Регион
Европските ревизори: Треба подобра контрола за помошта од шест милијарди евра за Западен Балкан
Предложениот план за реформи и раст на Западен Балкан од шест милијарди евра треба да им помогне на овие земји да ги исполнат условите за влез во ЕУ. Во мислењето објавено од Европскиот суд на ревизори, се посочува дека дополнителните пари на Унијата треба подобро да се заштитат, соопштуваат од институцијата.
Економското зближување на шест западноевропски земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, и ЕУ со години се сметаше за неефикасно, се додава во соопштението.
Како одговор, во ноември минатата година Европската комисија предложи формирање на посебен финансиски инструмент, Планот за реформи и раст на Западен Балкан, како дел од новиот план за раст на регионот.
Целта на овој план е стимулирање на економскиот раст, зголемување на социо-економското зближување со земјите од ЕУ и забрзување на усогласувањето со европските вредности и законодавство, имајќи го предвид идното членство, се наведува во соопштението, пренесуваат медиумите во регионот.
„Европските ревизори го поздравуваат воведувањето построги услови за финансирање, поврзувајќи ги плаќањата со исполнувањето на условите што ќе бидат поставени во реформските агенди за различни земји. Сепак, постои ризик дека условите за плаќање не се доволно амбициозни и дека индикаторите не се доволно јасни и мерливи. Исто така, останува тешко да се осигура дека реформите се одржливи, особено во однос на слабите административни капацитети на регионот“, рече членот на Европскиот суд на ревизори Лаима Лиучија Андрикиене.
Таа додаде дека Европската комисија не само што треба да набљудува, туку и да може да бара од владите на Западен Балкан да ги разгледаат и соодветно да ги променат нивните реформски агенди.
Европските ревизори предложија и изработка на соодветен водич за проценка на задоволително исполнување на условите за финансирање предвидени во реформските агенди.
„Поддршка од шест милијарди евра (две милијарди грантови и четири милијарди заеми) е предвидена во планот за периодот од 2024-2027 година. Имајќи предвид дека 14 милијарди евра се веќе ставени на располагање на претпристапните земји (вклучувајќи ја и Турција) од тековниот буџет на ЕУ, ревизорите истакнаа дека средствата што ќе се обезбедат со овој план претставуваат значително зголемување (повеќе од 40 проценти) во финансирањето предвидено за Западен Балкан до 2027 година., се посочува во соопштението.
Ревизорите констатираа и дека предложените мерки за раст објаснуваат зошто економиите од Западен Балкан треба да продолжат да се приближуваат кон ЕУ.
Планот ги истакнува и различните придобивки што ќе ги донесат предложените мерки за регионот, се посочува во соопштението.
„Меѓутоа, во отсуство на проценка на влијанието или аналитички документ, европските ревизори не беа во можност да оценат до кој степен проектираните шест милијарди евра помош веројатно ќе придонесат за постигнување на главните цели на планот. И, на крајот, ревизорите предлагаат допрецизирање на одредени одредби од предлогот што се однесуваат на ревизорските права на Европскиот суд на ревизори и пристап до податоци и документација за да се обезбеди соодветен надзор“, се наведува во соопштението.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, претходно го нарече планот за раст за Западен Балкан „важна понуда, која дава поттик за постигнување напредок во релевантните реформи“.
„Оваа понуда може да го забрза напредокот во нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија преку Дијалогот што го води ЕУ. Секоја од партнерските земји од Западен Балкан има можност да поттикне економски раст и пристап до единствениот европски пазар, уште пред проширувањето – тоа е во интерес на целата ЕУ“, изјави Борел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ужас во Загреб: пронајдено тело во автомобил во одводен канал
Граѓани попладнево во одводен канал во Загреб пронашле возило со тело на непознато лице, соопшти полицијата.
Повикот во полиција стигнал нешто по 13 часот.
Полицијата набрзо пристигнала на локацијата меѓу Антуновац и Тења и потврдила дека лицето во возилото починало, пишува Вечерњи лист.
Истрагата е во тек.
Регион
Сијарто: Фокусот на унгарското претседателство со ЕУ ќе биде проширувањето на Унијата на Западен Балкан
За време на претстојното претседавање со ЕУ, Унгарија планира да се фокусира на прашања кои се важни за централна Европа, како што се борбата против илегалната миграција, проширувањето на Унијата кон Западен Балкан и енергетската безбедност, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, Сијарто на прес-конференција со својот чешки колега Јан Липевски рече дека регионот на Западен Балкан не заслужува да чека 14 години и 11 месеци за членство, што, како што вели, го поткопува кредибилитетот на политиката на Унијата, објави унгарската агенција МТИ.
„Тоа е ситуација што треба да се реши, така што унгарското претседателство (со Унијата) има јасна агенда да им помогне на земјите од Западен Балкан да го забрзаат пристапниот процес“, рече Сијарто.
Посочи дека ефектите од миграцијата директно се чувствуваат во Централна Европа од 2015 година и неопходна е сериозна регионална соработка за да се запре мигрантскиот прилив.
„Чешката, словачката и полската полиција ни помогнаа и ни помагаат на јужните граници на Унгарија да ги задржиме илегалните мигранти кои и се закануваат на Европа надвор од границите. Потребни се континуирани заеднички напори на четворицата централноевропски премиери за да се држи под контрола прашањето за квотите и да не се дозволи илјадници или десетици илјади илегални мигранти да се шетаат неконтролирано“, додаде Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија нагласи дека централна Европа „ќе продолжи да се спротивставува на притисоците поврзани со квотите“. Сијарто се осврна и на енергетската безбедност, наведувајќи дека Унгарија и Чешка планираат нуклеарен развој и затоа ќе продолжат да се борат против негативната дискриминација поврзана со нуклеарната енергија во Брисел.
Нуклеарната енергија е одржлив начин за производство на енергија, тоа е безбеден, еколошки и евтин метод за производство на големи количини електрична енергија“, заклучува Сијарто.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.