедат потребни продолжувања и континуитет на снабдувањето во рамки на важечките правила.
Во тој контекст очекуваат одлуките за набавка и транспорт кон Унгарија и Словачка да се носат врз основа на законитост и усогласеност со санкциите, а не под притисоци или ултиматуми.
„Доколку постојат барања што се однесуваат на нафта од руско потекло или на субјекти поврзани со Русија, тие можат да се разгледуваат исклучиво во строгата рамка на санкциските критериуми на ЕУ и OFAC, со целосна правна проверка, јасна одговорност и максимална транспарентност“, наведуваат.
Во заклучокот истакнуваат дека Хрватска не одбива снабдување ниту ја политизира енергијата. „Хрватска и ЈАНАФ овозможуваат снабдување во согласност со прописите, доследно применувајќи ги санкциите на ЕУ и САД“, наведуваат тие.
Комисијата: Земјите членки одлучуваат за спроведувањето на санкциите
Портпаролката на Европската комисија, Ана-Каиса Итконен, претходно изјави дека за спроведувањето и примената на санкциите се одговорни земјите членки. „Основното начело е дека за спроведувањето и примената на санкциите се одговорни земјите членки“, рече таа, одговарајќи на прашањето дали Хрватска може да испорачува руска нафта преку ЈАНАФ.
Европската унија во јуни 2022 година, во рамки на шестиот пакет санкции, го забрани увозот на руска нафта по морски пат. Унгарија, Словачка и Чешка добија привремено изземање како земји без излез на море, во случај испораката преку нафтовод да не е можна.
Нафтоводот „Дружба“ беше оштетен кон крајот на јануари во руски напад со дронови, по што дотокот на нафта беше прекинат, а спорот околу алтернативните рути дополнително се заостри.

