Регион
Ердоган: НАТО требаше да преземе порешителен чекор во однос на Украина

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека НАТО требало да преземе порешителен чекор во однос на кризата во Украина, јавува Агенција Анадолија.
Ердоган го критикуваше ставот на Западот за рускиот напад врз Украина, коментирајќи дека премногу советува, а малку презема.
Говорејќи пред новинарите по петочната молитва во Истанбул, Ердоган изјави: „Европската Унија, како и сите други западни концепции, за жал, не зазедоа сериозен и решителен став во моментов“.
Во врска со изјавите на украинскиот претседател Владимир Зеленски дека тие се оставени да се борат сами, Ердоган рече дека советите на Западот и неуспехот да покаже решителен став „не е во согласност со пријателството или солидарноста“.
Претходно денеска Зеленски во видеопорака споделена на социјалните мрежи изјави: „Утринава сами ја браниме нашата држава. Најмоќните сили во светот гледаат оддалеку.“
Подоцна во текот на денот, НАТО ќе одржи виртуелен состанок на шефовите на држави и влади на Алијансата за да се разговара за последиците од рускиот напад врз Украина, на кој ќе присуствува и турскиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Ужас во Јагодина: Внук ги заклал бабата и дедото и избегал

Двојно убиство се случило во близина на Јагодина. Според првичните информации М.М. (39) ги заклал бабата Р.Ж. (76) и дедото Р.М. (79) и избегал. Неофицијално, убиството се случило во селото Богава, општина Деспотовац, а телата на сопружниците биле пронајдени рано утрово во семејната куќа.
Полицијата е на местото на настанот и во тек е истрага, а пристигнати се и обвинителот на Вишото јавно обвинителство во Јагодина.
Регион
Шеќеринска: НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во БиХ

Заменичката на генералниот секретар на НАТО, Радмила Шеќеринска, денес изјави дека алијансата нема да дозволи безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина, откако српскиот лидер Милорад Додик објави дека ќе побара од Москва да ја прекине воената мисија ЕУФОР во таа земја.
Шеќеринска изјави дека НАТО е „трајно посветен на суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“.
Таа додаде дека НАТО нема да дозволи дестабилизација во Босна и Херцеговина, соопшти канцеларијата на бошњачкиот член на колективното претседателство на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, кој се сретна со претставничката на НАТО.
„Без оглед на исходот од претстојната седница на Советот за безбедност на ООН, НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина“, рече Шеќеринска.
Регион
Албанска министерка го разреши својот заменик поради непочитување на забраната за пушење

Министерката за внатрешни работи на Албанија, Албана Кочиу, го разреши својот заменик поради непочитување на забраната за пушење во ресторан во САД, објавува „Спутник“.
Таа потврди на социјалните мрежи дека го сторила тоа врз основа на пријавата на албански државјанин кој живее во Њујорк, каде што бил во посета нејзиниот заменик Анди Махила. Како што изјави, тој пушел цигара во ресторанот „што предизвикало немир кај присутните“.
Албана Кочиу е првата жена на чело на полицијата во историјата на Албанија, а во претходната влада беше министерка за здравство.
Фото: принтскрин